verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Зборник за деконструкција на наводните медиуми 

on 26 - 07 - 2017       

 

NaslovnaJpgVeb-crop-480dpi

 

Зборникот, освен феноменот на политичка инструментализација, на многу стручен и компетентен начин, а, пред сѐ, и практичен, со конкретни примери, ги третира и линиите помеѓу професионализмот и слободата на говорот. Но, не само тоа. Третирани се и разни девијации во новинарството во Македонија какви што се: злоупотребата на изворите на информациите, а особено многу распространетиот феномен „копи-пејст новинарство“ и злоупотребата на авторското право од страна на интернет-медиумите – портали.

 

(Рецензија на зборникот „Професионално и одговорно новинарство“ од проектот „Сервис на проверка на фактите во медиумите“)

 

Доц. д-р Сефер Тахири

 

Дали новинарството денес има потреба од своја „судска медицина“? Ова прашање со право се поставува кога го живееме времето на постоењето на многу медиуми, а сѐ помалку имаме новинарство!

Новиот свет на мноштво информации, на нивното дистрибуирање во реално време, на паметни телефони, дигитални камери и на социјални мрежи, ја врати во мода дисциплината на верификација како вредност на новинарството.

Имајќи предвид дека медиумите треба да бидат „куче чувар на демократијата“ во време кога разбираме дека сме во циклонот на брзите и големи промени во медиумскиот свет, се наметнува потребата за „чувари на медиуми“, задача која во Македонија во последните години ја извршуваа мошне одговорно и совесно колеги – новинари, кои нивните критички анализи за деконструирање на медиумските содржини ги објавуваа во рамките на проектот „Сервис за проверка на фактите“.

Имајќи предвид дека во Република Македонија политичарите ги користат медиумите за свои политички цели, а сопствениците за свои корпоративни цели, проектот дава голем придонес за да се раздвои вистинското новинарство од пропагандата, односите со јавноста, политичката комуникација или политичкиот маркетинг, кои се дел од информативните емисии и содржини во поголемиот број медиуми.

Проектот, кој имаше цел да го развие квалитетното новинарство, преку давањето јавно признание за медиумите кои ги почитуваа професионалните стандарди и етичките норми и преку јавното етичко „санкционирање“ на медиумите кои сите овие години беа само канали за пренесување пропагандистички пораки, заврши со објавување на зборникот со наслов „Професионално и одговорно новинарство“. Би рекле, доста инспиративен наслов, бидејќи во страниците на зборникот се промовираат и се афирмираат вредностите на новинарството, кои претпочитаат професионализам и почитување на принципите за точност и за проверка на фактите, непристрасност, балансираност, етика и некористење говор на омраза, клевети и навреди, а од друга страна, го промовира и принципиот на уредувачката одговорност кон јавноста и јавниот интерес, кој треба да биде балансиран со слободата на изразувањето.

Во овој труд, кој од страна на Зоран Бојаровски и на тимот кој работел на Зборникот е уредуван на многу вешт начин и со голема новинарска суптилност за темите обработени во проектот, на хронолошки начин низ медиумските анализи на значајни новинарски пера го третира кршењето на членовите на Кодексот на новинарите на Македонија, со тоа не оставајќи ги мирни медиумите, но и новинарите и нивните уредници и сопственици. Публиката на јасен и недвосмислен начин преку овие новинарски лекции е информирана дека дел од медиумите манипулираа со фактите, бидејќи наместо вести користеа шпекулации, полувистини, а во многу случаи и лажни вести, кои во последните години го контаминираа нашиот еко-систем на информирањето.

Овој зборник е конкретен придонес, не само општествен, туку и научен, за да се истакнува важноста на проверката на фактите во медиумите, бидејќи паралелно со зголемувањето на напорите за верификација, во пораст е заложбата на дел од медиумите, кои беа подржани финансиски од власта – нивното известување да не го поткрепуваат со факти, туку со претпоставки, а многу често, за жал, и со лаги! Се работи за т.н. „заробени медиуми“ и за „новинарите“ во „костумот на власта“. Се работи за новинарите кои се самоцензурираат!

Зборникот, освен феноменот на политичка инструментализација, на многу стручен и компетентен начин, а, пред сѐ, и практичен, со конкретни примери, ги третира и линиите помеѓу професионализмот и слободата на говорот. Но, не само тоа. Третирани се и разни девијации во новинарството во Македонија какви што се: злоупотребата на изворите на информациите, а особено многу распространетиот феномен „копи-пејст новинарство“ и злоупотребата на авторското право од страна на интернет-медиумите – портали.

Зборникот се осврнува и на користењето на анонимни извори, користењето на социјалните мрежи за производство на вести, повредата на приватноста и на презумцијата на невиност, (не)служењето на јавниот интерес, неетичкото известување за самоубиствата и за природните катастрофи, злоупотребата на децата, известувањето за сексуалните работнички, но и ред прашања и теми кои се поврзани со новинарите како субјекти во медиумскиот систем и со новинарските жанрови, разните типови на медиуми и со публиката.

Со еден збор, зборникот „Професионално и одговорно новинарство“ е еден вид вистинска потрага по изгубеното новинарство во класична смисла на зборот, а која секој ден се преобразува, редимензионира и влегува во нови контексти во оваа доба на мултимедијалност. Еден наслов на една лекција во зборникот вели „Борбата на медиумите за подобро утре не смее да запре“, но исто така и борбата за подобри медиуми не треба да запре, па затоа да се надеваме дека ќе се најдат начини и енергија ваквиот проект да продолжи.

Новинарството заслужува да има своја светла точка!

На Македонија не ѝ се потребни наводни, туку вистински медиуми! На Македонија, која сè уште функционира како систем на „демократура“, никогаш повеќе не ѝ се потребни медиуми под диктат, туку медиуми кои промовираат демократија, плурализам на мислења и ставови, различности од секаков вид, разновидност во однос на жанровите, темите и публиката на која ѝ се обраќаат, а, пред сè, кои промовираат слобода на изразување.

Зборникот „Професионално и одговорно новинарство“ е јасен и вистински патоказ како можат новинарите, уредниците и другите медиумски работници што учествуваат во медиумската продукција да ги бришат наводниците од своите медиуми, односно како можат да ја симнуваат етикетата „медиуми во наводници“!


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести