verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Збогум рекламо, добредојде манипулацијо!

on 27 - 11 - 2015       
Псевдонастан - измислен за навивачкото новинарство. Фото: They Stole It... via photopin (license)
Псевдонастан – измислен за навивачкото новинарство. Фото: They Stole It… via photopin (license)

– Кој се плаши од изборните трикови !? –

 

Суштински делови на секоја демократија се слободата на говорот и слободниот протек на информациите. Со тоа медиумите претставуваат и важат за највлијателни посредници помеѓу политиката, државата и граѓаните. Денешното современо општество окарактеризирано со брз развој на технолошките и на комуникациските можности, доведе до зајакнување на улогата на јавноста при донесувањето на политичките одлуки, но и медиумите како посредници. На медиумите често им се припишува влијание, моќ, дури и негативно, врз различни општествени феномени. Тие ја имаат моќта над луѓето и настаните, затоа што ги поседуваат информациите. Во прилог на ова говори и Бен Багдикијан во книгата „The Media Monopoly: „доколку сакаме да го контролираме општеството, тогаш мораме да ја контролираме информацијата!“.

 

Пишува: д-р Дејан Доневвонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Бидејќи комуникацијата во една демократија подразбира слобода на говор и право на информација, медиумите можат значително да придонесат во неговиот развој, но само доколку се држат до четири начела: да известуваат сеопфатно и одмерено; да се фокусираат на фактите; вистинитоста во содржината, стилот и облиците на репродукција на информацијата, како и на презентирање на информациите на граѓаните за и тие можат да учествуваат во јавната комуникација. Во тоа учество во јавната комуникација особено значење се посветува, односно треба да се посвети на изборите, т.е на изборниот процес, кој во себе го опфаќа периодот пред изборите, самите избори, како и постизборниот процес. Тие сведочат дека медиумите имаат навистина тешка и сеопфатна работа, бидејќи новинарот како посредник меѓу политичкиот систем и граѓаните, влијае на мислењето на избирачите и создава слика за политичари и за политички партии, едновремено треба да биде и морален субјект оспособен за вистинито, точно, чесно, непристрасно и избалансирано известување.

Но, многу често новинарот во својата редакција се соочува со различни ставови, па е принуден да известува под вообичаените нивоа на професионално извршување на својата професија. Понекогаш не е ниту запознаен со темелните ставови и препораки на меѓународната заедница, а кои се обврзувачки за неговата бранша, а доста често е изложен на притисоци од политичарите кои настојуваат да ги придобијат медиумите како свои промотори, т.е. не ја сакаат новинарската улога на независен известувач. Затоа, како што е многупати истакнато, „известувањето за изборите треба и е најпрецизно регулирано подрачје во новинарството кое има јасно разработени препораки и правила“.

Иако сите новинари треба да се придржуваат до правилата на својата струка, ова подрачје бара особено внимание, затоа што манипулациите во медиумите за време на изборите се многу чести. Политичките партии сакаат да влијаат на избирачите, во што често и претеруваат и посегнуваат по недозволени активности, со што го загрозуваат демократскиот изборен процес. Во овој контекст, меѓународната заедница многу сериозно ја сфати улогата на медиумите во изборниот процес, па затоа и многу прецизно ја одреди нивната улога, права и обврски во посебни правила. Така, во 1999 година донесе препорака бр. R (99)15 за државите-членки и мерки поврзани со медиумското известување за предизборното рекламирање, односно се донесе цела една низа на препораки за медиумите како да известуваат, нагласувајќи дека „уредувачката независност, интегритет и професионализам се темелите на доброто изборно известување“.

 

НАВИВАЧКО НОВИНАРСТВО ПЛУС ПСЕВДОНАСТАНИ, ЕДНАКВО НА ИДЕАЛЕН СПОЈ

Каде и до каде сме ние во целата оваа ситуација? Навивачкото и пристрасно новинарство кое го имаме во преголема мера, царува на сцена и станува особено воочливо во изборното известување, а особено преку лажно прикажување на настаните, давањето предност на неважни факти, дисквалификација на политичките противници, дезавуирање на соговорниците, исмејување на програмите на другите политички партии…, додека правилата во согласност со степенот на професионализација се јасни дека новинарите мораат да бидат непристрасни, дека новинарите мораат да го раздвојат известувањето од коментирањето, т.е. дека новинарите имаат право на политичко мислење и коментирање, но одвоено од известувањето за изборната кампања.

Користејќи се и со директните (аgenda setting: свртување на вниманието кон „нашите“ теми; псевдонастан; користење на функцијата како елемент на вредност на веста и скриени огласи), но и со индиректните техники за манипулација (спрега со власта;  влијание врз уредниците; новинари членови на тесното раководство на партија, како и  новинари – симпатизери на одредена политичка партија), македонското новинарство и политичка елита само потврдуваат дека сме општество оптоварено со старите социјалистички сфаќања за улогата и за влијанието на политичарите, а истовремено, парадоксално, тежнееме кон демократски избори во кои точното, чесното, избалансираното и непристрасното новинарско известување за изборите е секогаш клучен показател за демократијата за една земја во транзиција. Токму затоа изборите во бројни постсоцијалистички земји се добар пример за тоа како уште демократијата е кршлива и ранлива, т.е. како старите и добро познати политички методи од социјалистичкото доба сѐ уште „на драго срце“ се применуваат, само унапредени со новите и добро разработени манипулативни техники.

 

КОРИСТЕЊЕ НА ДАДЕНАТА ФУНКЦИЈА КАКО ПРИВИЛЕГИЈА

Од мноштвото, за оваа анализа издвојувам само една, поткрепена со конкретни примери. Се работи, пред сè, за користење на дадената функција како привилегија, односно кога во изборната година партијата на власт планира цела серија настани кои ја покажуваат нејзината успешност: отворање на автопатишта, фабрики, но и мали објекти, училишта, па дури и лифтови. Класичен пример е „перипатетичната прошетката“ на премиерот низ земјава, особено низ полунапуштените и рурални места за живеење, за ревитализација и за посветување доволно грижа и за овие „гласачи“! Помпезноста изразена во голем степен на квазизагриженост и подготвеност веднаш да се реши проблемот и за овие граѓани од негова, односно нивна страна, „директното решавање на проблемите“, а особено „озвучувањето“, најверојатно заради „изработка на пропагандни владини или партиски видеозаписи во пресрет на предвремените избори или само за партиско архивирање“, е она што покренува сомнеж во вистинитоста на таа „државна грижа“, особено во предизборието. А, можеби се работи само „заради контрола на квалитетот“!

И бидејќи сите во власта се натпреваруваат како да организираат и да одржат што е можно повеќе јавни собири, нови идеи, па макар и нивно миговно заживување под плаштот на долгорочните решенија за спас на македонското општество во делот на економијата или во делот на образованието и на академскиот живот, па макар и во делот на подигнувањето на наталитетот, новинарите се на мака, бидејќи знаат дека сето тоа е наместено, а од друга страна имаат обврска да ги следат активностите на истите, односно како да поминат на тешкиот испит за етичноста во известувањето во обидот да се усогласат со еден член од Кодексот на новинарите на Македонија од  14 ноември 2001 година, т.е. членот 14, кој вели: „Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти“, т.е. новинарот треба: „… јасно да се изразува и да го објасни покривањето на веста, и да повикува на дијалог со јавноста во врска со однесувањето на новинарите“, а со тоа и се придржуваат до „Новинарски прирачник за следење на избори“.

Ова уште повеќе ако се знае дека за одржување на идеалот, но и „образот на народните репрезенти“ веќе се користат „…најскапите пропагандни алатки…, главно во еднонасочна комуникација со граѓаните…“, а тоа се медиумските информативно-промотивни кампањи кои „…се емитуваат во провладините медиуми и на ваков начин Владата станува еден од најголемите огласувачи во државата“, а кои „…покажуваат дека актуелната влада, дури и под превезот на обични информативни кампањи за определени политики и реформи, всушност, постојано, засилено и еднострано „подметнува“ морални и идеолошки образци за теми и за прашања…, не за да ги информира граѓаните за политиките од јавен интерес, туку за да се промовира себеси и да им наметнува на граѓаните вредности, ставови и принципи кои имаат исклучиво конзервативно-патријахална демохристијанска идеологија“.

Затоа медиумите, со целата своја активност, мораат да бидат креативен, демократски и комуникационен фактор и придвижувач на динамичната плурална политичка комуникација. Тие мораат да се борат за фер, демократски, легални и легитимни избори, да создаваат атмосфера во која изборите ќе се одвиваат мирно и регуларно, т.е. изборите програмски да ги покриваат вистинито, праведно и избалансирано. Истото можат да го постигнат единствено ако прифатат и сфатат дека граѓанинот е основниот субјект на политичкиот и на изборниот процес, потоа дека изборите од една страна се потврда за степенот на демократизација на општеството, а од друга стимуланс за понатамошно демократизирање на општествените односи и дека на нив е оставено чесно и квалитетно да ја извршуваат својата работа во севкупниот изборен процес.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести