verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Црвен картон за домашна реплика на странски текст

on 20 - 11 - 2015       

1112-09876-09080706-crop-resize

 

[Рецензија: ПУТИН ГО ИЗВРШИ НАЈГОЛЕМИОТ ВОЗДУШЕН НАПАД ВО МОДЕРНАТА ИСТОРИЈА]

 

Ова е брз текст. Набрзина и лошо преземен, сплескан уште побрзо и туку-така залепен на интернет. Не само што е пример за copy-paste и најверојатно google translate новинарство, туку и за неквалитетно практицирање на ова копирачко новинарство.

111Линк до оригиналниот напис: ПУТИН ГО ИЗВРШИ НАЈГОЛЕМИОТ ВОЗДУШЕН НАПАД ВО МОДЕРНАТА ИСТОРИЈА

Датум и време на објавување: 18.11.2015 12:47

Датум на рецензирање: 19.11.2015

Рецензент: Владимир Мирчески

Написов е тешка копија. Не сметам дека и оригиналот е некое особено „парче“ материјал, но секако е каде-каде подобро од неговата реплика. Прво, македонската верзија прави недозволива грешка од аспект на фото-илустрација. НЕ СМЕЕ напис во кој се опишува, а делумно и воспева, руската воздушна интервенција во Сирија да се „покрива“ со фотографија од американски авиони. Б-52, Б-1 и Б-2 се заштитен знак на стратешките воздухопловни сили на САД. Тоа оддалеку се гледа, што, пак, навестува дека оној кој го копирал текстот нема абер од темата за која зборува, зашто во оригиналот јасно се наведени руските модели кои учествувале во големиот напад. Замената на фотографиите предизвикува забуна кај читателите кои може да помислат дека станува збор за заедничката руско-американска воздушна операција. А, тоа не е така.

Второ, кога текстот е „краден“, така велам зашто не е наведено од каде се цитирани наводите, тоа е правено на многу несреден начин. Се тврди дека е срамнет со земја главниот град на ИД, а притоа не е наведено кој. Што треба да прават тие што читаат, да го бараат од други извори името на главното исламистичко упориште во Сирија?! А, тоа е Рака. Понатаму, стои дека градот, кажавме дека е безимен, бил девастиран, но тоа не е точно. Информациите на релевантни организации велат дека во неколкудневните воздушни напади врз Рака, која е цел не само на руското, туку и на француското воздухопловство, загинале 33 исламисти. Дел од анализите се дека бомбардирањето не само што не нанело огромни штети, туку и дека многу не го изместило секојдневното функционирање во градот. Ваквите информации укажуваат на тоа дека Рака сигурно не е срамнет со земја како што сензационалистички се тврди.

Интересна е и контардикторноста што се забележува на едно место – во еден пасус се фали дека руските сили ги „растураат“ исламистите за потоа да се каже дека:

….фактите велат дека многу од руските воздушни напади погодиле бунтовнички групи кои се против сирискиот претседател Башар ал-Асад и ИСИС.

Што вели еден мој колега, пример за contradictio in adjecto или контрадикции во сегментите на аргументот.

Нервира и непотребното преувеличување во насловната конструкција: „ПУТИН ГО ИЗВРШИ НАЈГОЛЕМИОТ ВОЗДУШЕН НАПАД ВО МОДЕРНАТА ИСТОРИЈА“, зашто временски не е баш најпрецизно тврдење. Според некои дефиниции модерното време стартува од 16 век. Оттука ако се знае обемот на воздушни напади извршени во Втората светска војна со стотици авиони, насловот е во најмала рака претенциозен. Затоа, ќе кажеме дека оригиналниот напис искористил многу посоодветен термин најголемиот напад на бомбардери во последните декади.

Имаме многу лошо копирање и пример што се добива кога несоодветно ќе се измешаат избрзување, непознавање и неквалитетно преведување – медиумски бучкуруш за црвен картон.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални, анонимни

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

нема извртување на вистина (спин)

наклонетост

друга пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

целосна копија

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

сензационален

несоодветен

нејасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести