verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Атанас Кировски, директор и глодур на „Телма“: Во новинарството мора да се случи катарза

on 3 - 04 - 2015       
25517_323448214659_4294860_n-crop-resize-fb
Атанас Кировски, директор и глодур на телевизија „Телма“.  Фото: ФБ (преземено со дозвола)

 

Атанас Кировски е новинар и политички аналитичар. Кариерата ја почна во Радио Скопје во осумдесетите години од минатиот век. Бил уредник на вести на ТВ „А1“, од 1995 до 2007 година бил дописник на „Би-Би-Си“ од Македонија, од 2008 до 2011 година – главен уредник на неделникот „Форум“. Откако претходниот директор и главен уредник на „Телма“, Ристо Лазаров, замина во пензија, газдите на телевизијата во јули лани му понудија на Кировски да ја преземе неговата позиција.

 

Интервју: Александар Писарев

 

Политичко-дебатната емисија „Топ тема“ е една од најкратко емитуваните емисии од овој тип, а се чини дека е најгледана. Дали е погоден мигот или колегиумот успеа од широк мозаик на теми да ја одбере онаа која ќе го погоди интересот на публиката?

Кога ја планиравме „Топ тема“, уште во јули лани, еден од првите приоритети беше телевизијата да отвори јавна дебата. Во Македонија последните десет години нема јавна дебата, немаме дури ни дебата меѓу кандидати за премиери, претседатели, пратеници… што дава многу грда слика за политичкиот живот. Во светот постојано се водат јавни дебати и преку дебатите граѓаните автентично дознаваат каква е понудата на политички опции за разни прашања од јавен интерес.
Актуелниот политички миг не беше одлучувачки фактор бидејќи политичкиот миг во Македонија е безмалку секогаш интересен за дебатирање.

Мислев, и не сум згрешил, дека токму „Телма“ е најпогодниот медиум, пред нејзините камери да се отвори јавна дебата, бидејќи во однос на другите национални телевизии „Телма“ има привилегирана позиција зад себе да има компанија, чиј претседател на управен одбор нема политички амбиции и која секогаш имала еднаков однос кон сите политички субјекти без оглед дали се власт или опозиција. Од тој аспект се совпаднаа коцкичките на идеална комбинација – да имаме управен одбор и компанија кои ја штитат телевизијата од притисоци, а, од друга страна, да имаме главен уредник кој со години е воспитуван да работи во полза на јавниот интерес и почитување на врвните стандарди, неопходни за објективно новинарство.

Спроведувајќи ја таквата уредувачка политика, се обидуваме на граѓаните да им понудиме квалитетен прозвод и продукција која емитува програма од јавен интерес.

 

ЦРВЕНИОТ ТЕЛЕФОН Е НАШАТА ЛЕГИТИМАЦИЈА

Еден добар дел на интелектуалниот слој во последните години се одвикна да ги користи, односно да ги консумира домашните телевизии. Дали „Телма“ води битка за тие гледачи, за нивното вклучување во следењето на актуелните настани?

Тие ни се најважни и една од целите беше пред екраните и пред камерите на „Телма“ да се врати една популација која до неодамна се информираше само преку интернет и социјалните мрежи, преку „Би-Би-Си“, светските сервиси… и на овој да начин сфати дека и во Македонија има што да види и да чуе, да каже и да се вклучи во дебата. Според нашите истражувања, се покажа дека постои добар дел од популацијата која одбива да гледа лошо изработена ТВ-програма и која сака да види нешто поинакво, нешто што е во центарот на јавниот интерес, што е поурбано, покултивирано. „Топ тема“ за многу кусо време ја надмина бројката од 100.000 гледачи по термин. Нашиот пик на за „Топ тема“ е 175.000 гледачи и за емисија која почна да се емитува пред многу кратко време, јас сум презадоволен. Не заборавајте дека оваа дебатна емисија оди во 20.15 часот, кога е ударниот термин на главните турски серии, разни сапуници и „Звезде Гранда“.

Црвениот телефон беше добар маркетингшки трик. Колку далеку одекна неговото ѕвоно и ја разбраа ли граѓните неговата порака?

Ѕвоното на црвениот телефон одекна многу силно и многу далеку и допре до сите категории на гледачи. Со јасна и едноставна порака, им кажавме на граѓаните дека на „Телма“ не може никој да ѝ се јави и да нарачува прилози, забранува прилози или крие факти. Црвениот телефон е легитимација на „Телма“ дека води неутрална и независна уредувачка политика во интерес на објективно и независно информирање на граѓаните.

„Телма“ сака и се обидува да наметне сопствена агенда на теми и на настани кои се од интерес на граѓаните и кои не мора секогаш да бидат соопштувани низ форма на прес-конференции, соопштенија и што и да е друго. За нас не е вест дека претседателот примил еди кој си, ако тука нема некаков супстрат.

„Телма“ нема да негува практика на покривање празни прес-конференции и протоколи доколку таму нема некаков супстрат. Нашите новинари имаат амбиција на секоја вест да ѝ дадат додадена вредност и веста да им биде повод за истражувачки стории.

 

НИЧЕОВСКО ПРЕВРЕДНУВАЊЕ НА СĖ

Новинарството во Македонија во моментов почива на евтина и бесплатна работна сила, на „безимени“ уредници, на волонтери и на хонорарци, чиј број се умножува до критично ниво, при што сето тоа продуцира лоша состојба во медиумите.

Пауперизација на новинарство настана затоа што центрите на политичка моќ се обидуваа на некој начин да ги корумпираат водечките новинари.

Новата влада која направи превреднување на сите вредности во типичен ничеовски стил, и тоа од историските, до културните, етичките, направи и превреднување од аспект на новинарството. Таа сфати дека за начинот на кој неа ѝ е полезно да известуваат новинарите, всушност, не ѝ се потребни новинарските имиња. Напротив, за да може да ја спроведе таа нејзината агенда, неа ѝ беше потребно обезличување на новинарските имиња со интегритет и тоа успешно го направи.

Поради тоа нас ни се случува до запирка да имаме идентични прилози на разни телевизии, затоа што имаме таканаречени новинари кои се согласуваат да прочитаат нешто што, очигледно, им го напишал некој друг.

Станува практика да имаме прилози во кои шест-седум минути се вергла „експертите велат, експертите велат“, а не гледаме ниеден експерт. Тоа е очигледна пропаганда во која новинари, кои немаат ’рбет, немаат интегритет, се согласуваат да партиципираат во измамата на граѓаните и не велат „благодарам, но јас не го работам ова“, иако на тоа имаат професионално и човечко право и обврска.

За да може да функционира ваков тип политичка пропаганда, се елиминира сè што може критички да размислува. Се плашам дека е тоа тенденција што двете страни ќе ја користат, а тоа е најлошо.

 

НЕКОИ ПОРТАЛИ НЕ СЕ МЕДИУМИ

Владее мислење дека штетите што му се нанесени на македонското новинарство во изминатите осум години тешко ќе можат да се оправат во наредните 20 години и при идеална демократија.

Не би можел да се занимавам со тоа колку години ќе му бидат потребни на македонското новинарство да стане слободно. Што ќе се случи кога ќе заврши ова „лудило“ јас не знам, некаква катарза ќе доживееме сигурно, некакво расчистување мора да се случи, што ќе зависи од капацитетот и од критичката маса на оној или оние кои тоа би го направиле. Но, оваа ровоска поделеност и закрвеност, поделба на наводни патриоти и предавници, меѓусебни пресметки со претерано грд вокабулар, жигосување, пцуења… особено на интернет-порталите од кои многу не можат ни да се дефинираат што се и дали се воопшто медиуми од новинарска гледна точка, таа ќе мора да заврши.

Работевте долго во „Би-Би-Си“, редакција која има воспоставено високи професионални стандарди кои се преземени во многу кодекси на однесување на новинарите. Се обидувате ли да ги пренесете тие искуства во „Телма“ и да ги наметнете таквите норми на однесување?

Апсолутно ги применувам и барам од новинарите почитување на сите професионални стандарди и кодекси на однесување. На колегиуми често го дискутираме тоа искуство од „Би-Би-Си“, каде имав и специјални обуки за клевета и за говор на омраза. Во „Телма“ е воспоставено непишано правило дека нема да се повикуваме на други медиуми доколку нивната информација не е точна и загрозува нечиј интегритет. Повикување или пренесување неточна или погрешна информација од друг медиум не ги пере пред граѓаните и не ги амнестира од одговорност нашите новинарите кои ја пренеле, особено ако во неа има навреда, ако се стигматизира конкретна личност или ранлива група или ако содржи говор на омраза.

Проблемот со нашите новинари е што, за жал, многу мал дел од нив имале можност да работат или да поминат обука во реномираните медиуми каде основното правило е почитување на новинарските стандарди. И добар дел од главните уредници го имаат тој хендикеп и мислат дека центарот на светот е меѓу Богородица и Табановце. Тоа го влече нашето новинарство кон провинцијализам и кон некоректност.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести