verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Додадената вредност на повредената приватност

on 1 - 07 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Ни медиумите не смеат да објавуваат цела серија на лични податоци. Фото: See-ming Lee
Ни медиумите не смеат да објавуваат цела серија лични податоци. Фото: See-ming Lee

 

 

Начинот на објавување на оваа „вест“ остава простор за претпоставка дека единствена цел на објавувањето била нарушување на угледот, јавен линч на лицата чии податоци се објавени и заплашување на другите учесници на протестот

 

Пишува: Елена СТОЈАНОВА

 

„ПОЗНАТИ ИДЕНТИТЕТИТЕ НА УАПСЕНИТЕ: Дошол од Струга да крши во Скопје по нарачка на Заев – плаче зошто го уапсиле!“  Ова е наслов кој на прв поглед можеби ветува интересен „информативен“ текст, но под насловот, текст практично и не постои. Сѐ што може да се прочита под насловот се лични податоци на лица приведени за време на одржување на протести и информација врз основа на кој закон истите биле приведени.

Име и презиме, датум на раѓање (ден, месец, година), адреса на живеење (улица, број и место) и фотографии се личните податоци кои се објавени како вест без притоа да биде дадено образложение зашто се објавени во целост. Можеби е важно да се посочи поведението на младите луѓе, од каде тие доаѓаат, но важно ли е на кој датум се тие родени или, пак, на која адреса живеат?!

ПОЗНАТИ ИДЕНТИТЕТИТЕ НА УАПСЕНИТЕ Дошол од Струга да крши-crop
(Кликнете за поглем формат)

Начинот на објавување на оваа „вест“ остава простор за претпоставка дека единствена цел на објавувањето била нарушување на угледот, јавен линч на лицата чии податоци се објавени и заплашување на другите учесници на протестот. Информацијата за тоа врз основа на кои закони и членови од законите биле приведени лицата се објавени, но без притоа да бидат појаснети, што дополнително укажува на фактот дека единствената „вредност“ на оваа објава се разоткриените лични податоци на лицата. Порталот очигледно презел информации од дневниот билтен на МВР во кој стои:

„На 28 јуни 2016 година во времето од 19.40 до 21.40 часот во Скопје во организација на граѓанско здружение „Протестирам“, околу 1.500 граѓани одржале протест, со движење од СЈО низ централното градско  подрачје. По завршување на протестот во 21.40 часот приведени биле: К.С. (27) од Скопје по чл.27 од ЗППЈРМ и по чл.15 од Законот за лични карти, К.Ж. (33) од Струга, по чл.15 од Законот за лични карти, а бил повикан и П.Б. (30) од Скопје по чл.27 од ЗППЈРМ.“

Како што може да се забележи, во дневниот билтен на МВР објавени се иницијали, возраст и место (град) на живеење на лицата, што е доволно за анонимизација на лицата до која задолжително треба да се држат и медиумите кога известуваат.

Наместо да се потруди да ги појасни основите за приведувањето на лица за време на протести, времето го посветил на барање на целосните лични податоци на лицата. Порталот се насочил на тоа да биде оваа вест читана и актуелна за неговата публика, но притоа заборавил да мисли на последиците од објавувањето на сите лични податоци. Контекстот во кој се објавени податоците и нивниот обем го отвораат и прашањето што можат овие лица да очекуваат по оваа објава: честитка за роденден на домашна адреса или можеби закани за нив или нивните семејства?

Доколку се следи основниот принцип на правичност во медиумско известување, кој се однесува на заштита на приватноста на лицата за кои се известува, медиумот мора да тргне од битноста на информацијата. Во конкретниот случај, суштествена би била едукативната димензија, односно, обврската на медиумот преку информација да ги едуцира граѓаните дека во согласност со Законот за прекршоците против јавниот ред и мир (ЗППЈРМ), секој кој го оневозможува користењето или оштетува јавни згради, јавни чешми, извори, плажи, паркови, шеталишта или други јавни објекти и инсталации или истите ги загадува со материи и со отпадоци со кои се загадува животната средина и природата ќе му се изрече глоба во износ од 100 до 400 евра во денарска противвредност (член 27).

Објавувањето на идентитетот на лицата кои биле приведени, нивните датуми на раѓање, целосните адреси и фотографиите е преобемно во однос на битноста на информацијата до тој степен што веста ја губи тежината на вест. Оваа објава е нарушување на приватноста на овие три лица не само заради обемот на лични податоци кои се објавени, туку и заради контекстот во кои се тие податоци објавени. Самиот наслов ги поврзува овие лица со лидер на политичка партија, со што веднаш се претпоставува и нивната политичка определба.

Според Законот за заштита на личните податоци, постои и категорија на посебни, чувствителни лични податоци кои имаат и посебна заштита, а тоа се лични податоци кои го откриваат расното или етничко потекло, политичко, верско, филозофско или друго уверување, членството во синдикална организација и податоци што се однесуваат на здравјето на луѓето, вклучувајќи ги и генетските податоци, биометриски податоци или податоци кои се однесуваат на сексуалниот живот. Концептот на „битност на информацијата“ е особено важен во овој случај. Секое споменување на чувствителни податоци треба да се избегнува, особено ако се земе предвид дека со Законот за заштита на личните податоци е забранета обработка на посебните категории на лични податоци, освен во исклучителни случаи определени со закон.

Аргумент кој секогаш ја разгорува дебатата е задоволувањето на јавниот интерес. Објавувањето податоци за лица против кои се води судска, управна или прекршочна постапка е спротивно од Законот за заштита на личните податоци, особено ако се земе предвид и непочитувањето на начелото за презумција на невиност. Јавниот интерес за акциите на полицијата е голем и оправдан, но, во секој случај, медиумите мора да обезбедат соодветно анонимизирање на лицата кои се директно инволвирани во постапките.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести