verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Миленко на утринска исповед

on 5 - 04 - 2015       
Американски пасош - пасош за подобар живот, но истовремено широко користен  за заработка на лесни пари преку измама. Фото: Surat Lozowick, 2010
Американски пасош – пасош за подобар живот, но истовремено широко користен за заработка на лесни пари преку измама. Фото: Surat Lozowick, 2010

 

Наместо покајание грешним, слушнавме како бил многу чист и чесен патриот

 

Пишува: Ерол Ризаов

 

Миленко Неделковски, познатиот скопски осуденик за измама, отишол на утринска исповед на „Сител“ телевизија да зборува чедно како во црква. И наместо покајание грешним, слушнавме како бил многу чист и чесен патриот. Да се расплаче човек од искреноста на покајникот. Тој направил мал грев поради својот немирен авантуристички дух. Им зел само стотици илјади долари на луѓе, помагајќи им несебично да дојдат до иселенички визи за населување во Америка, ама, ете, визите останале само во неговите убави зборови.

Десетици семејства во кризните воени години 2001 и 2002 се подготвувале да заминат во ветената земја со бинго во џебот што им го обезбедил Миленко. Некои од нив со радост си ја продале куќата и имотот, бидејќи за нив тоа бил спасот за збогум сиромаштијо. Миленко им оставал убав и сериозен впечаток, бидејќи имал две канцеларии со удобни кожни фотелји среде Скопје во голем и современ трговски центар, имал и двајца помошници, имал директна линија со адвокати во Америка. Луѓето биле фасцинирани од македонскиот Остап Бендер и плаќале во зависност кој колку имал: во илјади долари за преселба во Америка и за нов животен сон. Можете да ја замислите трагедијата на сите овие граѓани кога еден ден сфатиле со кого си имаат работа, кога откриле дека сето тоа е смислена измама на едно лице кое ги измамило за сите пари.

 

СРАМНА ПРЕСУДА

Уште потрагична е пресудата на македонските судови во 2008 година против него. Ако се прави топ листа од десет срамни пресуди во историјата на македонското судство, сигурно пресудата на Миленко ќе заземе позиција при самиот врв. Покрај седум и пол месеци во притвор, додека траела истрагата, Миленко не одлежал ниту еден ден затвор со правосилна пресуда. Судот го казнил на две години затвор условно во рок од пет години да не ја повтори истата грешка и во рок од една година да ги врати парите на оштетените и измамени граѓани, односно само на тие кои пријавиле дека се оштетени. Се работи за пријавени околу 160.000 долари. За измама тешка 160.000 долари ниту еден ден затвор. Ете тоа се вика патриотска пресуда. И, ако не можете да ја сварите и сфатите оваа пресуда за која други грешници за помалку пари лежат најмалку по пет-шест години затвор, тоа не е сѐ. Големиот срам е што судот го чекаше со години Миленко да ги врати парите на оштетените и измамените, одложувајќи го активирањето на правосилноста на пресудата, а требаше за една година да се вратат парите на оштетените граѓани.

Миленко излезе на телевизија без срам и перде да појасни дека бил чесен и дека ги вратил сите пари на оштетените, ама не кажа кога ги вратил, дали за една, две или пет години и дали има оштетени кои не го тужеле и не ја пријавиле измамата од срам за својата наивност и од страв, бидејќи Миленко се дружи јавно на ТВ со високи функционери, премиерот, претседателот на државата, министри, дипломати, професори, новинари…. и со нив беседи за чесност, патриотизам, за тоа кои се македонски предавници и непријатели. Што да ви кажам, најдобра илустрација за ова е народната поговорка со кој се дружиш, таков си и ти.

 

МИРКА И МИЛЕНКО

Се разбира, Миленко не заборави да ме нападне и во оваа прилика, припишувајќи ми заслуги дека јас сум го ослободил синот на Верушевски од затвор, а веќе приопшти дека сум го ослободил и Кежаровски, застанувајќи со моите текстови на страна на убијците во нарачаното убиство во Орешје и сум ослободил уште некој што извршил убиство пред Трговскиот центар „Буњаковец.“ Миленко открил дека секогаш сум бил на страна убијците, дека сум таен агент, најголем соработник на Верушевски и многу други будалаштни кажува Миленко за мене цело време, одработувајќи си ја слободата. Единствената вистина која ја кажа Миленко е дека сум Турчин, сакајќи со тоа да нагласи дека штом си Турчин автоматски си непријател на Македонија и на Македонците.

Искрено жалам што на неговата обврска да ја одработи на црно слободата се надоврза и Мирка Велиновска со која секогаш сум имал различно мислење за новинарството, но не верував дека ќе заврши во тоа друштво како најблизок колега и истомисленик на Миленко Неделковски . Откако лажно ме обвинија дека јас со мој потпис сум го бранел пред десет години Верушевски во „Утрински весник“, при што Верушевски ја уценувал државата и откако виде јавноста дека тоа е невистина, дека тоа не било мој потпис, дека и тогаш и денес како главен уредник стојам зад текстовите и би ги објавил повторно со задоволство и откако тие текстови ги дадов на увид на јавноста, при што се виде дека тука нема ништо од што треба да се срамам, туку да се гордеам со авторот на текстовите, колегата Борис Георгиевски, двоецот Мирка и Миленко збеснаа, барајќи начин барем еден ден да го свртат вниманието на јавноста од нивната голема болка – бомбите на Заев.

 

P.S. Да ја имав таа моќ што ми ја припишуваат Мирка и Миленко да ослободувам и да затворам луѓе со моите текстови, уште денеска би излегле некои луѓе од затвор за да им отстапат место на своите џелати кои суделе по нарачка.

Оваа животна сторија за измамите на Миленко и за моралот на тие што гостуваат и огласуваат кај него, за жал, не претставува предизвик на новинарите да ја истражат судбината на луѓето кои ги измамил Миленко, како и да ги прашаат луѓето кои гостуваат кај Миленко како се чувствуваат кога споделуваат размисли со овој човек за морал, чесност, патриотизам, национален идентитет…. или да ги прашаат огласувачите во шоуто на Миленко дали нивниот бизнис се гради на тие етички принципи. После сѐ она што го изнакажа Миленко во своите емисии и оцрни голем број колеги добри новинари, нивниот молк ми е неразбирлив. Често ја слушам реченицата „пушти будалу“, „не сакаме да се мешаме со трици да не нѐ јадат свињите“, или не „фрлај камен во гериз… ќе се испрскаш“. Јас не мислам така, лица осудени за измама на телевизија под директна заштита, поддршка и финансирање преку каналите на власта со стимулирање јазик на омраза и закани, навреди и жигосување на јавни личности е многу голема професионална и етичка обврска. Да се каже не се расправам, е, всушност, лош изговор и поддршка на таквото новинарство и лично на Миленко.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести