verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

И пропагандата не е она што беше: Наместо игнорирање – деманти и засилени контранапади врз критичките медиуми

on 26 - 10 - 2015       
„Banana Propaganda“ - измислена „пропаганда“ за евтини банани „без коски“. Фото: Travis Morgan, 2010
„Banana Propaganda“, за разлика од онаа опасната, овде измислена „пропаганда“ за евтини банани „без коски“. Фото: Travis Morgan, 2010

 

 

Собирање политички поени врз туѓа грешка во новинарството, па дури и измислување грешки кај другите медиуми, глумењето шокираност, барањата за објавување деманти од лица кои таквата практика ја замреа години наназад, зашто поефикасен стана директниот контранапад преку сопствената пропаганда, како и с’скањето на сопствените гласила да се нафрлат врз медиумите, претставува слабост на газдите на пропагандата и знак дека слободните медиуми зајакнуваат и се во далеку подобра состојба отколку пред две, три или четири години.

 

Пишува: Владимир Петрески

 

Иако поминаа пет и пол месеци од кумановските настани, сѐ уште во јавноста се провлекува една забелешка во однос на сегмент од тогашното информирање на медиумите, која се однесува на веста според која утрото на 9 мај, првиот ден од интервенцијата на полицијата, во престрелките животот го изгубиле тројца цивили, при што некои медиуми известија дека станувало збор за 8-годишно девојче и за нејзините родители, а други и спомнаа име и презиме на едно од наводно убиените лица – Фадил Фејзулаху. Во ваква форма, веста беше пренесена и овде и овде. Некои други медиуми, пак, се воздржуваа од специфики, но наведуваа или дека има „непотврдени информации“ или „има извештаи за загинати цивили“.

Сосема други медиуми, пак, сакајќи да остварат што е поголема дистанца, едноставно пренесоа принтскринови од вести објавени во српски портали, со назнака дека се пренесува што објавиле медиумите од регионот за кумановските настани, во чии наслови (кои се преведени на македонски јазик) со прашална форма се истакнува дека имало и „мртви цивили“ (овде и овде). Она што е интересно во последниве два случаи е фактот што пренесувањето на овие две вести се случува дури утредента, на 10 мај.

Сега веќе знаеме дека оваа вест испадна неточна. И, заради тоа, до ден денешен, од провладините пропагандисти, односно аналитичари, се бара извинување за објавување на „лажната и неточна вест“, при што секогаш се истакнува дека таквото извинување се бара од „опозициските“ и од „соросоидните“ медиуми, иако ниту опозициските медиуми, ниту оние кои се потпомогнати во Фондацијата „Отворено општество Македонија“ (ФООМ) во никој случај не беа единствени кои оваа вест ја пренесоа, како што може да се види од насловите.

Дали ваквите критики врз медиумите и тоа особено издвојувањето на критичките медиуми и барање извинување од нив е фер или, пак, станува збор за нешто друго? Дали станува збор за неточна информација, која се провлекла низ новинарските и уредничките филтри и кои причини влијаеле такво нешто да се случи или, пак, станува збор за свесна манипулација?

 

ИЛЈАДНИЦИ ИНФОРМАЦИИ ДНЕВНО

Најпрвин, веднаш треба да се каже дека грешките и погрешните информации се професионален факт во новинарството. Најеминентниот неделник на светот, лондонски „Економист“, на пример, кој се продава во 1,5 милиони примероци на седум континенти, постои од 1842 година и е единствен странски неделник кој редовно се чита во Белата куќа, во секој број во долниот дел на страниците објавува разни дообјаснувања, поправки, извинувања, дополнувања и слично. На неговите 128-164 страници неделно, има илјадници и илјадници информации и не е ништо чудно некои да се не точни. Македонските медиуми, особено портали, објавуваат меѓу 50 и 150 вести дневно по правило и во нив може да се најде сѐ и сешто и не треба да зачудува ако меѓу тие 100 вести дневно, во просек, кои содржат неколку илјади информации, исто така, се поткраднат погрешни информации, но и цели вести. Тоа особено се однесува на конкретниов случај, кога станува збор за вонредна ситуација, во која ненадејно и без најава цела една населба во вториот најголем град во земјава се најде во војна. Ова, особено важи кога станува збор за пренесени информации од друг медиум, каков што е овде случајот.

Во речиси сите овие вести линкуван е оригиналниот извор – портал на албански јазик. Се разбира, медиумот кој презема вест од друг медиум има обврска истата да ја провери и за преобјавувањето на преземена вест, за која потоа ќе се открие дека била неточна, дел од одговорноста сноси и „преземачот“. Но, да видиме во какви околности се има случено преземањето на оваа неточна вест.

Како прво, веста првично не била објавена само на еден портал на албански јазик, туку на два, „Журнал“ и „Алмакос“, и тоа е јасно наведено од порталите што ја презеле, при што се доставени линкови до оригиналната вест или до едниот или до другиот портал, во зависност од тоа од каде точно е преземена. Инаку, оваа вест не беше објавена само на овие портали на албански јазик, туку на далеку повеќе и тоа и во Македонија, и во Косово, и во Албанија, при што беше пренесена дури и од портали на национални комерцијални телевизии во овие две земји. Уште повеќе, таа беше објавена и во српските медиуми (Правда.рс), а некои македонски портали, пак, ја презедоа и од нив.

Од друга страна, пак, главниот уредник на весникот „Коха“, Бесим Илјази, чиј весник ваквата вест не ја објави, во интервјуто за „Сервис за проверка на факти во медиумите“ (СПФМ) вели дека е горд на својата постапка, но и тој истакнува дека таа вест била нашироко објавена:

„Само за илустрација, на денот на настаните во Куманово, немаше портал, во земјата и надвор од неа, кој не ја објави веста за едно загинато дете заедно со својот родител. Дури ги објавија и нивните имиња. Независно од големиот притисок на јавноста, бидејќи не успеавме да ја потврдиме оваа „вест“, весникот „Коха“ беше единствениот што што не ја објави. На крајот се покажа дека сме биле во право.“

За состојбата да биде уште покомплицирана, некаде во период на објавувањето на оваа вест, како прва официјална информација за кумановските настани, се појави соопштение на Амбасадата на САД во кое таа изрази сочувство до роднините на починатите, но без да се наведе дали тоа се цивили или полицајци. Колку медиумите беа во мрак во текот на првиот ден од акцијата на полицијата во Куманово, покажува и насловот на овој портал под кој е објавено соопштението на американската амбасада:

„Иако нема официјална информација – Американската амбасада изрази жалење за загинатите во Куманово“

 

КРИЕЊЕ НА ЗАГИНАТИТЕ ПОЛИЦАЈЦИ

Од друга страна, пак, од страна на македонските власти немаше никаква информација сѐ до попладневната прес-конференција на полицискиот портпарол Иво Котевски, но, на која не се дозна ништо за евентуални загинати или ранети лица, иако во редовите на полицијата веќе имаше жртви и нивните тела, како и ранетите полицајци, беа пренесувани во болница. Напротив, она што Котевски го кажа на таа прес-конференција беше:

„Засега нема информација за тоа колкав е бројот на повредени цивили и полициски службеници.“

Сега веќе знаеме дека Котевски во 14 часот, значи 8 часа по почетокот на акцијата, многу добро знаел дека има и повредни и загинати полицајци, но тоа одбил да го сподели со јавноста. Кога станува збор за можни цивилни жртви, пак, оваа негова реченица ни појаснува дека ни МВР во тие моменти не било сосема сигурно дали такви има или нема.

Сето ова покажува дека медиумите, особено интернет-порталите, кај кои брзината и количеството на објавени вести се од огромна важност со оглед на спецификата на интернетот како медиум, се нашле во многу небрана ситуација. Како прво, интернет-порталите, кои претставуваат „нови медиуми“, односно оние кои не се дел од новинско-издавачка куќа која во себе содржи и традиционални медиуми (како весници и ТВ-станици), многу ретко имаат дописници или можат да си дозволат да испратат известувачи од местото на настаните. Затоа, тие зависат речиси исклучиво од информациите добиени од институции и од други интернетски или медиумски извори. Но, дента на 9 мај, до 14 часот, сите врати, сите можни извори на информации им беа затворени и тоа со часови. Тоа може донекаде да објасни зошто некои портали, пред сѐ, решиле да ја објават оваа вест и без проверка, кога таа веќе била проширена толку многу.

„Banana Propaganda“. Фото: Travis Morgan, 2010
„Banana Propaganda“. Фото: Travis Morgan, 2010

Дури и тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, на нејзината прес- конференција доцна вечерта изјави дека „МВР нема информација за загинати цивили“, не негирајќи отсечно дека такво нешто е можно, иако дотогаш веќе, според нејзините зборови, поголем дел од вооружената група се предаде.

Нејаснотиите околу тоа дали има цивилни жртви или не продолжија и утредента, а здружението Беса, на пример, јавно поставуваше прашања до властите за тоа дали има или нема цивилни жртви и во понеделникот на 11 мај. Тие, пак, властите, со јасна информација за ова прашање не излегоа никогаш.

Но, ако го погледнеме генералното однесување на медиумите кои ја имаат објавено оваа погрешна вест, веднаш забележуваме дека во текот на траењето на кумановските настани, тие немаат склоност или намера за прикривање или пристрасна селекција на информациите, ниту, пак, манипулации со нив, зашто, во суштина, оваа грешка беше безмалку единствена. Исто така, како што може да се види и од линковите приложени во овој текст, сите информации што произлегоа од официјални извори, истите тие медиуми ги пренесоа коректно и целосно. Беа објавувани и вести дека полицијата ги евакуира и им помага на цивилите да ја напуштат населбата во која се вршат вооружените дејства.

И веста со имињата на лицата што се приведени како членови на вооружената група, преку список објавен од државните органи на 11 мај, во која е содржано и името на наводно загинатиот Фадил Фејзулаху, а кој, всушност, бил приведен од полицијата, е исто така, објавена и од нив. Малку чуди што МВР воопшто не ја негираше првичната вест дека Фејзулаху е убиен, ако веќе тој бил приведен од полицијата уште на 9 мај и не е баш најјасно зошто неговото име е објавено со другите приведени дури на 11 мај и не е искористена шансата да се каже дека тоа лице, за кое некои медиуми напишале дека е убиено, е всушност приведено. Но, можно е во севкупниот хаос на полицијата да ѝ биле потребни два дена да го утврди неговиот идентитет. Сепак, дури и кога тоа беше сторено, МВР не сметаше дека е неопходно да посочи дека тоа лице е приведено, а не е загинато, како што некои медиуми јавиле 48 часа претходно, туку едноставно неговото име беше објавено заедно со имињата на другите приведени. Ваквото незаинтересирано однесување на полицијата ги доведува во прашање барањата за некакво извинување: ако на полицијата не ѝ пречела оваа погрешна вест до таа мера да реши да ја демантира, зошто некој друг, два или пет месеци подоцна инсистира на некакво извинување.

 

ПОКАЖУВАЊЕ СО ПРСТ ВРЗ КРИТИЧКИТЕ МЕДИУМИ

Но, покажувањето со прст врз критичките медиуми за нивните грешки, па дури и измислување грешки како да се претвора во тренд. Дрва и камења беа фрлани врз медиумите (овде и овде) кои пренесоа соопштение на СДСМ, со наслови:

при што пропагандистите се затрчаа да објаснат дека Груевски не бил на средбата, иако од текстот на соопштението се гледа дека името на премиерот е употребено во преносна смисла, ако тоа веќе не е сосема јасно од насловите над кои е пренесено партиското соопштение. Но, овие медиуми одеднаш станаа виновни што СДСМ името на премиерот го употребил во преносна смисла за да илустрира дека власта ја губи поддршката.

Понатаму, телевизиите „Телма“ и „24Вести“, кои го придружуваа лидерот на опозицијата, Зоран Заев, на неговото патување во Израел, беа обвинети за „фабрикување лаги“, па „Телма“ се обвинува дека „се стави во служба на Зоран Заев и на СДСМ и ги пренесе лагите за средбите во Израел на лидерот на СДСМ“ (овде, овде и овде). Сите овие напади се само поради тоа што овие две телевизии објавиле прилог во кој има изјава на лидерот на СДСМ. „Телма“ дури и го објави соопштението на министерот за внатрешни работи на Израел, Силван Шалом, во кое тој ја кажува својата страна од приказната за средбата со Заев. Притоа, во овие напади, конкретно, комплетно е избегната главната вест, а таа е дека на Заев во текот на посетата на Израел му е речено дека таа земја не дала никаква донација за потребите на одбраната на Македонија, што е крајно инкриминирачки за високи функционери на власта, ако се имаат предвид прислушуваните разговори во кои има и таков за кој лидерот на СДСМ рече дека претставува земање провизии за зделки со Израел од областа на одбраната. Објаснувањето на ВМРО-ДПМНЕ тогаш беше дека станувало збор за донација на опрема на Израел за Македонија, а сега гледаме дека никаква донација немало.

Во никој случај не е јасно за какво „фабрикување лаги“ може да стане збор и како тоа може „Телма“ да се обвини со зборовите „ги пренесе лагите“. Дали тоа значи дека медиумите кои во целост и со повеќекратни репризи го објавија говорот на премиерот Груевски на Денот на македонската револуционерна борба, исто така, „фабрикуваат лаги“ зашто не ги проверија наводите во тој говор, кој траеше повеќе под еден час? Ако е така, зошто тие медиуми не го проверија говорот на Груевски пред да го објават и зошто не го одложија емитувањето на овој говор неколку дена, најпрвин да се проверат сите наводи, па дури потоа тој да биде објавен. Особено што, на пример, овој дел од говорот на Груевски е најобична материјална невистина, која и тој и неговиот министер за финансии, Зоран Ставрески, повеќепати ја имаат повторено:

„Во минатите две години, Македонија, споредено со другите земји во Европа, имаше втор највисок раст на економијатa. И во 2013 и во 2014. Втор највисок раст во Европа.“

Кога веќе премиер и министер за финансии искажуваат невистини, од кои едниот во говор на национален празник, не би било лошо Груевски и Ставрески да се договорат тоа да го прават барем истоветно – едниот да не вели дека економскиот пораст на земјата во 2013 година бил трет најголем во Европа, а другиот втор најголем во Европа. Ни едното, ни другото не е точно, но барем невистината нека им биде конзистентна. Се разбира дека во ваква ситуација, кога се пренесува изјава или говор на политичар, одговорноста лежи на оној кој ја дава изјавата или на оној политичар кој држи говор, поради што нападите врз „Телма“ и врз „24Вести“ за обично пренесување изјава се бесмислени.

Следна ситуација на фрлање дрва и камења по медиум беше информацијата на „Телма“ дека Европската унија решила да го покани Иванов наместо Груевски на средбата на која се говореше за заедничкото европско справување со бегалската криза, при што е истакнато дека информацијата е добиена од „извори на Телма во Унијата“. Телевизијата сите реакции, деманти и дополнителни информации уредно ги објави, но и покрај тоа беше предмет на безочни напади. Таа дури и беше обвинета дека не го објавила демантот на Владата („Сдсмовската Телма продолжува со тешките лаги и не објавува одговори од Владата“), што не е точно (еве го овде).

 

КОНТЕКСТОТ, КАКО И СЕКОГАШ, Е НАЈВАЖЕН

Ако критиките за погрешната вест во текот на настаните во Куманово за загинатите цивили ги поставиме во контекст на сите овие напади, со кои се соочуваат медиумите во последно време, тогаш сликата станува појасна. Едноставно, станува збор за хајка и за обид за перење на сопствените гревови, традиционално преку употреба на пропаганда типична за современите авторитарни и популистички политички системи. Она што е најважно да се истакне е дека во ниеден од овие написи и прилози, кои се предмет на напади, нема свесна манипулација, односно намерно изместување на фактите или објавување на погрешни факти со предумисла. Од друга страна, пак, реториката што се употребува во нападите врз нив, пумпањето на новинарските грешки и нивно претворање во нешто што не се, или, пак, целосно измислување непостоечки грешки, замената на тезите заради постигнување политички цели, покажува дека овие напади врз медиумите не се вршат за да се расчистат нештата и за да се подигнат новинарските стандарди, туку сето тоа да се искористи во пропагандно-политички цели за потребите на политичките газди.

Самиот факт што дури сега пропагандата реши да обрне внимание на работата на оние медиуми, чие дејствување не ѝ се допаѓа со години наназад и да се прекине со неколкугодишното игнорирање на непослушните медиуми, претставува знак на слабост и назнака дека пропагандистите мораат да се соочат со сопствените гревови. Речиси никогаш порано кога ќе се појавел критички текст во медиумите, пропагандистите не се јавувале и не барале деманти, туку едноставно следел контранапад преку бројните пропагандни средства, кои им стојат на располагање. Ваквата промена на стратегијата на пропагандистите покажува дека досегашното игнорирање на медиумите повеќе не е доволно и дека покрај користењето на сопствените пропагандни средства, мора да се бара и демант во вистинските медиуми, во оние кои не им се по волја. Политиката на игнорирање, која од прва рака ја слушнавме во прислушуваните разговори, кога пропагандистите се радуваа дека новинарите, освен на три-четири портали, немаат каде да ги објават своите критички текстови и да ги пренесат важните информации, кои нема каде на друго место да се објават, повеќе не функционира.

Сега, во доцниов период на актуелнава политичка криза, кога позициите и демократскиот капацитет на двете страни се добро познати, нападите врз медиумите само зашто си ја вршат својата работа во никој случај нема да придонесе ниту граѓаните да имаат поголема доверба во нив ниту, пак, да се кренеме од срамното 124. место на листата на „Репортери без граници“, кое, инаку, е последно во Европа западно од Белорусија, Русија, Украина и со Турција. Ако на пропагандистите за ова сѐ уште воопшто им е грижа и ако воопшто им значи нешто.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести