verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Илјази: Секогаш сме чувствувале политички притисоци

on 5 - 09 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Бесим Илјази: „Нема вид на притисок кој што не сме го преживеале во текот на овие девет години.“
Бесим Илјази: „Нема вид на притисок што не сме го преживеале во текот на овие девет години.“

 

Во пресрет на една средба, која ќе се одржи кон средината на септември, а на која во фокус ќе биде напредокот и состојбата на албанските медиуми во Македонија, се реализира еден циклус интервјуа, како желба да се отвори дебата и да се поттикне или да се забележат предизвиците и успесите на албанските медиуми.
Ви го донесуваме интервјуто со главниот уредник на весникот „Коха“, Бесим Илјази. Во наредните денови ќе следат други интервјуа.

 

Пишува: Фатлуме Дервиши

 

На пазарот на печатените медиуми во Македонија, веќе девет години е присутен и весникот „Коха“. Главнот и одговерен уредник, Бесим Илјази, вели дека поминале многу предизвици и успеале. Но, сепак, тој вели дека најголемиот предизвик е довербата на читателите. Само пред неколку недели, од анкетата реализирана од Меѓунардониот републикански институт (ИРИ) овој весник беше прогласен за победник по читаноста на политичките вести, оставајќи ги зад себе и најголемите весници на македонски јазик. За главниот уредник на весникот „Коха“, Бесим Илјази, имајќи ги предвид сите околности на медиускиот пазар, ова е една голема сатисфакција што ја потврдува нивната професионална работа.

 

Како гледате на развојот на печатените медиуми во Македонија, каде според анкетата на ИРИ, еден весник на албански јазик е најчитан за политички вести, во земја каде, сепак, македонскиот јазик се употребува најмногу?

Илјази: Несомнено декa ова е една голема сатисфакција што го потврдува нашето професионално залагање за одговорно новинарство сите овие години. Читателите знаеле да го ценат тоа. Среќни сме што овие позитивни оцени се објавуваат од една релевантна меѓународна организација како што е Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

 

Која е одговорноста на вработените во весникот „Коха“ за информирање на албанската јавност во Македонија!

Илјази: Весникот „Коха“, освен што информира точно и навремено, знае да биде и лидер во спречувањето на лошите политики. Да ве потсетиме дека весникот „Коха“ беше прв кој се спротистави на „Македонската енциклопедија“, беше против воведувањето на македонскиот јазик од прво одделение, беше против неправедното стимулирање на наталитетот во државата, беше против погрешниот попис на населението, за потребата од прочистување на избирачкиот список, за неправедната поделба на средствата од државниот буџет и многу други случаи. Повеќето од овие проекти беа подготвени од Владата и ние се гордееме што се спротиставивме и го спречивме нивното реализирање.

 

Колку е тешко да се биде весник во ова време? Каков е притисокот на пазарот и интернет-медиумите, иако вие имате и портал на интернет?

Илјази: Постои нелојален пазар, каде што се стимулираат македонските медиуми и тие што се блиски со власта. Нормално дека е тешко да се наметнеш со квалитет, но ние успеавме да преживееме благодарение на нашето беспрекорно ангажирање. Што се однесува до интернет-медиумите, тука има два аспекта. Вистина е дека овие медиуми им наштетуваат на печатените медиуми, но, од друга страна, има и една предност. Нивната борба за кликнувања честопати ги тера да прават намерни грешки и наместо да ја исполнат нивната главна мисија – да информираат, тие стануваат извор на манипулации и на тој начин ја губат довербата на јавноста. Ние, како весник, не можеме да си го дозволиме тоа. Само за илустрација, на денот на настаните во Куманово, немаше портал, во земјата и надвор од неа, кој не ја објави веста за едно загинато дете заедно со својот родител. Дури ги објавија и нивните имиња. Независно од големиот притисок на јавноста, бидејќи не успеавме да ја потврдиме оваа „вест“, весникот „Коха“ беше единствениот што што не ја објави. На крајот се покажа дека сме биле во право.

 

Дали чувствувате политички притисоци?

Илјази: Новинарството секогаш имало притисоци од политиката. Ова сме го чувствувале од денот кога сме одлучиле да се занимаваме со новинарство. И како весник, нема вид на притисок што не сме го преживеале во текот на овие девет години. Свесни сме дека овој притисок, во поголема или во помала мера, ќе постои и во иднина, независно од тоа кој ќе биде на власт.

 

Во некои случаи сте биле етикетирани како провладин медиум. Дури, сте биле обвинети дека редовно земате значителни средства од власта. Како би ги коментирале ваквите обвиненија?

Илјази:  Една исправка на Вашето прашање. Во ниту еден случај не сме биле обвинети за тоа што го велите, освен од главниот уредник на „Алсат-М“, Мухамед Зекири. Кога тој нè атакува, ние знаеме дека сме на вистинскиот пат. Точно е дека се разликуваме за нашите гледишта, како за протестите на македонската опозиција и лагите кон Албанците дека ќе се објави вистината за сличајот „Монструм“, исто така, се разликуваме за идејата да се отвори албански унивезитет во Скопје. Со еден збор, имаме доста разлики и тие не се нови. Тие датираат од 2001 година, кога тој работеше  во македонската телевизија „Канал 5“, медиум кој војниците на УЧК ги нарекуваше „терористи“. Не разбираме зошто наместо дебата за овие спротиставени ставови, што сметаме дека е сосема нормално и демократски, тој, во недостиг од аргументи, ја рурализира дебатата и отвора фронт со весникот „Коха“, велејќи дека земаме пари од владата. Има разлика помеѓу зборовите „зема“ и „заработува“. Да објасниме за јавноста: вистина е дека весникот „Коха“, заедно со сите други весници на албански и на македонски јазик: „Дневник“, „Слободен печат“, „Лајм“, „Вест“, „Утрински весник“, „Нова Македонија“, итн., учествува во легална процедура на јавни тендери и во конкуренција со гореспоменатите медиуми, губи или добива некој тендер за објавување на огласите на јавните институции. Јавноста треба да знае дека е предвидено со закон сите огласи на државните или јавни органи мора да бидат двојазични. Другите елементи што се однесуваат на спецификите на барањата за објавување на државните огласи во весниците, во некои случаи се бројот на секојдневните печатени копии, тиражот на весникот, кои весникот „Коха“ ги исполнува како барања. Овој елемент може да биде непознат за јавноста, но се чудиме како може ова да не го знае еден новинар? Читателите може да забележат дека на страниците на нашиот весник нема ниедна владина реклама, со ретки случаи кои не може ни да се споредат со буџетите што ги земаат македонските медиуми. Ние сме подготвени да разговараме со аргументи за сите теми за кои сака господинот, дури и за финансирањето, бидејќи тука и немаме некоја разлика. Кратко кажано, злонамерноста на овој човек доаѓа поради различните уредувачки политики. Најдобриот одговор за него е довербата на читателите, која пред некое време беше искажана преку анкетата на ИРИ, каде весникот „Коха“ беше прв на листата, дури и пред македонските медиуми.  Земам за право да кажам дека горди сме што на национално ниво сме единствениот професионален чисто албански медиум во Македонија.

 

Опишете ги односите на „Коха“ со албанските политички партии во Македонија! Дали сте имале притисоци или закани во некој случај? Како сте се соочиле со нив? А, дали имало случаи кога сте биле занемарени како медиум?

Илјази: Ние имаме коректни односи со сите. Проблемите со кои се соочуваме во нашата работа обично се поради катастрофалните услуги за информирање на албанските партии, каде под изговорот дека треба да се консултираат со „шефот“, портпаролите честопати нè ставаат во ситуација да не можеме да ја реализираме дадената тема. Што се однесува до директните притисоци, треба да го спомнеме случајот со „реформаторот“ Зијадин Села, кој за еден напис што ги бранеше токму неговите права и ја критикуваше власта, бесрамно и подмолно го тужеше весникот „Коха“ за наводно неавторизирано објавување на неговите лични податоци. Тоа што е интересно со ова тужба е дека ако се казнеше весникот „Коха“, парите што ќе требаше да ги уплатиме ќе одеа во државниот буџет. Затоа ние сме зачудени од овој „реформатор“, кој сакаше да оштети еден весник на албански јазик за сметка на буџетот на Македонија. За среќа, двапати по ред, судот одлучи дека Села нема право и неговата тужба беше отфрлена како неоснована.

 

Во Македонија има недостиг од печатени медиуми на албански јазик. Дали големата конкуренција би ја подобрила или би ја отежнила работата на весникот „Коха“?

Илјази: Весникот „Коха“ е навикнат на конкуренција и тоа уште од првиот ден. Да не заборавиме дека овие последни девет години ние бевме на пазарот заедно со весникот „Факти“, весникот „Шќип“, весникот „24 оре“, весникот „Лајм“, весникот таканаречен „**** e ре“, како и со весникот „Жернал“. Токму оваа конкуренција, која честопати знаела да биде и нелојална, влијаела „Коха“ да биде таму каде што е денес.

 

Како гледате на развојот на медиумите на албански јазик и тие на македонски јазик? Дали реално има унапредување во медиумите на албански јазик?

Илјази: Земјата поминува низ тежок економски период и нормално дека ова се одразува на развојот на медиумите. Додека приватниот сектор е ослабнат, зголемено е влијанието на јавниот сектор. И токму затоа, „Коха“ инсистираше Здружението на новинарите на Македонија, во почнатиот дијалог со Владата, да побара средствата што се трошат на име на огласи и на кампањи, да се потрошат на транспарентен начин и според точно определени професионални критериуми. За жал, ништо од тоа не е реализирано до денес.

 

Сега, кога се дискутира улогата на јавниот ТВ-сервис, кој е Вашиот став за ова дискусија, но и за самата МТВ?

Илјази: Проблемот со МРТВ е системски и не само конјуктурен, како што се пропагира од некои луѓе со лични амбиции. Овој проблем постои од независноста, па наваму и досегашните власти не биле заинтересирани да имаме јавен сервис кој ќе биде во интерес и во служба на граѓанинот. Во некои случаи не успеало вистинското трансформирање на државната телевизија во јавен сервис, како што беше случајот со хрватската државна телевизија, која е трансформирана и која претставува позитивен пример за тоа каков треба да биде јавниот сервис што се финансира од даночните обрвзници.

 

Какви се Вашите односи со колегите од другите медиуми и колку се важни добрите колегијални односи за олеснување на новинарската работа?

Илјази: Весникот „Коха“ зад себе има одличен период од девет години на соработка со колегите новинари. Ние сме поборници на мислењето дека заедно сме посилни. Ова се докажа кога пред неколку години се направија реформите во Здружението на новинарите на Македонија. На иницијатива и на инсистирање на нашиот весник, која потоа беше поддржана и од другите колеги Албанци, но и Македонци, се направија измени во статутот ЗНМ. Како резултат на тоа се воведе наградата „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство, и тоа за сите новинари, и се овозможи со статут албанскиот јазик да се употребува рамноравно со македонскиот. Сметаме дека ЗНМ можеше да направи уште повеќе во тој период, но, за жал, новинарите ја изгубија компактноста која ја имаа на почетокот.

 

(Од Сервисот за проверка на факти во медиумите на албански јазик)

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести