verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ЗНМ ги осудува притисоците врз новинарот Мухамед Зекири

on 7 - 03 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Скопје, 7 март, 2016 – 12:29 (META) – Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро ги осудува притисоците и заканите на претставници на ДУИ врз новинарот на ТВ „Шења“, Мухамед Зекири.

„Ваквите притисоци ја загрозуваат слободата на говорот и поттикнуваат самоцензура кај новинарите. Со закани и со притисоци врз новинарите, Македонија нема да се извлече од групата африкански земји, каде масовно се кршат медиумските слободи“, пишува во соопштението на ЗНМ.

Од Здружението велат дека крајно лицемерно е ДУИ да ја убедува јавноста дека медиумите на албански јазик се послободни благодарение на нивното одговорно однесување како владејачка партија, а во исто време нивните челници да се закануваат на новинари.

„Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како потписник на Договорот од Пржино, се обврза за поголема слобода на медиумите. Крајно е неодговорно лидер на партија да не го почитува сопствениот потпис. Ги повикуваме челниците на ДУИ веднаш да престанат со притисоците врз новинарот Зекири, во спротивно ќе бидеме принудени да разгледаме други правни чекори за да ги заштитиме нашите колеги“, порачуваат од ЗНМ.

Претходно новинарот Закири на својот фејсбук-профил се пожали дека имал притисоци и закани од ДУИ.

 

Извор: Мета.мк (7.3.2016 г.)

Претплатете се за најнови вести