verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Демократија е кога власта одговара пред граѓаните за секој потрошен денар

on 2 - 06 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Државниот завод за ревизија откри неправилности при изградбата на дел од катните гаражи, во кои како инвеститор се јавува Град Скопје. Катната гаража Тодор Александров Фото: Принтскрин
Државниот завод за ревизија откри неправилности при изградбата на дел од катните гаражи, во кои како инвеститор се јавува Град Скопје. Катната гаража „Тодор Александров“, фото: принтскрин

 

Моменталниот начин на медиумско известување за наодите на Државниот завод за ревизија не соодветствува на сериозноста на еден ваков извештај и не ги искористува докрај сите можности што ги дава.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт по човекови права

 

Во повеќе медиуми се појавија информации за последните ревизорски извештаи за работењето на Град Скопје:

Во различни медиуми издвоени се конкретни делови од извештаите (јавни набавки, исплати за плати, вонзаконско дејствување, пречекорување на овластувањата…):

„Државниот завод за ревизија откри неправилности при изградбата на дел од катните гаражи, во кои како инвеститор се јавува Град Скопје.

Вработени во Град Скопје, во различни сектори, кои покрај основните работни задачи биле и проценители на недвижен имот за својот ангажман, покрај плата добивале месечен надоместок од 10.000 денари. Според ревизорите, ова не е законска одлука.

Истражувањето на Центрот за граѓански комуникации покажува дека прв на листата на десетте институции со најголема вредност на Анекс договори е токму е Градот Скопје, со сума од 6,68 милиони евра. Најтешкиот Анекс договор во однос на вредноста Град Скопје го склучил  со градежната компанија Бетон за дополнителни работи за изградба на објектот Градска куќа, во износ од 3,16 милиони евра.

Советот на Град Скопје, исплатил околу 11 000 евра надоместоци за членување во комисија за односи мегу заедниците, совет за заштита на потрошувачите и комисија за унапредување на правата на пациентите, иако таквата можност не е предвидена во Законот за локална самоуправа ниту пак во посебните закони со кои се уредуваат прашања од значење за граѓаните.“

Информирањето на јавноста за трошењето на парите на граѓаните и за работењето на градските власти претставува исклучително важен дел од остварувањето на контролната улога на медиумите во едно демократско општество.

Податоци што се добиваат од официјален извор, како што е Државниот завод за ревизија, имаат големо значење, како поради степенот на нивната веродостојност, така и поради обврската на соодветните правосудни и други државни органи да ги земат предвид и да постапуваат во врска со нив. Ревизорскиот извештај не е само уште едно мислење, тоа е официјален документ врз основа на кој се бара материјална, прекршочна и кривична одговорност од носителите на државни функции.

Моменталниот начин на известување за наодите на Државниот завод за ревизија не соодветствува на сериозноста на еден ваков извештај и не ги искористува докрај сите можности што ги дава.

Прво, во медиумите не е дадена врска со извештајот на кој се повикува медиумот ниту, пак, е објаснето дека станува збор за цел комплекс од ревизорски извештаи кои имаат цел да ја опфатат целокупната работа на Градот и на градските власти

Одделните ревизорски извештаи опфаќаат посебни области од дејствувањето на Градот и нудат различни информации за начинот на трошењето на парите на граѓаните и евентуалните сомнежи за направена злоупотреба во ова трошење.

Во медиумите недостига систематизиран и аналитички приказ, кој ќе ја даде целосната слика на паричните трошења и на сумите за кои или во врска со кои ревизијата искажала сомневање. Еден ваков приказ подразбира користење на експертиза, која на граѓаните ќе им ја приближи материјата и низ која ќе се профилираат евентуалните проблеми.

Трет елемент кој недостига во медиумското претставување на ревизорскиот извештај е комуникација со одговорните институции и личности. Во медиумите нема податоци за тоа дали е контактиран градоначалникот и дали му се поставени прашања во врска со проблематичните места во извештаите. Нема ниту еден медиум во кој е повикан градоначалникот во емисија во живо да одговори на прашања што произлегуваат од овие извештаи.

Четврт елемент кој може да биде од интерес на граѓаните, се информациите за тоа кои чекори следуваат како резултат на извештаите, кои органи се одговорни за постапување врз основа на сознанијата добиени од овие извештаи и дали во минатото е преземено нешто, односно дали институциите во моментот преземаат или имаат намера да преземат нешто.

Во медиумите не е направена врска со неодамна објавената информација дека Специјалното јавно обвинителство постапува по одделни случаи кои се поврзани со трошењето на парите во рамките на надлежноста на Градот (На СЈО му текна: Под истрага расипништвото на барокно Скопје), ниту, пак, со претходни информации кои, исто така, се поврзани со големите суми пари потрошени од Градот на конкретни проекти (ЕДНО ПАРКИНГ МЕСТО ВО СКОПСКИТЕ КАТНИ ГАРАЖИ ЧИНИ И ПО 50 ИЛЈАДИ ЕВРА).

Од друга страна, целосното отсуство на интерес за оваа материја во одреден број медиуми, веќе само по себе претставува многу јасен индикатор, не само за отсуството на оваа функција во работењето на тие медиуми, туку и индикатор за нивната можна корумпираност од страна на власта, а за прикривање на незаконското работење и за несоодветното трошење на парите на граѓаните. Ова е уште понагласено поради енормно големиот интерес кој овие медиуми („Сител“, „Алфа“, „Канал 5“, …) го покажаа за трошењето на парите на одделни фондации и здруженија на граѓани.

Медиумите имаат не само право, туку и обврска да ја информираат јавноста за работењето на државните структури, за располагањето со средствата на граѓаните и за официјалните извештаи, кои содржат податоци за евентуални злоупотреби на службената положба.

Медиумите имаат алатки (прашања, пристап до документи, анализи) со кои можат понатаму да истражуваат, да поврзуваат и да извлекуваат заклучоци. Медиумите имаат право да се интересираат за преземени постапки во насока на заштита на граѓаните од злоупотребата на должноста на државните службеници, како и за резултатите од тие истраги.

Неискористувањето на овие алатки во голема мера го осиромашува медиумското информирање и ја намалува контролната функција на медиумите, суштинска за развојот на демократското општетсво што се базира на владеење на правото.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести