verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Анонимни извори за испорачување закани

on 21 - 01 - 2016       

Може разрешување, но и затвор до три години_ - http___www.dnevnik.mk_ 11

[Рецензија: Може разрешување, но и затвор до три години]

 

Дали е можен новинарски коректен и професионално одработен напис за сензитивно прашање од доменот на работата на специјалниот јавен обвинител, со користење исклучиво на анонимни извори и без да се побара изјава од Специјалното јавно обвинителство, во услови на акутна политичка криза во државата која има директни реперкусии врз нејзината позиција? Тешко дека некој во или надвор од новинарската професија би можел да одговори потврдно.
Но, токму таков е случајот со текстот што го рецензираме. Во него сите тврдења, сите стручни мислења и образложенија на процедурата, сите  прекршувања на законски одредби кои, наводно, ги направила специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, во случајот на предавањето на материјалите од прислушувањето (од страна на Зоран Заев и на СДСМ), без да биде направен записник, се дадени со цитирање на неименувани извори. Јавно даденото објаснување на Јанева за причините зошто не е направен записник и каков е ставот на Специјалното јавно обвинителство по прашањето дали е прекршена законската процедура, пак, е комплетно игнорирано.
Рецензија: Анонимни извори за испорачување заканиЛинк до оригиналниот напис: Може разрешување, но и затвор три години

Датум и време на објавување: 14.01.2016, 18:02

Датум на рецензирање: 20.01.2016

Рецензент: Југослава Дуковска

 

ТАИНСТВЕНИ ИЗВОРИ

Темата е исклучително актуелна, политички чувствителна и потенцијално „високоволтажна“, земајќи ги предвид околностите на акутната политичка криза во Македонија, која доведе до формирање на Специјалното јавно обвинителство и до согледувањата за тоа колку позицијата на специјалниот јавен обвинител е стабилна или загрозена во корелација со таа криза. Текстот се занимава со правните последици што специјалната обвинителка Катица Јанева може да ги има доколку биде проценето дека ја повредила постапката при работењето, кога не составила записник за примопредавањето на документите од прислушувањето.

Од написот се гледа дека изворите што се консултирани точно знаеле на кој закон и законска одредба да се повикаат за да образложат зошто „Катица Јанева ја чека затвор од шест месеци до три години“ доколку се утврди дека таа ја повредила постапката со несоставувањето записник.

„Несоставувањето записник е една од најтешките битни повреди на ЗКП, бидејќи тој предвидува составување записник за секое превземено истражно дејство бидејќи од тоа понатаму зависи текот на постапката. Последиците од несоставување записник се големи. Несомнено е дека во случајот целосно се исполнети елементите за дисциплинска договорност“, изјавил анонимен извор за потребите на написот.

Само, она што е нејасно е зошто во текстот се консултирани само анонимни извори? Односно, зошто се заштитува нивниот идентитет од медиумот кога се работи само за цитирање на членови од Законот? Можеби проблемот е тоа што сугерирањето дисциплинска одговорност за Јанева, прозвучува како вид политички притисок врз независноста на специјалниот јавен обвинител, па затоа изворот не сакал со име и со презиме да застане зад таквите закани во еден чувствителен политички момент? И тоа во текст во кој првата реченица гласи:

„Од разрешување од функцијата јавен обвинител поради нестручно и несовесно вршење на функцијата, па до елементи за злоупотреба на службената положба и овластување, за која следува казна затвор од шест месеци до три години.“

Сепак, може само да се нагаѓа кои биле причините за ваквата таинственост околу изворите на информации.

 

ЗОШТО Е ЗАШТИТЕН ИДЕНТИТЕТОТ НА ИЗВОРИТЕ?

Тука треба да потсетиме што се тоа анонимни извори, во кои случаи изворите на информации можат да бидат анонимни и како  треба да се постапи доколку се одлучи да се објават информации од извор чиј идентитет треба да се заштити.

Во меѓународно прифатениот Кодекс на новинарите се вели:

Новинарот треба секогаш кога е тоа можно, да ги наведе своите извори. Јавноста има право да располага со што е можно повеќе податоци за кредибилитетот на изворите што се користени. Пред да му вети анонимност на својот извор, треба да открие кои се мотивите на изворот за тоа. Разјаснете точно под кои услови ветувате анонимност во замена за информации.

Притоа, на новинарите им се укажува:

Избегнувајте методи на прикривање или прибирање информации во тајност, освен во случаи кога со традиционалните директни методи не можете да дојдете до информации што се од витално значење за јавноста. Во сторијата треба да објасните дека до информациите сте дошле со примена на метод на тајност и на прикривање.

Во конкретниот случај не постои добра причина за заштита на идентитетот на изворите. Етичкиот комитет на  Здружението на професионални новинари (SPJ), чијшто Новинарски кодекс е меѓународно прифатен како професионална рамка за етичко новинарство, по прашање на анонимните извори го препорачува следново:

Идентификувај ги изворите секогаш кога е тоа можно. Јавноста има право да знае што е можно повеќе за кредибилноста на изворите. Секогаш проверувај ги мотивите на изворите кои бараат анонимност пред да им ја ветиш истата.

 

НЕПРИЈАТЕН ПРИЗВУК

Непријатен призвук на закана адресирана на специјалниот јавен обвинител провејува во овој напис од насловот, па сè до последниот ред, без притоа да ѝ биде дадена шанса на Јанева да ги изложи своите аргументи. Текстот има проблем и со еден друг општоприфатен принцип за етичко новинарство кој гласи: консултирај ја втората страна.

Втората страна во случајов е специјалната јавна обвинителка, Јанева. Во написот ја нема изјавата на Јанева, ниту, пак, е наведено дали е побарано таа да даде изјава во функција на овој текст. Иако Јанева за ова се огласи со соопштение за јавноста, во кое вели дека при примањето на материјалите се постапувало законски.

Работата на специјалната јавна обвинителка е под лупата  на јавноста уште од почетокот на нејзиниот мандат, што е разбирливо со оглед на причините поради кои е формирано Специјалното јавно обвинителство, како и поради нејзината позиција и овластувањата во однос на извршната власт. Но, евидентен е и силниот политички притисок што врз неа го врши владејачката политичка гарнитура.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

веродостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

анонимни

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести