verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Белешки за популизмот: Луѓе со потрес на мозокот

on 26 - 03 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Зомби со потрес на мозокот (Concussion zombie). Секоја година во близината на Брајтон (Велика Британија) пред Ноќта на вештерките се одвива „зомби марш“, инспириран од класичните хорор филмови. За некои луѓе во земјава не мора да се прави посебна организација на ваков настан. Тие постојано маршираат како зомби. Фото: Stevie Gill, 2011
Зомби со потрес на мозокот (Concussion zombie). Секоја година во близината на Брајтон (В. Британија) пред Ноќта на вештерките се случува „зомби-марш“, инспириран од класичните хорор-филмови. За некои во земјава не мора да се прави посебна организација на ваков настан. Тие постојано маршираат како зомби со потрес на мозокот. Фото: Stevie Gill, 2011

 

Во својот очај, медиумската пропаганда на власта сè уште не се предава! Сега, најново, имаат пресна финтаџиска тактика: наеднаш, сакаат да водат телевизиски дебати со „другата страна“

 

Пишува: Сашо Орданоски

 

Секое демисионирање на кој било нелегитимен режим е хаотична работа. Ако заминувањето се развлече подолго време, чудни нешта се случуваат со разни луѓе. Еден дел од нив доцна сфаќа што се случува. Други навреме разбираат, ама немаат назад. Трети си молчат и чекаат да видат како точно ќе се развијат настаните, гледаат некој друг да ја заврши работата, па на крајот и тие да се фатат за орото. Но, има и такви на кои секој ден плус на власт на „пролупаниот“ режим им е некоја стотка повеќе (во илјади евра, се разбира), па за нив продолжувањето на агонијата има цврста, што би се рекло, „кост-бенефит“ логика. Нивните „резервни позиции“ се подготвени, тие се надеваат дека ќе можат да издржат и подолга зима од вообичаените за овој вид политичка лапавица, па подоцна пак ќе си авансираат „како нови“, налицкани и испрани од соучесништвото во минатите злодела. Додуша, ќе мирисаат малку на нафталин, ама силно ќе веслаат за да фатат приклучок.

Сепак, постојат работи поврзани со целиов овој огромен скандал околу демаскирањето на мафијата што со години владее со Македонија, со овој целосен морално-политички стриптиз што во неподносливи порции со недели ни се одвива пред нашите уши и очи, коишто по малку ме збунуваат. Значи, не дека сум целлосно збунет, не дека ништо не ми е јасно, туку, онака, малку се двоумам, се думам, се подзамислувам…

 

ОЧАЈНИ, АМА ПРКОСАТ!

Во својот очај, медиумската пропаганда на власта сè уште не се предава! Сега, најново, имаат пресна финтаџиска тактика: наеднаш, сакаат да водат телевизиски дебати со „другата страна“. Минатава недела ми се јавија од три различни телевизии (вклучувајќи ја и МТВ) да ме канат на дебата со некој од бранителите на режимот на Груевски – демек, Груевски девет години не сака да се соочи со никој кој мисли поинаку од него, ама сега, во последните неколку недели, неговите пропагандисти ќе ни го надоместат тој елементарен демократски недостиг, со тоа што треба да прифатиме да седнеме на иста маса и да разменуваме мудрости за, претпоставувам, достигнувањата на власта и за мизеријата на опозицијата! Ете, баш така: треба да заборавиме на сите навреди, клевети и закани што со години – мене поименично, фала на прашање, а и додека го пишувам ова не престануваат – ни ги истураат врз глава и, сега, често и со најгласните, најраспишаните и најраспашаните во тоа море без брегови од говор на омраза, сакаат да седнеме пред камери и да се правиме дека живееме во демократска земја во која „треба да се слушнат и двете страни“. Што ти е демократско просветлување: додека си ги пакува куферите поради очајот од соочувањето со вистината, власта наеднаш се сети дека имало и „друга страна“.

Но, да нема заблуди, не би барале тие сега дебата да не им се тресат колената. Како, инаку, да ја сфатам поканата телевизиски да дебатирам со една од ударните госпоѓи на валканата режимска пропаганда, која секоја вечер седи на истите маси со оние кои – мене, да повторам, поименично, фала на прашање – ми порачуваат дека ќе ме закопаат два метри под земја, со армирана бетонска плоча врз дупката?! Ме интересира, чисто продукциски, значи ли тоа дека ќе имам привилегија да добијам токи-воки во дупката и оттаму да водам рамноправна телевизиска дебата со оваа госпоѓа? Или би ја тргнале армираната бетонска плоча врз мене па, за потребите на водењето фер дебата, госпоѓава би се симнала во дупката, па кога ќе заврши телевизискиот пренос, таа ќе излезе од дупката да им се придружи на своите истомисленици во еден од скопските „кафиќи“ да прослават со неколку тури виски, а армиранава бетонска плоча би ја вратиле врз мене во дупката – до следната дебата, можеби?

Не ја бива таа работа… Терајте си вие со вискито и без дебата, па да видиме до кога.

 

СО КОГО СИ, ТАКОВ СИ?

Следно што ме задумува е фактот што, ако се тргнат на страна некои очебијни будалетинки и неколку еклатантни профитери од пропагандното друштво на власта, за чии мотиви е бесмислено да се разговара, таму се активни и пет-шест луѓе за кои би се осмелил да тврдам дека чавките, во меѓувреме, до толку не им го испиле мозокот и дека со сигурност разбираат за каков грабеж и за какви тешки и бројни злоупотреби од страна на фамилијата станува збор низ објавените телефонски снимки. Каде им отиде интелектуалното и професионално ниво со кое хорски ја прераскажуваат идиотската пропагандна конструкција дека разговорите биле „креирани“ од странски служби кои сакале да ја уништат Македонија?! Белки, овие, за кои говорам, и самите не веруваат дека постои странска служба? Еве, кажете: Мосад, ЦИА, ФСБ, Секуритате, Штази, УДБА? Која може да „креира“ такви генијални и детални мафијашки телефонски разговори меѓу Миле и Грујо за мегаломанското узурпирање на Водно! Според тоа, какви мотиви имаат овие пет-шест души да го правдаат милионското богатење на фамилијата и да ја „покриваат“ демократската травестија што ја води режимот на Груевски? За какво лечење фрустрации станува збор кај овие луѓе за да си плукнат на своите долгогодишни кариери во кои дале, каков-таков, а некои од нив и позначаен придонес во градењето на несовршената демократија во Македонија во деведесеттите години од минатиот и дел од двеилјадитите години од овој век? Груевски и фамилијата, тоа сум сигурен дека и на пропагандистиве им е јасно, ќе заминат неславно во македонската историја, но со што ќе се правдаат овие кои сега ги бранат пред годините и пред генерациите што доаѓаат?! Па, кој е политичкиот, моралниот или кој било друг формат на некаква Гордана Јанкулоска или на некојси Миле Јанакиески за врз нив да се трошат кариерите на неколку некогаш видни професори и неколку, своевремено, почитувани новинари?

Има ли потреба да спомнувам имиња или сите знаете на кого се мисли? Стигнаа ли Латас, Миленко и Јанко да им се доброто друштво во животот?! Па, тоа не е ни пад од коњ на магаре – тоа повеќе личи дека паднале од коњ директно на глава и добиле траен потрес на мозок!

 

ПОСРАМОТЕНИ

Медиумското насилство што долги години го спроведува режимот на Груевски во Македонија ќе биде предмет не само на кривични истраги, туку, во некоја догледна иднина, ќе стане легитимна област и за научни истражувања. Неколку мои студенти ми најавуваат дека би сакале нивните магистерски или докторски дисертации да ги работат на овие теми. Ќе седнат истражувачи и ќе ги систематизираат овие настани, ќе ја направат хронологијата, ќе ги препрочитаат написите, ќе ги одгледаат емисиите, ќе ги изанализираат говорите и говоранциите. Ќе треба добро да се објасни како и зошто ни се случи сето ова и кои биле главните медиумски протагонисти кои, објективно, ни го направија животот партал и кои се тие што низ медиумите помогнаа во изведбата на грабежот на векот.

Џабе е тогаш да се објаснува дека на спомнатата госпоѓа ѝ го вработиле синот во еден важен кабинет, па…; дека еден, на поодминати животни години, добил советничка позиција за да шири илиберални концепти, па…; дека еден друг откако ги сменил сите партии и сите функции, сакал пак да се врати во политиката, ама не знаел подобар начин, па…; дека еден трет советуваше ширење конзервативизам, за сега да вози џип и да има нов стан во видена функционерска зграда, па…; дека еден никогаш остварен владин политичар ја прокоцка својата угледна невладина кариера за да се заборави дека е во крими-тајфата на еден скопски градоначалник, па…; дека…

Тогаш овие оправдувања – како, впрочем, и сега – ќе звучат празно и кукавички, а ќе останат делата за кои, да бидете без грижа, ќе ве потсетуваме додека сме живи. За да си го носите срамот со здравје.


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести