verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Дојавувачот од 1971 година: Приказната за Серпико

on 3 - 12 - 2015       

 

6221225386_f25ae1b62c_o
Ал Пачино во филмот „Серпико“ од 1973 година. Фото: филмски плакат

 

Јунакот во борбата против корупцијата, Френк Серпико, речиси половина век се бори за својот опстанок, а медиумот кој направи тираж од неговата сторија, прв го заборави.

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Како дел од корпусот акти што треба да се усвојат во фазата на стабилизација на земјава по Договорот од Пржино, е и предлог-законот за заштита на укажувачите на криминал, или т.н. „свиркачи“, што веќе две години е во фиоките на Министерството за правда. Неговото разгледување во Собранието беше запрено со објавувањето на материјалите од т.н. „бомби“ на Зоран Заев. Овој закон, заедно со оној со кој власта предлагаше забрана за објавување на т.н. „бомби“, е дел од меѓупартиските преговори за решавање на политичката криза во земјата, со тоа што по прашањето на медиумите одново имаме застој на преговорите.

Овие акти што треба да се најдат пред пратениците ја имаат и меѓународната поддршка бидејќи „отвораат сериозни прашања во врска со слободата на изразувањето, правото на граѓаните на приватност и доброто владеење, кои што сите заедно треба да бидат адресирани во склад со меѓународните обврски на Македонија“, се наведува во една од писмените реакции на Амбасадата на САД во Скопје. Се разбира, во една од конкретните препораки од Европската комисија по извештајот на Рајнхард Прибе стои дека Македонија треба да воспостави механизам за заштита на „свиркачите“ или „укажувачите“. За ова е укажано како потреба со иницијатива на „Транспаренси интернешнал“ – Македонија уште во 2012 година.

 

ОДБРАНАТА НА ТОМ ДИВЈАН

Србија веќе донесе Закон за заштита на имателите на информации, а како дел од подуката на новинарите во неговата примена во оваа земја, престојуваше и најпознатиот американски адвокат кој е преокупиран со одбраната на т.н. свиркачи – Том Дивјан. Неговата адвокатска канцеларија застапувала 6.000 лица, кои дале вакви корисни информации за борба против малформациите на системот во САД. Најчесто тој во своите предавања го споменува случајот со полицаецот Френк Серпико.

Кој е тој полицаец? Тие што денес имаат повеќе од 50 години секако се сеќаваат на аферата „Серпико“, кога полицискиот детектив од Њујорк, во 1971 година, откри цела мрежа колеги кои не се бореле против трговците со дрога, туку работеле во нивна полза. Тие што не ги следеле новинарските приказни, две години подоцна можеа да го надоместат тоа со гледање на филмот на Сидни Ламет, каде реалниот херој беше овековечен од актерот Ал Пачино.

Вистинскиот Френк Серпико сè уште е жив и здрав, иако во поодминати години. Чекал долго за да напише книга за настаните што му го променија животот, ама сè уште не се осмелува – него сè уште го мразат и тоа некогашните колеги! Како што вели, сè уште добива заканувачки писма и пораки. Тој вели дека „лошите работи не се менуваат“. Дел од животот го минал во Европа за да се заштити. Вели „во странство, секогаш бев подобро прифатен во однос на мојот роден град Њујорк“.

Инаку, сè се има случено како што е опишано во филмот. Франческо Винсент Серпико е најмладо дете на италијански доселеници од Неапол. Бил учесник во војната во Кореја. Кога се вратил во Њујорк, некое време работел како приватен детектив и посетувал колеџ во Бруклин. Во септември 1959 година, тој се приклучи на полицијата во Њујорк. Набргу се уверил дека полицијата ги рекетира своите сограѓани. Веќе во 1967 година, објавил дека постои недвосмислен доказ за корупција во полицијата. Некои од неговите колеги биле ангажирани како чувари на трговците со дрога. Никој не обрнувал внимание на неговиот извештај, сè додека еден полицаец – Давид Дурк, не застанал на негова страна и го потврдил напишаното од Серпико. Таа мрачна вистина ќе останела во административните лавиринти ако полицаецот не се одлучил да ја објави преку сведоштво во „Њујорк тајмс“, во текст објавен на насловната страница. Нема разврска без афера, а нема афера без насловна страница. Но, тоа е само првиот чин од драмата која обично нема среќна разврска. Да ја опишеме накусо.

Одекот бил навистина силен. Тоа, сепак, бил напад врз полицијата и врз нејзината репутација. Кусо време потоа Френк Серпико бил ранет при апсење на шверцери со дрога. Тоа се случило на 3 февруари 1971 во Бруклин. Ниту еден од неговите колеги не сакал да реагира, кога тој се јавил по полициската врска дека е ранет во главата. Куршумот поминал во близина на око. Тој искрварил обилно, бидејќи, пред сè, неговите колеги не му пружиле помош ниту, пак, повикале итна помош?! Само еден неидентификуван стар човек, станар во зградата каде што требало да бидат уапсени наводните шверцери на дрога, повикал медицинска екипа и останал покрај тешко ранетиот детектив. Тој дури и не знаел дека се работи за полицаец.

Подоцна се утврдило дека Серпико бил наместен – се упатил во стан каде немало што да бара, но колегите му ги дале „координатите“ со јавување дека ќе му се придружат, ама не го сториле тоа. Серпико тешко закрепнувал. Тој останал глув на едното уво и страдал од неподносливи главоболки: куршумот тешко го оштетил неговиот мозок. Дури на 3 мај 1971 година магазинот „Њујоршко метро“ ќе објави напис – „Портрет на чесен полицаец“. Иако дури потоа бил награден со Медал на честа, највисоката награда што може да се добие некој полицаец, Серпико се пензионирал на 15 јуни 1972 година. Му било јасно дека за него нема повеќе работа со довчерашните колеги, како и дека следната заседа што ќе му ја направат ќе биде сигурно фатална. Тој изјави дека медалот му е врачен речиси инкогнито, како да му даваат кутија цигари.

Серпико многу страдал и во приватниот живот. Филмот има во завршницата една романтична сторија, но во стварноста тој трипати се разведувал – жените едноставно не можеле да живеат со лице во кое гледале „покојник“.

 

ВО СТРАНСТВО, ПА ВО ПЛАНИНИТЕ

Побегнал најпрвин во Швајцарија, а потоа заминал во Холандија, каде што се оженил четврти пат. Со последна сопруга, Маријана, живееле мирно на фарма и им се родил син.

Кога при снимањето на филмот актерот Пачино го прашал Серпико зошто се одлучил да се бори против корупцијата во полицијата, добил одговор: „Не знам зошто го направив тоа. Тоа е како кога одлучувате да слушате некоја музика?“

По смртта на жена му, во 1980 година, Серпико се вратил во САД, ама и денес живее некаде далеку во планините, како старите трапери, со систем кој му овозможува да дознае дали некој прељубопитен се распрашува за него во крајот. Живее од биографијата што ја напиша Питер Маас, а која беше продадена одамна, во повеќе од три милиони примероци.

Каква е тука улогата на медиумите? Може да се рече дека тие направија добри тиражи со приказните за Серпико, ама не го бранеа доследно и како да не им беше потоа гајле што ќе стане со него! Според пребарувањето што го направивме на интернет, „Њујорк тајмс“ има издадено 17 статити во почетокот на 70-тите, кога аферата ја отворил и ја држел „жешка“, ама оттогаш нема објавено ниту ретче за овој херој во борбата против корупцијата! Тоа се виде и кога умре Давид Дарк, пред три години, единствениот кој сведочеше во корист на Серпико. Имаше по некоја статија за овој човек, ама одново тоа е индивидуализирана сторија, а не дел од некаква афирмација на општествената полезност на борбата против корупцијата, односно без јасен апел дека таа храброст треба да се поддржува како дел од некаква полезна и трајна општествена акција!

Омразата кон Серпико е долга и трајна, а неговата заштита кревка, несигурна и подложна на брз заборав!

„Мислев дека човекот треба да биде одговорен. Многу сериозно, јас ја прифатив сопствена одговорност … Сепак, денес сум принуден да се бранам од оние чија чест како институција ја бранев. Проблемот е во тоа што некои сè уште се обидуваат да ја уништат мојата чест. Сега не ми е грижа за тоа. Јас сум премногу стар!“, изјави Франческо Серпико неодамна за „Дејли њуз“.

Тој е убеден дека неговите помлади колеги сè уште се убедени дека нечесноста се исплати, односно дека секој кој искрено ја работи својата работа, всушност, е предавник.

„Кога ќе умрам, не сакам никој да дава некролози во весниците. Јас само сакам обична камена плоча. Плоча со еден отвор. Таму ќе се собира дождовница и птици ќе слетуваат да се напијат вода“.

Овој случај, како и многу други што заслужуваат да се анализираат, само ја докажува тезата дека медиумите се навистина битен дел од разоткривањето на деформациите на еден систем, но дека тоа често го прават „по пазарни услови“, без особена грижа докрај и без доследно да го бранат својот извор. Дури и кога се работи за славниот „Њујорк тајмс“. Објавената сторија веднаш станува – лански снег.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести