МТВ: Плати, па батали
Објавено во Новинарски лекции
on 26 - 03 - 2015 Автор: Александар Пешев
Ако се дозволи конкуренцијата од приватни телевизии, интернет-портали и од други извори на информации да го засени националниот сервис, во основа имаме горење на народни пари – се финансира нешто што не се исплаќа во форма на гледаност или слушаност. Тоа, секако, претставува проблем, не само за народот, кој од уста двои за да го финансира медиумот, туку и за државата, која ја тера публиката да финансира платформа која ја губи битката со приватни субјекти на пазарот, кои, барем официјално, не добиваат најголем дел од јавните пари.
Пишува: Александар Пешев
Се сеќавам на една од моите први посети на Бугарија. Во станот во кој бевме сместени имаше копче на ѕидот со три нумерирани опции. Панелот беше поврзан со звучник во аголот на собата. „Тоа беше националното радио“, објаснува мојата повозрасна домаќинка. „На првиот канал имаше вести и емисии, вториот и третиот канал беа музика – народна или забавна. Немаше друг избор“. Улогата на националните медиуми, изградени и одржувани со народни пари, во минатото често се гледаат низ призмата на индоктринацијата. Се пласираат содржини во интерес на центрите на моќ, прочистени, спинувани и во одредени инстанци и измислени. Дури и музиката била предмет на цензура. На пример, добро познатата композиција „Downtown“ во Чешка била препишана и препеана со сосема различен текст (Pata). Сепак, во 21 век, ваквите методи се одамна изумрени во демократскиот систем, примарно поради тоа што се во голема мера неодржливи. Зошто да се диктираат вести и програмски шеми во интерес на центар на моќ кога публиката има широка понуда на информации од различни извори? Зошто да се поставуваат политички подобни кадри ако никој не ги слуша или гледа поради непрофесионални производи? Можеби најважното прашање од оваа серија е: дали и зошто сето тоа се случува во Македонија?
ШТО ДОБИВАМЕ ЗА НАШИТЕ ПАРИ?
Како и секој национален сервис, Македонската радио-телевизија е изградена од народни пари. Тоа што сè поретко се споменува е дека оваа институција опстојува и се финансира со народни пари. Управата за јавни приходи неодамна објави список на сите лица кои не ја намириле давачката за радиодифузна такса и повика повеќе од 45.000 должници што поскоро да си ги платат сметките. А што добиваме за тие пари? Инвестициите во нова опрема од пред неколку години го подобрија визуелниот имиџ на сервисот и може да се аргументира дека програмската содржина е збогатена со филмови, серии и со емисии за пошироката публика. Како и да е, примарната функција на еден медиум е да информира, а токму тоа е ставено под знак прашалник кога ќе се погледнат информативните изданиjа на МРТВ, кои верувам се дел од цената на радиодифузната такса.
За почеток, на 23 април 2015 година, содржините на интернет-порталот на медиумот, кој сите го плаќаме, дури и преку извршители, е полн со содржини стари и по неколку дена. Во еден од прилозите на насловната страница се дава следнава констатација:
„Новинари и аналитичари во проектот препознаваат сценарио за дестабилизација на земјава…“
Рецензијата на оваа објава може да се резимира во една реченица: Имаме еднострана објава, со ограничен избор на соговорници, споменати ставови на аналитичари кои не се врзани со име и со презиме и обид за спин без консултација на прозваните страни.
Во ред, ајде да речеме дека една објава со сомнителни професионални стандарди не треба да фрли сенка врз професионалноста на целиот медиум. Да го погледнеме целиот програмски сегмент – дневникот на националниот сервис.
Во првиот дневник, актуелната политичка криза се „извезува“ – информативното издание се отвора со јавување од Брисел за дебата за политички дијалог. По логика, се очекува извештај или анализа на случувањата на домашната политичка сцена, но тоа го немаме – следи интервју со министерот за финансии, Зоран Ставрески, кој најавува војна со невработеноста. Оттука, па во следните десетина минути имаме промоција насочена кон владини економски мерки – од намалена невработеност до обештетување за поплавите. Извештајот за бомбата на СДСМ добива прилог, но нема тонски парчиња од разговорите кои беа објавувани на прес-конференцијата. По краткиот прилог следат нови промоции – нови тендери за сервисирање на опрема во здравството, констатација за квалитетно здравство завиена во врзаниот прилог за заболени од грип, промоција на нова метеоролошка станица… Интересно е што за овие информации е посветено повеќе време во споредба со информациите што ја предизвикуваат загриженоста на меѓународната заедница, со кои, впрочем, и се отвори дневникот.
ИГНОРИРАЊЕ НА СТОПАНОТ
Конструирањето на уредувачка политика зависи од многу фактори, примарно од барањата на публиката, но и од изворот на парите. Доколку зад одреден медиум застане корпорација и политичка партија, нереално е да се очекува критика на финансиерот во информативните изданија. Поедноставно објаснето: никој нема да ја гризне раката која го храни. Кога станува збор за национален сервис, „храната“ доаѓа од народот, што значи дека уредувачката политика е условена од потребите и од очекувањата на пошироката популација. Следствено на тоа, програмскиот производ, особено во форма на информативно издание, треба и мора да биде во согласност со највисоките професионални стандарди, со широка понуда на информации, кои го засегаат и се од интерес на целото население. Дали тие информации се бомби на опозицијата, прес-конференции на критички настроени припадници на граѓанскиот сектор, приказни за неправди и за незадоволство од институции или нов владин проект, успешна реформа и слично, сервисот, кој е платен да му служи на народот, мора да обезбеди професионално известување со простор публиката да го донесе конечниот суд. Секако, со еднаква застапеност и минутажа за сите теми од јавен интерес.
ПРОТЕСТИ ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕ И НИВНО ПОЛИТИЗИРАЊЕ
По протестите на движењето „Ајде“ за враќање на националниот сервис на граѓаните, лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов, речиси секоја вечер пред вратите на МТВ бара објавување на популарно наречените „бомби“ на опозицискиот СДСМ. Се создава впечаток дека политичка опција се буни поради тоа што е несоодветно застапена во програмската шема, додека првите луѓе на сервисот аргументираат оти објавувањето на материјалите е во спротивност со налозите од Јавното обвинителство (а, материјали од посебни истражни мерки се најдоа во вести?!). Менувањето на програмската шема на кој било медиум во интерес на центар за моќ, неминовно подразбира кршење на професионалните стандарди, но игнорирање одредена содржина, која видно го окупира јавниот интерес, може да се интерпретира како игнорирање на публиката за која медиумите постојат.
ГЛЕДАЧОТ ГО КОНТРОЛИРА ТВ-ПРИЕМНИКОТ
Една од основните лекции во новинарството, особено во ерата на интернетот, е дека гледачот има избор. Плаќањето радиодифузна такса е задолжително, но никој не може да ги обврзе граѓаните да ја гледаат телевизијата. Ако се земе последната анализа на пазарот на радиодифузна дејност, бројките покажуваат дека националниот ТВ-сервис со своите три канали има девет проценти од вкупниот удел на гледаност, за разлика од приватни медиуми кои освоиле и до 28 проценти.
Ако се дозволи конкуренцијата од приватни телевизии, интернет-портали и од други извори на информации да го засенат националниот сервис, во основа имаме горење на народни пари – се финансира нешто што не се исплаќа во форма на гледаност или слушаност. Тоа, секако, претставува проблем, не само за народот, кој од уста двои за да го финансира медиумот, туку и за државата, која ја тера публиката да финансира платформа што ја губи битката со приватни субјекти, кои, барем официјално, не добиваат најголем дел од јавните пари. Ако народски се вели „плати па клати“, некомплетната понуда на информации во форма привлечна за само еден дел од населението создава впечаток дека за нашата МТВ мора да платиме за да ја баталиме.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).