verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Уставните измени низ медиумското огледало (1)

on 9 - 07 - 2014       
Македонско знаме и шаблон за изработка на знамето. Фото: знаме.мк

Македонско знаме и шаблон за изработка на знамето. Фото: знаме.мк

 

Малку беа медиумите кои во првиот момент само пренесоа кои се предложените уставни измени, а подоцна во рамките на своите следни содржини поединечно елаборираа некои од поспецифичните предлог-мерки.

 

Пишува: Доц. д-р Светлана Вељановска, доктор по меѓународно право

 

Најсвеж пример за несоодветен третман за сериозни прашања од страна на медиумите се предложените уставни измени на Владата на Република Македонија, кои се однесуваат на осум важни прашања во различни сфери од живеењето во земјава.

Насловите кои се погоре презентирани се само дел од лепезата која деновиве можеме да ја сретнеме како патоказ кон информирањето за предложената иницијатива за уставни измени. Ако читаме само еден од весниците или порталите каде може да се најдат овие информации, во никој случај нема да добиеме реална слика за што, всушност, станува збор.

Во образложението дека станува збор само за предлог одлука да се пристапи кон иницијатива за измена на Уставот на Република Македонија која е насочена кон подобрување на работата на институциите, воведување нови повисоки стандарди и овозможување на дополнителни услови за економски развој и просперитет  очигледно е искористено од најголем дел на провладините медиуми, кои, во настојување да покажат дека станува збор за добри и конструктивни предлози, веднаш се ставаат во нивна одбрана. Дури забораваат дека и самиот предлагач очекува да има сериозна дебата и:

„пошироката и експертска јавност да се вклучи во овој процес, и со аргументи и издржани дискусии да се извлече најдоброто за државата и сите нејзини граѓани“.

Медиумите со опозициска провиниенција, пак, веднаш  овие предлози ги оценија како

„негативни, својствени за недемократските општества и со намера да се комплицира а не да се подобри работењето на институциите“.

Малку беа медиумите кои во првиот момент само пренесоа кои се предложените уставни измени, а подоцна во рамките на своите следни содржини поединечно елаборираа некои од поспецифичните предлог-мерки.

 

ЗОШТО САМО ОПРЕДЕЛЕНИ МЕРКИ СЕ ИНТЕРЕСНИ ЗА МЕДИУМИТЕ?

Најголем интерес кај медиумите предизвика предлогот во Уставот бракот да се дефинира бракот како заедница на маж и жена. Кај стручната јавност најголемо внимание привлече предлогот за воведување на институтот Уставна жалба и двете точки кои се однесуваат на составот на Судскиот совет на РМ и неговите надлежности. Предложените уставни измени во економската сфера предизвикаа помало внимание, па им беше отстапен минимален простор на страниците на медиумите со исклучок на изјавата на првиот човек на НБРМ која беше пренесена во сите медиуми.

Иако Владата преферира да биде препознавана по мерките кои ги презема да подобрување на бизнис–климата во земјава, сепак, предлог-мерката за уставно дефинирање на бракот како заедница на маж и жена беше најприфатлива за ударните вести на медиумите. Па, така, во  Вечер ќе прочитате дека „Една е мајка, еден е татко – бракот влегува во Уставот“ , во Дневник има анализа за ова прашање и од религиски аспект, но и примери во десетина земји во кои на различен начин е дефиниран бракот во уставот или законите.  Во  Бриф истакнуваат дека:

„Уставната заштита и јасната дефиниција на бракот ќе овозможи натамошна заштита на децата и афирмација на нивното воспитување во семејна средина каде носечките активности се од страна на родителите мајка и татко“…

Порталот Фактор, пак, истото ова прашање го анализира од аспект на тоа дека ова прашање веќе е дебатирано и разгледувано во Собранието на РМ.

„Собранието се изјасни и го отфрли ваквиот предлог. Измените тогаш ги предлагаше пратеникот Влатко Ѓорчев. Со критики за ваквиот предлог се огласија повеќе невладини организации.“

Оттаму се прашуваат дали сега може да се смета на поддршката на претеничката група на ДУИ, која првиот пат гласала воздржано.

Телма поголем простор им дава на експертите по уставно право за прашањата и измените во делот на воведувањето на уставната жалба според кои:

„Владините предлог-измени на Уставот, кои, меѓу другото, предвидуваат и воведување Уставна жалба, се обид за сквернавење и обесчестување на највисокиот државен акт. Зад владиниот предлог се крие празна и слаба реторика за заштита на човековите права. Намерата е да ја блокира работата на Уставниот суд со оглед на тоа што драстично ќе се зголемат неговите надлежности во област во која има постапено едвај по 8 случаи.“

Можеби најмалку реакции или најголеми се согласувањата на сите околу исклучувањето на министерот за правда  и претседателот на Врховниот суд од членувањето во Судскиот совет, што е потенцирано и од страна на новинарските коментари, но и од страна на експертите и во принцип сите се согласуваат, па речиси и да не го коментираат зголемувањето на бројот на претставници на судската фела во ова тело.

Во делот на промена на надлежноста за одлучување по жалба на одлуките на Судскиот совет на Република Македонија за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител од страна на Уставниот суд, има јасни  несогласувања изразени од сите страни кои се движат од поддршка без аргументи( Вечер, Сител, Канал 5), па до комплетно негаторско изјаснување, исто така, без доволно аргументи (Телма, Вест,Плус Инфо).

(продолжува)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести