verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Зошто е препорачливо да се преведат странските скратеници акроними?

on 25 - 01 - 2016       
Странски скратеници, домашни правописни маки. Фото: Википедија/СПФМ
Странски скратеници, домашни правописни маки. Фото: Википедија/СПФМ

 

Кога скратениците се преземаат од туѓи јазици, особено од англискиот, покрај тоа да се транскрибираат, препорачливо е да се преведе целосниот назив што го претставуваат зашто непреведувањето на нивното основно значење предизвикува да се употребат погрешно и да се изгуби смислата на реченицата.

 

Пишува: Лилјана Петрушевска, лектор по македонски јазик

 

Скратениците, особено акронимите од имиња на институции, во новинарскиот стил на пишување наоѓаат многу честа примена од едноставна причина што го рационализираат просторот. Ова е вака уште од времето кога доминираа печатените медиуми, кога новинарот добиваше задача да напише текст во само 40 реда, некогаш и помалку. Денешните интернет-медиуми го немаат тој проблем зашто просторот е безмалку неограничен и авторот не се обврзува својата мисла да ја стави во избројани редови. Сепак, скратениците и понатаму многу се употребуваат зашто, од стилска гледна точка, му овозможуваат на новинарот да не се повторува себеси.

Во поглед на скратувањето сложени називи, од нашиот „Правопис на македонскиот литературен јазик“ сè уште е актуелно правилото дека „тие се скратуваат со спојување на првите букви или групи букви од зборовите што влегуваат во сложениот назив“. Така се создаваат акроними, скратеници во кои секоја голема буква симболизира соодветен збор од сложеното име, а кои се  употребуваат многу често зашто ако постојано се пишува целиот назив, тоа би одзело премногу простор. Такви се МВР (Министерство за внатрешни работи), ХОБС (хроничен опструктивен белодробен синдром), ДУП (детален урбанистички план)… Овие скратеници, правописот дозволува дури и да се членуваат (ДУП-от, ЗИК-от). Притоа, ако е нужно да се членуваат, тие добиваат членска наставка која ги одразува граматичкиот род и број на именката-јадро на сложениот назив (ДУП-от, Детални-от урбанистички план, план-от), а тоа е така и заради согласувањето по род и по број со прирокот во реченицата, како и со други реченични членови (ДУП-от предвиде-л, Детални-от урбанистички план предвиде-л).

Кога скратениците се преземаат од туѓи јазици, особено од англискиот, правописот предвидува тие да се транскрибираат, но во однос на употребата во реченицата, за нив важат истите правила како и кај другите скратеници. Оттаму, непознавањето на значењето на странските акроними или нивното непреведување предизвикува да се употребат погрешно и да се изгуби смислата на реченицата.

Така, на пример, скратеницата УНХЦР, која во нашиот јазик е во употреба само со транскрипција на англиската скратеница, а го означува Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (UNHCR) ја среќаваме во ваков контекст:

Хуманитарната организација УНХЦР е загрижена поради тензиите и насилството меѓу мигрантите и бегалците на границата меѓу Грција и Македонија.

Ако во конкретната реченица го разложиме акронимот, односно го употребиме целото име што го претставува, ќе добиеме ваква реченица: „Хуманитарната организација Висок комесаријат за бегалци на Обединетите нации е загрижена…“

Во оваа реченична конструкција се појавува и несогласување по род со прирокот („комесаријат“ во машки род, а „е загрижена“ во женски род). Напомена: иако може да се добие поинаков впечаток, глаголската придавка „загрижена“ во ваков збороред се однесува на скратеницата УНХЦР, а не на именката „организација“.

И акронимот УНИЦЕФ, со кој се означува Фондот за деца на Обединетите нации (UNICEF) честопати се употребува погрешно:

Тенисерката Ана Ивановиќ била вистинска поддршка на своето момче, германскиот фудбалер Бастијан Швајнштајгер во неделата вечерта кога се одржала свечена Уницеф гала вечер.

Одовде, според начинот на кој е напишано, со голема почетна и со другите мали букви, се заклучува дека „Уницеф“ е името на институција во рамките на Обединетите нации, а не скратеница од името. Всушност, суштината на акронимите, кои, како што кажавме претходно, се прават со првите букви од зборовите што влегуваат во сложениот назив, е да го заменат името што го претставуваат. Оттаму, ако стои „Уницеф“, а не „УНИЦЕФ“, се создава алузија дека институцијата се вика „Уницеф“, а неФонд за деца на Обединетите нации“.

Во слични примери, кога се пишува за Инструмент за претпристапна асистенција за рурален развој (ИПАРД), а наместо со сите големи букви, скратеницата е напишана со голема почетна и со другите мали букви, можеби се наведува неупатениот читател на заклучок дека постои некоја програма која се вика „Ипард“?

Од 2010 година досега во валандовско се вложени околу 5,5 милиони евра земјоделски субвенции и се искористени за милиони евра од Ипард програмата

Треба да се има предвид дека кога скратениците кои, според правилото, се пишуваат со сите големи букви, ќе почнат да се пишуваат со почетна голема и со мали букви или само со мали букви, всушност, настапува нивна лексикализација, односно тие стануваат зборови сами по себе, општи именки. Таков е примерот со скратеницата „СИДА“, која по лексикализацијата стана именка од женски род, „сида-та“. Тоа, пак, во овие случаи, кога станува збор за сложени имиња на институции, е невозможно и неприфатливо.

Всушност, ваквите грешки настануваат зашто авторите се склони едноставно да ги препишат скратениците, воопшто не интересирајќи се за тоа што претставуваат тие.

Од овие примери погоре заклучуваме дека Северно-атланската алијанса (НАТО) е во машки род или во среден род. (му… на НАТО). Тоа, веројатно, произлегува од тоа што скратеницата завршува на „о“, како некои именки од среден род во македонскиот јазик. Меѓутоа, токму ваквите случаи се тие што ја потврдуваат неопходноста од превод на акронимските скратеници. Имено, ако на почетокот на текстот еднаш се напише „Северно-атлантска алијанса“, ќе биде нелогично понатаму во текстот на скратеницата „НАТО“ да ѝ се припишува машки род. Всушност, скратеницата, како и да звучи, нема поинаков род од тој што го има називот што го означува, а во случајот женски, зашто, нели, именката „алијанса“ е во женски род. Ова се потврдува и со правилото за членување на скратениците што го споменавме погоре, каде, на пример, скратеницата ЗИК добива членска наставка „-от“ само затоа што, во суштина, кога велиме „ЗИК-от“, ние мислиме на „Земјоделско-индустрискио-от комбинат“, односно на „комбинат-от“. Поедноставно кажано, скратеницата не може да добие членска наставка за друг граматички род освен тој на кој му припаѓа именката што е основна во именската група, односно во сложениот назив на кој се однесува акронимот. Тоа е така зашто скратеницата нема свој граматички род, освен во случаи кога целосно се лексикализира и станува општа именка.

Акронимот УНЕСКО, пак, не се ни знае во кој род е. Некогаш во машки, некогаш во среден граматички род, ама ретко во женски род, како што би требало да биде зашто го заменува името на Образовно-научна и културолошка организација на Обединетите нации:

Во последниов пример, според начинот како е напишано, „Унеско“, се поистоветува со име на институцијата наместо со скратеница што го претставува името.

Вакви грешки од неодамна преземени акроними забележуваме и кај тие што ја претставуваат терористичката организација Исламска држава:

Од примерите се гледа дека овие два акронима, ИСИС и ИСИЛ, кои треба да ги означуваат Исламска држава на Ирак и Сирија и Исламска држава на Ирак и Левант, всушност се мешаат, а не им се знае ниту граматичкиот род.

Посебен случај што е особено чуден е употребата на акронимот САД со глагол во еднина иако овој акроним означува уредно преведен израз за име на држава (Соединети Американски Држави) и во употреба е многу долго.

Уште многу примери на погрешно употребени скратеници – акроними можеме да наведеме. Но, кој е заклучокот од сето тоа? Скратеницата која е неминовен дел од еден текст, без оглед дали е централен субјект во него или, пак, се споменува патем, неопходно е барем еднаш да се употреби покрај сложениот назив што го претставува и да се напише правилно, со сите големи букви. Всушност, при пишувањето потребно е да се претпостави дека има читатели кои се неупатени и не знаат што означуваат одредени скратеници. Оттаму, неминовно е барем во „главата“ на текстот, односно во воведот, да се спомене целото име на институцијата за која се пишува, а веднаш до името во заграда да се напише и скратеницата за понатаму на читателот да му биде јасно за што станува збор. Покрај тоа, на тој начин би се избегнале сите понатамошни забуни и грешки во текстот, односно несогласување по род и по број со другите реченични членови. Имено, ако еднаш веќе во воведот сте напишале  „Организација за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ)“, речиси е невозможно понатаму во текстот или, пак, навраќајќи се на насловот, да се направи грешка во граматичкиот род (во случајов женски) и да се напише реченица како оваа:

Обвинителството на БиХ не му ги дава досиејата за воени злосторства на ОБСЕ

Значи, ако во „главата“ на текстот, во која, новинарски, покрај другите три, мора да се одговорат и прашањата „кој“ и „што“, еднаш се употреби целосниот преведен назив заедно со акронимот, ќе се избегнат многу нелогичности во јазична смисла. Читливоста на текстот, пак, која произлегува и од јазичната логичност и коректност, е една од основните постулати на новинарскиот текст.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести