verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Четиво кое обработува суштински проблематики на новинарството

on 26 - 07 - 2017       

 

NaslovnaJpgVeb-crop-480dpi

 

(Рецензија на зборникот „Професионално и одговорно новинарство“ од проектот „Сервис на проверка на фактите во медиумите„)

 

Проф. д-р Јасна Бачовска-Недиќ[1]Правен факултет „Јустинијан Први“ УКИМ, Институт за новинарство, медиуми и комуникации

  

  1. За важноста на проблемот што го презентира и го обработува Зборникот

Во однос на поимот професионалност, од доктринарен аспект, битни се следниве аспекти за новинарот: стручноста, одговорноста кон публиката и автономијата. Прашањата за општествениот престиж и за релативната автономија, т.е. до кој степен една професија сама се регулира и е слободна од хиерархиските форми на контрола, се круцијалните прашања за класичната претстава на една професија и професионалност.

Сега како никогаш се актуализираат прашањата за стандардите на професионализација во областа на новинарството, особено поради кулминацијата на политичка криза во Република Македонија (2012-2017).

Врз основа на стручна перцепција, може да се каже дека по осамостојувањето на Република Македонија, благодарение на одредени општествено-политички околности (распаѓање на СФРЈ, создавање сопствена држава, премин од еден кон друг општествено-политички систем) и на стручноста, интелектуалниот капацитет на новинарското јадро тогаш, од сегашна перспектива, се формираше еден лик на новинар со изразито критичка и контролна функција, што всушност е и супстанцијална карактеристика на оваа професија. Новинарството во Република Македонија во раните 90-ти години на 20 век можеме да го окарактеризираме како заштитник на општествено-запоставените групи, педагог, истражувач, критичар на власта и на состојбите и посредник меѓу општествените групи и фактори.

Но, процесот на трансформација на медиумскиот систем во Република Македонија беше попроблематичен од другите земји на Југоисточна Европа, без добри нормативни и стратешките рамки, чии последици се почувствуваа веќе по 2001 година, а доживеаја кулминација за време на владеењето на десничарската ВМРО-ДПМНЕ. Контролата на финансиското преживување на медиумите и на новинарите ја презеде државата, т.е. партијата на власт. Од средства за информирање, анализа и за контрола, тие се претворија во средства за економска и за политичка промоција и за пропаганда и се контролирани по пат на купување на рекламниот простор и преку нетраспарентното и дискреционо одлучување за доделување на јавните пари. Ова имаше реперкусии врз новинарството, се разнебити еснафското јадро, всушност, како и во други области. Се формираа и паралелни професионални здруженија и тоа на политичка основа, што е недозволиво, а всушност тие  здруженија треба да се гарант за минимумот интереси во една професионална смисла на зборот.

Останува актуелен проблемот на недоверба на новинарите кон нивните професионални асоцијации.

 

  1. За авторите и за аргументацијата

Овој зборник е обемно четиво кое обработува круцијални проблематики на новинарството. Неговата вредност е уште поголема зашто поголемиот дел од авторите се новинари-практичари, но и теоретичари, универзитетски професори кои долг период се занимаваат со проблемите на демократијата во Република Македонија, како и претставници на цивилното општество кои преку разни акциони истражувања доаѓаат до сознанија за тенденциите во македонското новинарство.

Во однос на документацијата на која се потпираат анализите во текстовите, можам да нагласам дека тоа се компетенти и свежи извори (извештаи, оценки, литература), од релевантни меѓународни институции кои многу сериозно ги нављудуваат проблемите на медиумскиот систем и на новинарството во Република Македонија.

 

  1. Осврт кон структурата на Зборникот

Уредничкиот тим успеал да направи особено интересна структура на Зборникот, изразито експликативна, како за стручната, така и за пошироката јавност. Имено, станува збор за филтрирање на новинарството во РМ преку членовите на Етичкиот кодекс на новинарите на Република Македонија.

Ваквата структура овозможува успешно да се селектираат, критикуваат и да се анализираат проблемите на случајот: новинарство во Република Македонија. Од Зборникот добиваме јасен сигнал за тоа во кои области треба интервенција, како во однос на политичка волја, така и во однос на правна регулација и професионална свест.

 

3.1 Поглавје 00, Преамбулата од Кодексот на новинарите на РМ (Автори: Оливера Војновска, Ерол Ризаов, Борис Камчев) Авторите во ова поглавје констатираат дека медиумите во Република Македонија станаа проблем на демократијата. Процесот на трансформација на медиумите заврши со тоа медиумите да бидат в раце на тие што имаат пари и дојде до одржување на зависни медиуми. Покрај непостоење на формална цензура, односно неа ја нема во законите, во прописите, во судските одлуки, новинарите во редакциите се согласуваат или се истомисленици со „газдата“: сопственикот, менаџерот, партијата, уредувачката политика е само друг збор за внатрешната цензура. Тогаш интервенциите на уредникот се сведуваат само на контролата дали авторот добро ги изразил мислите на газдата. Во социологијата на комуникации, авторите во стручната терминологија го користат изразот „изнудување согласност“ или автоцензура. Тоа се пораки кои немаат цел да шират вистинити информации и се занимаваат со ширење на пожелна свест, т.е. пожелни политички однесувања кои се во согласност со веќе востановениот политички поредок и со владејачката идеологија. Низ примерот на медиумскиот систем во Република Македонија, авторите говорат за мутирање на формално-демократски поставениот медиумски систем во систем за производство на пожелна свест.

Поглавје 1, Член 1 и 2 од Кодексот на новинарите на РМ (Автори: Александар Пешев, Ерол Ризаов, Тамара Чаусидис) Прашањето за информацијата е едно од круцијалните индикатори за интегритетот на професијата. Новинарот треба да има крајно стручен и методолошко-скептичен однос кон информацијата од аспект на нејзината точност и информативна густина.  Точноста и проверливоста на информацијата треба да се основни принципи во работењето.

Во Македонија сè уште не се препознава важноста на врската помеѓу синдикалното организирање и слободата на медиумите. И на општо ниво, но и на ниво на новинарска професија, постои криза на синдикалното организирање. Во вакви услови борбата за работа на новинарот е работа на личен избор. Синдикалниот активизам е гарант за остварувањето на правата и за намалување на притисокот врз новинарите, како и услов за слобода на медиумите. Државата и за ова мора да има одговорност и треба да покаже свест дека надвор од јавниот сектор синдикалното организирање е де факто отежнато, речиси невозможно.

Поглавје 2, Член 3 од Кодексот на новинарите на Република Македонија (Автори: Зоран Бојаровски, Оливера Војновска) Авторите го тематизираат прашањето за професионалност и на општествена одговорност преку правото на исправка, демант и на одговор како базични филтри (и етички критериуми) за егзактноста на новинарскиот производ. Низ примери од македонското новинарство, акцентот е ставен на можноста за манипулации токму преку овие механизми. Располагањето со релевантните податоци, но и можноста да се чуе другата страна и другото толкување, се еден од основните критериуми на методолошката објективност (наспроти филозофскиот поим на објективност, кој е недостижен, се разбира). За демантот, исправката и за одговорот не треба да се бара контекст, погоден момент и треба да е во пакет со демантираната информација, информацијата што се коригира (поправа) или одговорот да е во пакет со прашањето, и тоа треба да се на истото место и во истиот формат, како единствено логично и исправно постапување.

Поглавје 3, Член 4 од Кодексот на новинарите на Република Македонија (Автори: Билјана Илиќ, Саше Димовски, Југослава Дуковска) Во ова поглавје се отвора прашањето на изворот во новинарството. Изворот на информацијата во новинарството е еден од основните индикатори за мерење на интегритетот на оваа професија. Што сè може да претставува извор, дали и кога еден извор на информации може да биде анонимен се постојана тема на дебатирањата за професионалното новинарство. Новинарството, особено во неговите најелитни облици (политичко, економско новинарство), кои се формативни фактори на политичката комуникација, денес се изедначува со тежината на науката (научните истражувања) или може да се зборува за едно прецизно новинарство особено во земјите кои се лидери во медиумските слободи и права. Изворот мора да биде професионално третиран, во строго ограничени случаи може да биде анонимен, и тие случаи треба да се предмет на конвенција. Само строго дефиниран извор, проверен, репрезентативен, референтен, точен, доверлив може да биде одлика на едно професионално и одговорно новинарство. „Курир“ не може да биде извор на „Сител“.

Поглавје 4, Член 5 од Кодексот на новинарите на Република Македонија (Автори: Сашо Ордановски, Сашо Димовски, Џенис Сулимани, Ана Анастасовска) Во овој дел се акцентира улогата на медиумите како социо-политички фактор и чувар на јавниот интерес. Овој момент е драматично важен, бидејќи медиумите денес стануваат институционален дел на демократијата. Инспирирани од драматичните деформации на медиумскиот систем во Република Македонија и од крајната инструментализација на новинарството од страна на доминантните медиуми (владини медиуми или медиуми на владејачката партија), авторите зборуваат за тенденции на популизам, естетизација на политиката преку системот за односи со јавноста, професионална сензитивност (која треба да се негува) кон суштински општествени процеси, прашања и случувања.

Поглавје 5, Член 6 од Кодексот на новинарите на Република Македонија (Автори: Љубомир Костовски и Владо Ѓорчев) Со оглед на економската несигурност, проблемите во синдикалното организирање, прашањето за корупција во новинарството во Македонија е мошне актуелно. Курсеви по афирмативното пишување нудат многу агенции за односи со јавноста, ангажирани од фармацевтски куќи, политички партии, автомобилски и други богати индустрии. Подмитувањето во современото новинарство не функционира само во „кеш“, туку има многу софистицирани верзии (кариера, статус, контра-услуги, влијание, рејтинг, безбедност).

Поглавје 6, Член 7 од Кодексот на новинарите (Автори: Љубомир Костовски, Елена Стојановска) Начелото на приватност е дефинирано во многу меѓународни документи, а за нас релевантен е членот 8 од Европската конвенција за човекови права и слободи. Освен што е етички критериум во Кодексот на новинари, тој е причина поради која еден новинар може да заврши пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур. Во овој дел потребна е едукација на новинарите околу прашањата на приватноста и како таа може да се повреди. Многу грешки се прават и од незнаење. Комерцијалните мотиви, особено изразени во оваа професија, и кариеризмот, исто така, не смеат да ја злоупотребуваат личната болка и жалост.

Поглавје 7, Член 8 од Кодексот на новинарите на Македонија (Автори: Саше Димовски, Зоран Бојаровски, Љубомир Костовски, Теофил Блажевски, Жарко Трајаноски, Тамара Чаусидис, Фатлуме Дервиши) Принципот на актуелност не смее да атакува на професионалната автономија. Не смеат за добри вести да важат само актуелните новости. Известувањето треба да е грижливо и сеопфатно. Деталното обработување на теми е макотрпно и тешко (од тој аспект авторите говорат за мрзеливи колеги, новинари во пижами итн.). Еден новинар не смее да биде жртва на сензационализмот. Притисокот на актуелноста (она што го врти вниманието) доведува до „псевдонастани“, т.е. креирање настани за да бидат во медиумите.

Сензационализмот во известувањето за судски случаи, објавувањето на идентитетот на осомничените, покажување на снимки од нивното приведување и сл., директно го крши уставното начело на презумција на невиноста според кое лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино сѐ додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Понатаму, непочитувањето на начелото на презумција на невиност стигматизира, ги етикетира лицата како криминалци и тие се предмет на осуда од јавноста, а притисокот од јавноста за нивна осуда со строги казни е особено значаен. Или, зголемената придружба на фотографии за старите кривични дела, особено поради тоа што се прикажуваат нивните сторители, повторно ги актуализира случаите и дополнително го задржува вниманието на читателите за нивно следење. Со тоа медиумите ја продолжуваат нивната стигматизација и осудување и таквата перцепција ја пренесуваат врз читателот.

Поглавје 8, Член 9 од Кодексот на новинарите на Македонија (Автори: Саше Димовски, Елена Стојановска, Агрон Врангала) Непочитувањето на детските права во медиумите го гледаме во вестите, прилозите, статиите во кои се пишува без основно познавање на детските права или нивно погрешно толкување, за што аргументираат и авторите на ова поглавје. Најпроблематични се текстовите и прилозите од црната хроника и тие во кои се пишува за децата на улица, децата без родителска грижа сместени во домови или децата со посебни потреби. Тука не се почитува приватноста и достоинството на децата има недоволна заштита на идентитетот, непочитување на презумцијата на невиност, неизбалансирано известување. Како области или права кои најчесто се кршат се: заштита на приватноста на детето, заштита на достоинството на детето и фотографирање. Меѓународната активност за оваа проблематика се сублимира во Конвенцијата за правата на детето и во меѓународните документи на ООН, ЕУ и на Советот на Европа кои регулираат прашања поврзани со правата на детето, заштитата на неговата приватност и улогата на медиумите.

Поглавје 9, Член 10 од Кодексот на новинари на Република Македонија (Автори: Мирјана Најчевска, Билјана Илиќ, Александар Писарев, Зоран Бојаровски, Жарко Трајаноски) Говорот на омраза и изразите што содржат негови елементи имаат поштетно влијание доколку се шират преку медиумите, што дополнително ја зголемува одговорноста на новинарите. Елементи/сегменти кои треба да се анализираат од аспект на говорот на омраза се: начинот на кој се именуваат актерите на општествената реалност, начинот на кои се цитираат (директните и индиректните цитати): статусот, рангот и намерата.

Автономната и моќна позиција на медиумите како единствен и апсолутен институционален канал за општествена комуникација, ги ставаат медиумите како приоритетна тема кога станува збор за говорот на омраза. Медиумите не можеме да ги оквалификуваме како креатори на говорот на омраза, но тие се инструмент, канал и средство за негово ширење. Тие, исто така, можат да создаваат контекст, ситуации, како и поволна клима за ширење на омразата или нејзина естетизација.

Поглавје 10, Член 11 од Кодексот на новинарите (Автор: Мирјана Најчевска) Авторката во РМ ужива углед на докажан борец за човекови права и афирмиран теоретичар во оваа област. Новинарите постојано пишуваат за различностите кои се темелат на религија, раса, пол, сексуална припадност, социјално потекло, култура. Доминантните патријархални и конзервативни вредности, исто така, влијаат и на новинарската работа. Како генерална перцепција може да се истакне дека новинарите мора да демонстрираат висока свест за социо-политичкиот контекст, во кои творат и за универзалните вредности. Во РМ треба да внимаваат на поделбата на етничка и на религиозна основа и дискриминаторски тенденции врз основа на пол и на сексуална ориентација. Во овој правец има агресивни меѓународни напори за елиминирање на непрофесионализмот на новинарите. Меѓународната федерација на новинарите[2] со етички кодекс ги задолжува новинарите на хуманост и на заштита на човековите права. Од новинарот се очекува свесност за одговорноста на неговата работа.

Поглавје 11, Член 12 од Кодексот на новинарите на Република Македонија (Автори: Биљана Илиќ, Теофил Блажевски, Агрон Врангала) Како и во академското пишување, така и во новинарството, плагијаторството т.е. препишувањето туѓи текстови е проблем на професијата. Овој проблем е уште поголем со појавата на новите медиуми  кои овозможуваат брзо и екстремно лесно „користење“ (copy-paste) на туѓи текстови (читај: информации, вести, анализи, извештаи), а со тоа ја прават уште поактуелна областа: авторски права и интелектуална сопственост. Во светот на науката се формализирани (врз основа на одредени методи се утврдува) и на соодветен начин се санкционирани плагијатите (со одземање на научни титули, исклучување од асоцијации, судски пресуди). Во светот на новинарството, во овој домен од исклучително значење би требало да улога да имаат професионалните здруженија во смисла на едукација и, секако, советите на честа или слични тела.

Поглавје 12, Член 13 од Кодексот на новинарите на Република Македонија (Автори: Ана Анастасовска, Биљана Илиќ, Зоран Бојаровски) Протоколите во работата и стандардите во постапките ја прават сигурна еден професија. Жанровската етаблираност е, всушност, протоколот на постапување во новинарството. Секој жанр може да биде злоупотребен во пропагандни цели. Но, во Република Македонија имавме случаи на флагрантно кршење на стандардните постапки, т.е. целосно бришење на границите помеѓу жанровите, но и негирање на самите жанрови. Преку анализа на содржина, можеме да докажеме дека централни информативни емисии, (популарно: дневник или вести) на комерцијални национални телевизии (со висока гледаност и висок праг на доверба кај одредени структури од населението) се трансформираа во политичко беседништво.

Поглавје 13, Член 14 од Кодексот на новинарите на Република Македонија (Автори: Зоран Бојаровски, Владо Ѓорчев, Оливера Војновска, Соња Здравеска) Демократското јавно мислење, подразбира квалитетно и вистински информиран граѓанин, што е прв и основен услов за активен и рационален однос на граѓанинот кон политиката и кон власта. Демократска политичка култура има три обележја: активност, вклученост и рационалност, а новинарството треба да ги обезбеди. Во политичкиот живот „ниеден политички лидер денес не може да победи на избори ако постојано не се појавува на телевизија: телевизиската слика на лидерот, според тоа, е „личноста која најголем број гледачи ја познаваат“ (Ентони Гиденс). Изборите се базичен општествен процес, професионалното новинарство треба да биде особено сензитивно и да обезбеди максимална неутралност кон овој процес, а со конфигурацијата на медиумскиот систем (политички плурализам на медиуми) треба да се обезбеди објективност во информирањето. Преку медиумите, огромниот број информации новинарството ги става на располагање на јавноста и на тој начин директно влијае врз јавноста и реалната одлука што секој поединец како потрошувач или политички субјект треба да ја донесе. Со ова, исто така, се разобличуваат одредени состојби и се актуализираат проблемите.

Поглавје 14, Член 15 од Кодексот на новинарите на Република Македонија (Автори: Силвана Жежова, Владо Ѓорчев) Слободата на говор ја вклучува и културата на говор. Новинарскиот говор треба да ги штити основните човекови вредности. Самокритичноста треба да биде основниот коректив во работата, особено во вршењето на новинарската дејност. Слободата на изразување се состои од две права: првото е слобода на мислење, кое е апсолутно граѓанско право, и слобода на искажување на мислењето, кое е политичко право, и има извесни ограничувања (говор на омраза, клевета, навреда). Новинарот особено треба ја има предвид ваквата поставеност на ова право, на кое е базирана новинарската работа. 

Поглавје 15, Член 16 од Кодексот на новинарите на Република Македонија (Автори: Силвана Жежова, Мирослава Бурнс, Влатко Стојановски) Авторите го актуализираат проблемот на професионална злоупотреба на медиумите. Кредибилитетот во професијата, пак, директно влијае врз вреднувањето на професијата и општествениот статус на новинарот во една земја. Како пишувате, колку аргументите ви се силни и референтни со доказна сила, толку повеќе ја зајакнувате позицијата на новинарството како професија што во крајна линија се рефлектира како на духовна, така и на материјална сатисфакција од својата работа. Секако, во овој правец влијае не само самосвеста и волјата на новинарот, туку и неговото интелектуално ниво (општо образование) и специфично знаење во областа во која пишува. Сепак, неопходни се филтри за влез во професијата, тоа го налага и зголеменото интелектуалното ниво на публиката и социјални можности кои ги нудат новите медиуми.

Поглавје 16, Член 17 од Кодексот на новинарите на Република Македонија (Автор: Теофил Блажевски) Саморегулацијата во новинарството, која е тематизирана во ова поглавје, е многу битна за нивото на професионализација бидејќи би требало да е резултат на новинарите, кои во овој случај се појавуваат како регулатори на својата работа. Саморегулација во медиумскиот сектор, за која зборува Блажевски, е всушност борба против надворешните влијанија на новинарството. Во текстот се нагласува потребата од солидарноста помеѓу медиумите и новинарите, и во една земја и во меѓународни рамки. Оваа солидарност е особено потребна во медиумскиот систем во Република Македонија.

Дискусиите за саморегулација, сепак, треба да имаат свој коректив во фактот што и саморегулацијата има свои ограничувања. Како прво, ѝ недостига демократичност и правен легитимитет, (може да се искористи како механизам за заобиколување на законите за основните права и слободи). Исто така, евидентни се недостигот од транспарентност и од отчетност, предизвикувањето правна несигурност, а со тоа е поврзана и фрагментацијата на националниот и на меѓународниот  систем  на заштита на авторските права.

 

  • Вториот дел на Зборникот составен во седум поглавја

Прво поглавје, Во основите на новинарството (Автори: Теофил Блажевски, Александар Писарев, Љубомир Костовски, Зоран Бојаровски, Стојан Синадинов, Мирјана Најчевска, Ана Анастасовска, Александар Пешев) Во ова поглавје, новинарството се разгледува низ стандардната жанровска структура, и тоа: новинарски жанрови и видови медиуми во контекст на современите тенденции и проблеми во кои се наоѓа новинарството. Во полза на поекспликативна рецензија ќе наведам еден поетичен, но илустративен цитат: „… Во време на површна и секоја друга вистинска култура, во време во кое пропагандниот инженеринг ги онеспособува мозоците, критичкиот ум на поединецот атрофира. Само уште ретки новинари водат поединечни битки за одвојување на фактографијата и аналитиката како отпор од пропагандната деформација на новинарството. Патиштата и иднината се нејасни, затоа што поголемиот број од младите не го ни чувствуваат грешењето при мешањето на жанровите“. (Sergije Lukač Objektino i subjektivno, во: Savremeno novinarstvo, Fakultet političkih nauka, Univerziteta u Beogradu, Čigoja štampa, 1998)

Тоа значи дека информациите крајно осмислено се претвораат во објаснувања, а го губат својот фактички материјал за да се постигне саканата динамика во колективното помнење.

Второ поглавје, Карактеристиките на новинарот (Автори: Зоран Бојаровски, Владимир Петрески, Александар Писарев, Горан Ризаов, Владо Ѓорчев) Овој дел повторно ја отвора дебата за персоналните карактеристики потребни да се биде новинар и барањата што пред секој новинар ги поставува она новинарство кое се јавува кон крајот на 20 век. Тоа креира потреба од новинар, кој покрај традиционалните журналистички познавања, ќе поседува и солидни интердисциплинарни познавања од различни области, какви што се: политика, спорт, медицина, економија, технологија, образование, забава, наука, мода, итн. Треба да е мотивиран да им служи на читателите, слушателите, гледачите и на демократијата, доволно стрплив да ја следи приказната докрај и да е настојчив со изворите на информации. Треба да поседува добри извори на информации и контакти кои можат да помогнат во анализите, како и вештина за секоја нова технологија во областа на комуникации.

Трето поглавје, Новите медиуми (автори: Зоран Бојаровски, Бардил Заими, Филип Стојановски) Фокусот на ова поглавје е на последиците и на преструктуирањето кое ги трпи новинарството од новите медиуми (нови комуникациски технологии и нови форми на комуницирање кои тие ги овозможуваат). Во однос на овој проблем, постои еден феномен на давање преголемо значење на влијанието на новите медиуми, а во теоријата овој феномен се нарекува „техномиопија“ (сега како најактуелни – социјалните мрежи, а своевремено ваков однос постоел меѓу печатот и радиото). Но, и покрај тоа што сме бомбардирани од информации и имаме можност да комуницираме „по желба“, сепак, забрзано се зголемува популарноста на интернет-новинарството, нови форми на новинарство. Дека весниците ќе исчезнат, а новинарството ќе умре е психолошки мит кој треба да се урне. Јавноста и политичката јавност своите ставови повторно ги формира врз основа на информациите и на анализите на новинарите и на разните концепти на новинарство. Новинарските информации се елитен тип на информации, односно информации со највисок степен на доверба.

Добро е што овој дел од Зборникот е посветен на овој сегмент и тоа со обработка на конкретни професионални проблеми на новинарството на новите медиуми, зашто со тоа се апострофира потребата од итна етичка и правна регулација во овој домен.

Четврто поглавје, Граѓанско новинарство (Автори: Зоран Бојаровски, Сашо Ордановски) Овде се дискутираат актуелните проблеми на новинарството во Република Македонија, во три контекста: контекстот на граѓанското новинарство, новите медиуми (технологии) и демократскиот капацитет на РМ за професионално новинарство. Јавното или граѓанското новинарство е концепт кој се јавува во САД на крајот на 80-тите години на минатиот век, како одговор на перципираната криза во јавното комуницирање. Според концептот, новинарите треба да излезат од конвенционалните рамки и да бидат активни соучесници во ревитализирањето на јавната сфера. За разлика од конвенционалното новинарство, чија задача е информирање на јавноста, јавното или граѓанско новинарство има задача да ја формира јавноста. Тоа настојува граѓаните да ги претвори во активни соучесници во јавната расправа и настојува да ја поправи состојбата на јавен дискурс. Иако моделот со многу ентузијазам е прифатен во многу редакции на локалните американски редакции, тој поттикнува многу критики кои се сомневаат во етичноста на идејата и ги преиспитуваат некои од поставките на теориите за јавна сфера и комунитаризмот на кои целите на моделот се потпираат.

Овој дел од зборникот особено е битен од аспект на иницирање итна трансформација на методите на конвенционалното новинарство во поглед на анимирање на јавноста, создавање критичка јавност и спас на професијата.

Петто поглавје, Фотографијата во новинарството (Автори: Александар Писарев, Саше Димовски) Овој дел е посветен на еден од најсилните жанрови во новинарството – фотографијата. Денес, во време на повеќе „визуелна“ отколку читачка публика, проблемот на фотографијата е мошне актуелен. Авторите говорат за информативната, но повеќе за манипулативната/пропагандната моќ на фотографијата. Текстовите имаат висок степен на едукативност. Се упатува на специфичните прашања во врска со фотографијата за кои новинарите треба да се едуцирани и тоа: авторските права, повреда на правото на приватност, можноста за говор на омраза преку фотографија, етика при фотографирање.

Шесто поглавје, Медиумите и публиката (Автори: Владо Ѓорчев, Зоран Бојаровски, Владимир Петрески, Мирјана Најчевска, Александар Писарев) Новите медиуми и глобализацијата радикално го менуваат социјалниот амбиент. Традиционалната публика секако дека исчезнува, се менува. Забавните содржини, „лесните“ медиумски содржини се најследени. Од друга страна, публиката на интернет дејствува, има култура на партиципативност, еднаквост и на интеракција. Интернет-културата е тесно поврзана со виртуелната реалност, јавувајќи се како нејзин производ, произлегувајќи од тие „вредности, сфаќања и обичаи“. Виртуелната реалност станува повеќе реална од самата реалност. Овие факти мора да влијаат на пакувањето на медиумската порака, кои и македонското новинарство мора да ги има предвид.

Седмо поглавје,Медиумите и општеството (Автори: Светлана Вељановска, Мирјана Најчевска, Дејан Донев, Жарко Трајановски) Во ова поглавје од Зборникот се заокружува дискусијата со акцентирање на проблемот за релација медиуми – општество. Функцијата на медиумите и комуникациите (тука и новинарството), во општеството е прашање што ја анимира современата социологија и политикологија, а теоретичарите кои се занимаваат со ова прашање ги чини најцитирани општествени теоретичари (Кастелс, на пример).

Новинарството и медиумските системи се од витално значење поради влијанието кое го имаат на владините политики за отвореност при информирање, одговорност и слобода на зборување во демократските општества. Политичките, социјалните, еконoмските и медиумските системи варираат и се разликуваат од земја до земја, пропорционално со степенот на развој и новинарската култура.

 

Навистина ми беше чест да пишувам рецензија за Зборникот „Професионално и одговорно новинарство“, кој во себе собира многу репрезентативни текстови кои систематски ги отвораат сите проблеми на новинарството глобално, а уште побитно проблеми и предизвици на новинарството и на медиумите во Република Македонија. Истите прашања, без исклучок, се и во фокусот на доктрината за новинарството, медиумите и на комуникациите, а, всушност, мојата рецензија е базирана токму на разгледување на Зборникот од тој доктринарен аспект.

Навистина ме прави среќна фактот што меѓу новинарите има вакви аналитички и критички умови. Со задоволство го препорачувам за печатење и за читање.

 

[1] Дипломиран правник, магистер и доктор на комуниколошки науки (магистерска теза: „Медиумите и политичката пропаганда во демократските системи“, докторска теза: „Примена на истражувачките методи во новинарството (социолошко-политиколошки приод)“; Вонреден професор во областа на воведните и теоретски правни науки на Правен факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ; Раководител на Институтот за новинарство, медиуми и комуникации, Правен факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ од 2009 до 2016 година;.
[2] http://www.ifj.org/en/pages/journalism-ethics

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести