verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Државата, тоа сум јас – политичката партија на власт

on 15 - 06 - 2016       
Партиска држава, заробена држава, институции во синџири. Фото: Гугл
Партиска држава, заробена држава, институции во синџири. Фото: Гугл

 

Во актуелниот момент од развојот на Република Македонија и особено во услови на продолжителна политичка и правна криза, медиумите имаат многу важна задача – да не дозволат воспоставување на перцепција за нормалност на „ненормалното“. Во секоја ситуација, тие треба да го поставуваат одново и одново прашањето за раздвојување на партијата (на власт) од државата, односно да ги проблематизираат сите активности што го создаваат впечатокот на легитимност на едно вакво поврзување

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт по човекови права

 

Плурализмот (а во тој контекст и повеќепартискиот политички систем) претставува суштински елемент на современата демократија. Тој не се сведува на избори и не се исцрпува и не завршува со изборите на кои граѓаните имаат можност да избираат меѓу повеќе партии. Тоа што една партија ќе извојува победа на изборите, не значи дека по изборите државата почнува да функционира како еднопартиска. Тоа само значи дека една политика, една стратегија на функционирање на државата станала доминантна. Меѓутоа, самите институции, државните органи, се и остануваат институции и органи кои треба да водат грижа за потребите и за интересите на сите граѓани (значи, и за потребите и за интересите на граѓаните што гласале за други политички опции или, пак, кои воопшто не гласале за ниту една политичка опција), односно, мислењето и влијанието на граѓаните кои гласале за други политички опции или воопшто не гласале, мора да биде присутно и видливо во функционирањето на државата.

Во извештаите за напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ, континуирано се зборува за проблемот на мешање на државата и на партијата или „политизацијата“ на државата, што само се истакнува во последниот извештај од 2015 година:

Потребно е да се одговори на широко распространетите наводи за политизација и за политичко мешање на партиите од извршната власт и од владејачките политички партии во работата на агенциите за спроведување на законот и во судството. Содржината на следените комуникации вмешува членови на Владата и високи функционери во злоупотреба на власта и во корупција во областа на јавни набавки, урбанистичко планирање, финансирање на политички партии и во вработувањето во јавниот сектор, како и мешање во независноста на судството, медиумите и изборите. Загрижувачка е неволноста на релевантните тела за спроведување на законот, вклучително и на Јавното обвинителство, да постапат по овие разоткривања на брз и решителен начин. Ефективната борба против корупцијата бара не само активни напори од страна на телата за спроведување, регулаторните и надзорните тела, туку, исто така, и политичка волја на сите други учесници за да им овозможат да ги извршуваат нивните функции целосно, како што е пропишано со закон (види, исто така, ’Итни реформски приоритети’).

Во извештајот и во препораките на групата искусни експерти предводена од Рајнхард Прибе, подготвени во јуни 2015 година, едно од централните места зазема проблемот на спојувањето на партискиот со државниот интерес:

Интересот на политичарите и на партиите не треба да се меша со јавниот интерес на државата;

 

Многу од сомнежите што претходно беа покренати, а се однесуваат на мешањето во судството, ограничувањето на слободата на медиумите, изборните нерегуларности, спојувањето на државата и партијата…

Ова се рефлектира во понатамошното договарање насочено кон обезбедување фер и демократски избори:

Овој договор ќе ги опфати реформите што треба да се преземат во областа на поглавјата 23 и 14, застапување и независно функционирање на надлежните државни органи, поголема слобода на медиумите и целосна согласност со мислењата и со препораките на Венециската комисија.

Овие забелешки значат дека во градењето на демократската држава во Македонија е направена системска грешка и партијата што ја освоила власта, всушност, го претвора државниот во партиски апарат. Ова се манифестира во отсуството на каква било разлика меѓу презентирањето на државните и на партиските ставови, во видливото претпочитање и во бенефициите кои се поврзуваат со партиската припадност и во отворената негрижа за потребите, интересите и за искажаните мислења на тие што не ги делат партиските ставови. Дури, само како илустрација, сè што е поинакво се етикетира како резултат на опозициско дејствување, а со тоа дури и не заслужува да се разгледува, а камо ли да се постапува по таквото барање.

 

ЗА ПАРТИСКАТА ДРЖАВА НЕМА СОМНЕВАЊА МЕЃУ СТРАНСКИТЕ ЕКСПЕРТИ

Сето ова, исто така, покажува дека одвојувањето на државата од партијата не е спорадичен, туку суштински елемент на градењето услови за фер и демократски избори, односно се појавува како многу клучен проблем во актуелниот момент на политичка и на правна криза.

Меѓутоа, постепено, потребата за раздвојување на државата од партијата не само што исчезнува од преговарачкиот корпус:

Опозицијата се откажува од третиот услов – одвојување на државата од партијата, бидејќи не верува дека тоа може да се случи за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски,

туку станува и целосно небитна во медиумското информирање, наспроти претходниот период кога, под влијание на извештајот на експертската група и текстот на договорот, кон крајот на 2015 и на почетокот од 2016 година, посветуваа значајно внимание на проблемот:

Уште повеќе, се стекнува впечаток дека медиумите прифаќаат еден нов вид „нормалност“ во која е сосема во ред партијата (или нејзиниот претседател) да се изедначува со државата, активностите на партиските челници да се поистоветуваат со тие на државните функционери, а интересите на партијата да се поистоветуваат со интересите на државата:

Многу ретко и многу спорадично, во последниве месеци, се посочува фактот дека Никола Груевски во моментот е само претседател на политичка партија, но не и претставник на државата:

Во 18 градови ширум Македонија ќе се градат фитнес зони, најави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој во моментов нема никаква функција во Владата.

 

РАЗДВОЈУВАЊЕТО НА ПРАТИЈАТА ОД ДРЖАВАТА – ВАЖНА МИСИЈА НА МЕДИУМИТЕ

Уште поретко, во медиумите се прават анализи кои на јавноста ѝ го презентираат проблемот во неговите пошироки размери:

Политичката криза е решена. Економијата се ослободува од стегите на кризата. СДСМ се свесни дека народот не им дава поддршка. Како и секогаш, ВМРО-ДПМНЕ ги става интересите на народот пред партиските и пред личните интереси’, ова го изјави Груевски во Владата на 15 јули, додека истовремено група од стотици директори на јавни и државни институции, вработени во администрацијата, учителки и субвенционирани земјоделци тргнале масовно да донираат за партијата.

Во една ваква ситуација, медиумите воопшто не ни обрнуваат внимание на фактот дека дури и на официјалната веб-страница на Владата на Република Македонија, постојано се појавува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во улога на државен функционер:
Промовирани десет наслови од проектот за превод на илјада стручни книги Влада на Република Македонија-crop

На овој начин медиумите не само што ги дезинформираат граѓаните, туку стануваат учесници во создавањето перцепција дека демократијата подразбира и се базира на мешање на државата и на партијата, односно дека партијата која ќе ја освои власта на изборите станува апсолутен (читај: неограничен и неконтролиран) властодржец. Ова дури се истакнува и со пласирање текстови според кои односот партија – држава, каков што постои во Македонија, е карактеристичен за сите демократски држави и не треба ништо да се менува.

Во актуелниот момент од развојот на Република Македонија и особено во услови на продолжителна политичка и правна криза, медиумите имаат многу важна задача – да не дозволат воспоставување на перцепција за нормалност на „ненормалното“.

Во секоја ситуација, тие треба да го поставуваат одново и одново прашањето за раздвојување на партијата (на власт) од државата, односно да ги проблематизираат сите активности што го создаваат впечатокот на легитимност на едно вакво поврзување.

На тој начин медиумите ќе придонесат за таков развој на демократската држава, кој попречува пробив на едноумието. Впрочем, секоја партија што ќе дојде на власт треба и мора да биде ограничена во нејзиното дејствување и самоволие со правните закони. Само во такви услови може да се создава атмосфера во која атакот врз партијата на власт не се перципира како атак врз државата туку како заштита на граѓаните од злоупотребата на државата.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести