verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Еден факт во џунгла од коментари

on 1 - 07 - 2016       

Maxim za SPUKM

[Рецензија: БЕЗ ПРЕСЕДАН: СДСМ исто како и парламентарните сака да ги спречи и студентските избори преку свои платеници]

Само три реченици од целиот текст не содржат коментаторски елементи или непроверени информации и се однесуваат на еден единствен факт: дека се одржаа студентски избори. Толку. Сè друго создава впечаток на партиско соопштение со конструкции наменети за напад и за дискредитација на „Студентски пленум“. Употребата на неиздржани конструкции (спин) е насочена кон дискредитација на опозицијата. Навивачкиот елемент се истакнува од едностраноста и создава сомнежи за политичка пристрасност.

БЕЗ ПРЕСЕДАН СДСМ исто како и парламентарните сака да ги спречи и студентските избори преку свои платеници MaximЛинк до оригиналниот напис: БЕЗ ПРЕСЕДАН: СДСМ исто како и парламентарните сака да ги спречи и студентските избори преку свои платеници

Датум и време на објавување: 30.6.2016 – 12:46

Датум на рецензирање: 30.6.2016

Рецензент: Александар Пешев

ОБВИНУВАЊА СО ПРЕСЕДАН

Во видно тенденциозниот наслов на објавата се тврди дека СДСМ сака да ги спречи студентските избори преку свои платеници. Неиздржаното тврдење е закитено со терминот „без преседан“, што создава ефект на сензационализам. Би било интересно да се констатира дека ваквите тврдења за опозициски платеници се без преседан, но не се:

„Само платениците останаа да ја бранат честа на СДСМ. СДСМ е преплашен сам да каже што мисли. Затоа неколку  платеници беа испратени денеска да провоцираат“ – Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ – 20 јуни 2016 г.

Дали авторот црпи инспирација од партиските соопштенија на владејачката партија не може да се утврди, но имаме јасен показател на политичка пристрасност на објавата.

КОМЕНТАР ПО КОМЕНТАР, РЕД СЕ РЕДАТ…

Текстот реди коментари во стилот на насловот. Така се тврди дека „лидерите на СДСМ-овскиот пленум кои се дел од платеничката револуција на опозицијата сакаат да ги спречат и легитимните избори за нов студентски лидер“. Понатаму, дека „СДСМ преку платениците сака да го спречи изборот на нов студентски лидер“. На читателот дотука не му се посочува извор на информации, при што се отвора прашањето кој го тврди ова?

Следува обид за правдање на ваквите тврдења со издвојување на една личност која е член на „Студентскиот пленум“ и со фотографии од социјалните мрежи, со што се сака да се „поддржи“ тврдењето дека опозициската партија „сака едноумие и исто како и парламентарните сега сака да ги спречи и студентските избори“.  Понатаму се тврди дека дел од медиумите објавиле информација за „фатена комуникација помеѓу членови на СДММ, која открива обид за минирање на изборите за нов студентски лидер“. Нема докази дека е направен обид за проверка на веродостојноста на ваквата информација. Поточно, не се знае дали фотографијата од наводна комуникација е вистинска порака или фотографија создадена преку генератори на лажни пораки. Апликации за ваква намена може да се симнат на мобилен уред или може да се употреби генератор на лажни пораки на интернет. Вакви веб-страници или апликации се употребуваат за создавање лажни пораки, најчесто за хумористични цели, како, на пример, „пораки од мојот мачор“.  Гледајќи ја фотографијата, воочливо е дека од наводниот „скриншот“ недостигаат неколку сегменти, како, на пример, информациите за уредот и за мобилниот оператор, коишто ги има на фотографии направени од екран на мобилен уред.

 

pjimage

Пораката која се користи како извор на информација (лево) наспроти слика од екран на мобилен телефон од тест-размена на пораки на истата апликација (десно). На фотографијата од текстот не се уочливи информации како состојба на мрежа, оператор и ниво на батерија, што создава сомнежи дека навистина станува збор за порака сликана од мобилен телефон. 

ТИРАДА ОБВИНУВАЊА БЕЗ ДОКАЗИ

Гледајќи го текстот како целина, клучните забелешки се следниве:

  • се прави неоснована генерализација на активностите и на целите на група на студенти врз основа на карактеристики на еден член;
  • сите информации се од неофицијални извори и подржуваат само дел од изнесените коментаторски елементи;
  • не се обезбедени официјални изјави од ниту една страна засегната од тематиката за која се пишува, со што имаме едностран неиздржан текст;
  • сите коментаторски елементи во комбинација со неофицијалните и непроверени информации се ставаат во конструкција која укажува на спин насочен кон дискредитација на поединци и на групи.

Јасна е повредата на неколку членови од Кодексот на новинари. Евидентно е дека текстот изобилува со коментари:

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот  член 13, Кодекс на новинари.

Уште поевидентно е дека неоснованите тврдења не оставаат впечаток на професионален пристап во известувањето за темата:

Известувањето од политичките процеси, особено од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти – член 14, Кодекс на новинари.

Сумирањето на сите овие забелешки јасно го отцртуваат извртувањето на вистината, поточно евидентниот спин на самата објава. Сѐ на сѐ, имаме неиздржан текст преполн со коментари. Од целата објава само две реченици содржат факти и тоа во форма на технички информации околу процесот на гласање.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

нема факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални, анонимни

нерелевантни

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

селективно наведен автор (извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

има контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести