verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Известување за кривични постапки – приватноста и правото на јавноста да знае

on 27 - 11 - 2015       
Местото на злосторството - и што змее или не смее да се објави оттаму. Фото: Who is hiding? via photopin (license)
Местото на злосторството – и што смее или не смее да се објави оттаму. Фото: Who is hiding? via photopin (license)

 

Иако постојат бројни медиумски прилози кои можат да бидат предмет на анализа на објавување на лични податоци на лица против кои е покрената кривична постапка („Змиско око“, „Сексуални работнички“, „Случај – сериски убиец Карамарков“…), како поттик за оваа анализа од понов датум го земам прилогот за поднесувањето обвинителен акт против поранешниот градоначалник на општина Охрид и неизбежната негова споредба со една постара вест која се однесува на приведување државен службеник.

 

Пишува: Елена Стојановска

 

Во двата случаи се тргнува од претпоставката дека ако новинарскиот прилог, кој содржи податоци за истражни и други акции, содржи заштитни „мерки“, тогаш тој ќе придонесе за подобрување на примената на Законот за заштита на личните податоци. Индикатор за потврдување или негирање на оваа претпоставка е тоа дали при објавувањето лични податоци, фотографии или снимки со изјави од лица, нивниот идентитет е соодветно заштитен со замаглување на ликовите и со користење иницијали. Се разбира, процената за тоа кои податоци се од јавен интерес е почетната точка од која треба медиумот да тргне при самото креирање на веста.

Вест 1 – Покренат обвинителен акт против поранешен градоначалник

 

„По завршување на истражната постапка и прибирање на сите потребни докази во предметот, надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство – Охрид во Основниот суд Охрид поднесе Обвинителен акт против лицето А.П. за сторено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.“

 

„Осомничениот се товари дека во март 2013 година, како службено лице – градоначалник на општина Охрид, ги пречекорил границите на своето службено овластување, бидејќи во постапка за доделување договор за краткотраен закуп на паркинг простори со јавно наддавање овозможил постапката да се спроведе и избраниот понудувач да не изврши уплата на износ од 2.010.000,00 денари надомест за едногодишна закупнина на паркинг просторите.

Имено, обвинетиот првично не постапил по известување на Државната изборна комисија, која побарала да се сопре постапката за јавната набавка до завршување на изборите за градоначалник и членови на Советот на општината, а потоа и со потпишување на Договорот за закуп на паркинг простор му овозможил на закупувачот корист – да започне да стопанисува со паркинг просторите, предмет на објавата и постапката, без да изврши уплата на договорениот едногодишен надоместок.“​

Прилогот за покренувањето на обвинителниот акт против пoранешниот градоначалник не содржи фотографии и лични податоци за обвинетиот. Прилогот е сконцентриран на битноста на информацијата, а медиумите употребиле и мерки за заштита на идентитетот на лицето со употреба на иницијали. Прашањата што неизбежно се појавуваат во овој случај се:

Ако се примени исклучокот за објавување лични податоци од страна на новинарите, а во корист на јавниот интерес, дали има смисла заштитата на идентитетот на функционер избран од граѓаните?

Што е, всушност, заштитено ако знаеме дека Охрид во 2013 година имал еден градоначалник со иницијали А.П.?

Вест 2 – Уапсен државен службеник

 

„Од удобната фотелјата во Министерството за одбрана, НАТО советникот Александар Генчов со полициска придружба заврши во скопскиот кривичен суд.“

 

„Вчера ги почувствува лисиците на рацете кога полицијата го уапси кај „Рамстор“. Го пријавил студент на Воената академија, оти Генчов му барал поткуп од 2.400 евра, за да го префрли од една на друга насока во Воената школа.

Цената за посакуваните „студии за питомци“, студентот ја отплаќал на три рати. Последната од 400 евра советникот во Министерството за одбрана ја добил вчера. Не помогнале ниту солзите на Генчов, ниту убедувањето со полицијата дека е невин. Обележани банкноти му биле пронајдени во џебовите.

Полицијата истражува дали и друг пат државниот советник барал пари за услуги.

„Засега докажано е само ова дело, а се испитуваат и други сознанија, односно индиции дали осомничениот евентуално и во минатото вршел вакви коруптивни и противзаконски дејствија“, изјави Иво Котевски, портпарол на МВР.

Александар Генчов функцијата државен советник во Одбрана ја вршеше и во времето на министерувањето на Еленовски, ангажманот во Министерството му беше НАТО и трансформацијата на Воена Болница.“

 

Прилогот од приведувањето на државниот советник содржи снимен материјал од самата акција на полицијата и е сообразен со времето на настанувањето на акцијата. Прилогот е сконцентриран на битноста на информацијата, меѓутоа не се преземени соодветни мерки за заштита на личните податоци на приведениот. Иако медиумот го заматил ликот на приведениот, ниту една друга мерка за заштита на личните податоци не е преземена, односно, името и презимето и неговото работно место се доволни за да се овозможи негова директна идентификација.

Во двата случаи се отвoра прашањето за поставувањето баланс помеѓу правото на информирање за личности кои вршат јавни функции и нивното право на приватност и презумција на невиност, односно, прашањето на јавниот интерес. Во случаи како овие, би се применил исклучокот предвиден во Законот за заштита на личните податоци, бидејќи станува збор за државен службеник. Освен тоа, борбата против корупцијата е тема од огромен јавен интерес за јавноста и јавноста има право да биде информирана за тоа како државата се справува со таквите случаи. Меѓутоа, објавувањето на личните податоци пред докажувањето на вината не може да го оправда јавниот интерес.

Важноста на медиумската покриеност на кривичните постапки се потврдува и во посебниот документ донесен од страна на Комитетот на министри на Советот на Европа. Во оваа препорака акцентот е ставен на правото на слободно добивање и давање информации кое, меѓу другото, е предмет на одредени ограничувања како што се правото на презумцијата на невиност, правото на фер судење и почитувањето на приватниот и на семејниот живот.

Препораката содржи 18 принципи кои треба да бидат земени предвид од медиумите кога известуваат за кривични постапки. Секој од овие 18 принципи обработува по некој интересен аспект на известувањето за кривичните постапки, за време на истрагата, но и за време на судските постапки по одредено сторено кривично дело.

Принципот 8 предвидува заштита на приватноста за време на кривична постапка која е во тек, во согласност со членот 8 од Конвенцијата за заштита на човековите права. Се нагласува потребата од специјална заштита за малолетниците и други ранливи групи на жртви, сведоци, семејства на осомничени. Во оваа насока, особено интересен е принципот 18 кој предвидува заштита на идентитетот на осудените, а сè за овозможување реинтеграција во општеството. Без согласност на овие лица, јавноста не смее да добива информации за нив, за нивните претходни постапки и за обвиненија против нив.

При одлучувањето за тоа што е дозволив степен на задирање во индивидуалните права, главен критериум е јавниот интерес.

Според Законот за внатрешни работи на Република Македонија и Законот за полиција, Министерството за внатрешни работи е должно да ја известува јавноста за својот делокруг на работење.

„На граѓаните, претпријатијата и на други правни лица и државни органи, Министерството им дава податоци и известувања за прашања од својот делокруг на работење за кои тие се непосредно заинтересирани.

Нема да се даваат информации, податоци и известувања кои претставуваат државна, воена или службена тајна утврдени со закон или со друг пропис.“

Овој член најчесто се прекршува кога станува збор за известување од местото на настанот. Известувањето од местото на настанот е еден од основните начини што го практикуваат новинарите, па оттука Министерството за внатрешни работи по случувањето на одреден настан, обично овозможува новинарите да известуваат од местото на настанот или, пак, снимање на местото.

Постојат одредени ситуации каде ваквото право мора да се ограничи и тоа во случаи кога може да биде загрозена безбедноста на присутните или, пак, во случаи кога присуство на надворешни лица, па и на претставници на медиумите сериозно би го загрозило текот на истрагата. Според Законот за внатрешни работи, припадник на Министерството за внатрешни работи, доколку има потреба, може да забрани снимање на јавно место.

Наспроти сите горенаведени пишани правила за информирање за работата на државните органи, МВР развива практика на споделување на снимениот материјал на новинарите кои се во постојана трка за ексклузивитет. Теоретски, може да се најде разбирање и за двете страни. Власта или ја има поставено транспарентноста на агендата на приоритети или се обидува преку сензационално емитување на успешноста на своето делување во делот на внатрешните работи се обидува да заработи политички поени. Медиумите се легитимни доставувачи на вести, вестите се нешто што мора да го знаеме и во што мора да веруваме. Новинарите, односно уредниците на информативните програми секогаш се одлучуваат за ексклузивноста, пред сѐ, и во обидот да се процени што е поважно, заштитата на приватноста и пресумпцијата на невиност или високиот рејтинг, секогаш одлуката е да се биде прв. Во скоро секоја вест која се однесува на истрага се изнесуваат имиња, детали за личностите вмешани во случаите, детали за нивните семејства, се снима пред нивните домови, се презентираат тврдења од типот  „како што дознавме, се работи за познат криминалец“ или „попознат како…“, што прејудицира вина, претставува кршење на правото на пресумпција на невиност, а истовремено претставува и отстапување од основните принципи за заштита на личните податоци. Особено внимание заслужуваат и случаите во кои обвинети се лица кои се јавни службеници и кога за случајот се известува без да се води сметка за повредената страна.

Слободата на изразување не е апсолутна категорија. Ограничување на слободата на изразување е предвидено и во Европската конвенција за човекови права, во Членот 10, став 2:

Остварувањето на овие слободи, со оглед на фактот што вклучува обврски и одговорности, може да подлежи на такви формалности, услови, ограничувања или санкции што се предвидени со закон и кои се неопходни во демократското општество, во интерес на националната сигурност, територијалниот интегритет или јавната безбедност, спречувањето неред или злочин, заштитата на здравјето и моралот, угледот и правата на другите, спречувањето ширење доверливи информации или во интерес на зачувувањето на авторитетот и непристрасноста на судството.

 

Информации за осомничени во кривични постапки

Ригидноста на законодавството кое ја регулира заштитата на личните податоци е честа причина за носење на конкретни препораки за заштита на идентитетот на осомничените во кривични постапки. Ова е случај и во Словенија каде што во 2004 година беа издадени препораки да се објавуваат само иницијали и анонимизирани лични податоци за осомничените за кои кривичната постапка е сѐ уште во тек. Аргумент повеќе за овие препораки е и самиот правен систем на заштита на личните податоци и објаснувањето за недостапноста до одредени информации. Несомнено, овие препораки во Словенија привлекле голем медиумски интерес, бидејќи правото на заштита на личните податоци било прилично непопуларно меѓу новинарите од причина што истото ги ограничувало во објавувањето на настани кои биле интересни за јавноста. Најчестото прашање кое се поставува во вакви услови е: која е смислата на известувањето доколку не се објават имињата на протагонистите?

Од друга страна, пак, заштитата на личните податоци е доста згодно оправдување за оние кои ги даваат информациите, од јавниот и од приватниот сектор, во случаите кога одбиваат да дадат информација.

Формално гледано, доколку се земе предвид само Законот за заштита на личните податоци, може да се инсистира на еднострано оценување на повредата на правото на заштита на личните податоци при нивното медиумско емитување. Но ова не е добар пристап, бидејќи секогаш треба да се земаат предвид и останатите слободи и права загарантирани со Уставот, како што е и правото на информирање. Како резултат на овој превид, новинарите, медиумите и Здружението на новинарите на Словенија побарале поголема транспарентност за работењето на целиот јавен сектор со цел исполнување на правото на јавноста да добие важни информации.

Во Република Македонија, праксата на примената на Законот за заштита на личните податоци покажува дека конкретни препораки за одделни сектори се повеќе од потребни. Препораки за медиумите беа за прв пат издадени во 2007 година, а Дирекцијата за заштита на личните податоци даде и свои конкретни предлози за вметнување на одредби за заштита на личните податоци во Кодексот на полициската етика и тоа во:

Член 19

Полицијата објективно ја информира јавноста во врска со своите активности, во согласност со принципите на доверливост на податоци (кои се почитуваат во насока на заштита на личниот интегритет на граѓаните, почитувањето на принципот на пресумпција на невиност, како и заради водењето на кривичната постапка и сл.) За таа цел се воспоставуваат професионални процедури за контакт со медиумите.

 

Член 43

Припадниците на полицијата се должни да го почитуваат правото на приватност на граѓаните во согласност со Устав и закон.

 

Член 44

Прибирањето, чувањето и користењето на личните податоци од страна на полицијата се врши во согласност со закон и ратификуваните меѓународни договори за заштита на личните податоци, ограничено и во обем неопходен за извршување на законските надлежности.

Со измените и дополнувањата на Законот за заштита на личните податоци од 2010 година, предвидено е и именување на офицер за заштита на личните податоци во секое правно лице, вклучувајќи го и Министерството за внатрешни работи, но и полициските станици каде што вакви лица сѐ уште не се именувани. Претпоставката е дека офицерот за заштита на личните податоци ќе биде одговорен за координација и контрола на постапките и упатствата утврдени во актите и правилниците на Министерството за внатрешни работи. Но, без разлика на тоа дали офицерот е именуван или не е, Министерството за внатрешни работи, како контролор на личните податоци, треба да се грижи и за нивната заштита пред објавување во јавноста.

Што се однесува до реакцијата на новинарите и уредниците на информативните програми, може да се констатира дека е идентична како и во претходно споменатото искуство од Словенија. Правото на заштита на личните податоци е маргинализирано во име на ексклузивноста на информациите. Дотолку повеќе, кога Министерството е извор на незаштитените лични податоци.

Во Упатството зa начинот на остварување комуникација со јавноста на Министерството за внатрешни работи, во Главата 6, „Комуникација со претставниците на медиумите“ на местото каде е извршено кривично дело, односно на местото на инцидентот, како и контрола на пристапот на медиумите на одреден простор е превидено следното:

Член 10

Претставниците на медиумите (во натамошниот текст: новинарите), по претходна идентификација, имаат право да бидат присутни на местото каде е извршено кривичното дело, односно на местото на инцидентот, доколку кривичното дело или инцидентот се извршени, односно настанати на јавно место или на локација отворена за јавност. Полициските службеници, по претходно добиено овластување може кратко да одговараат на прашањата на новинарите, при што информациите што се од значење за натамошниот тек на истрагата не може да се откриваат без согласност на истражниот судија кој раководи со текот на истрагата на местото на настанот.

 

Член 13

Помошникот на министерот по завршувањето на увидот на местото на настанот, во што е можно покус рок ќе ги информира новинарите за настанот, без притоа да се загрозува натамошниот тек на истрагата.

 

Член 14

Во одредени случаи, Полицијата има право да го контролира пристапот на медиумите на определен простор, односно определено подрачје.

Во Главата 7, „Соопштување податоци за идентитетот на жртви, односно за лица осомничени за кривични дела“, регулирани се следните прашања:

Член 15

Идентитетот на жртвата, односно на лицето осомничено за кривично дело мора да биде заштитен.

Личните податоци за жртви на кривично дело силување се објавуваат исклучиво со претходно обезбедена согласност од жртвата.

Идентитетот на починатите жртви не се смее да се објави, пред за тоа да биде известено семејството на жртвата, ниту пред формално да биде утврден идентитетот на жртвата.

Овие одредби од Упатството зa начинот на остварување комуникација со јавноста на Министерството за внатрешни работи генерално се во согласност со Законот за заштита на личните податоци и даваат права основа за заштита на личните податоци, особено во членот 15 во кој е наведено дека идентитетот на жртвата, односно на лицето осомничено за кривично дело мора да биде заштитен и личните податоци за жртви на кривично дело силување се објавуваат исклучиво со претходно обезбедена согласност од жртвата. Непочитувањето на одредбите од страна на медиумите, не може да биде оправдано со изговорот дека се ограничува правото на изразување. Имено, за доследно почитување на ограничувањето на слободата на изразување секогаш е препорачливо да се спроведе трикратен тест, кој предвидува три услови што треба да се исполнат кумулативно:

Прв услов

…ограничувањето мора да биде пропишано со закон

  • Секое ограничување мора да е пропишано во домашното законодавство што го усвојува  парламентот
  • Законските одредби мораат да бидат прецизни и јасни
  • Законите треба да бидат јасни, достапни и предвидливи за да можат граѓаните да знаат што е дозволено и да ги предвидат евентуалните последици

 

Втор услов

… ограничувањето мора да биде насочено кон заштита на некоја легитимна цел

  • Листата на можни причини за ограничување е утврдена… властите не смеат да додаваат нови причини
  • Јавниот интерес што се заштитува мора да биде јасно идентификуван од страна на судовите
  • Судот мора да биде сигурен дека постои реална (а не апстрактна) можност од загрозување на јавниот интерес

 

Трет услов

  • … ограничувањето треба да е неопходно во демократското општество
  • Дали целта што треба да се постигне е пропорционална (соодветна) на средството што се користи за нејзиното постигнување?
  • ’неопходно во едно демократско општество’ значи да се утврди дали постои ’итна општествена потреба’ за да се направи конкретното ограничување…
  • … притоа, домашните судови мораат да ја земат предвид судската пракса на Европскиот суд
  • … имаат определено право на проценка дали таквата потреба навистина постои, но…
  • … конечната одлука е на  Европскиот суд

Медиумската политика која се гради врз концептот на јавниот интерес, се фокусира на јакнење на придонесот на медиумите во доброто владеење и отчетноста, во партиципативната комуникација, културниот плурализам и општествениот активизам. Овие цели на медиумската политика се преплетуваат. Доброто владеење и отчетноста на власта создаваат поволно опкружување за партиципативни медиуми, кои ѝ даваат можност на целата публика, вклучувајќи ги и маргинализираните заедници, да ги искажат своите мислења и интереси. тоа овозможува активно граѓанско учество во општеството што води кон подобро владеење. Толеранцијата меѓу различните култури и плурализмот се поттикнуваат со разновидност на медиумските содржини, а информираноста на граѓаните придонесува за нивно вклучување и за демократизација на политиката.

Градењето на ваквата медиумска политика мора да се потпира на неколку основни предуслови поставени во правната и политичката рамка на едно демократско општество и во општото медиумско опкружување. Генерално, најзначајни се: слобода на изразувањето, пристап до информации од јавен карактер, независност на медиумите, плурализам на медиумите и разновидност на медиумските содржини, пристап на медиумите до што поширока публика и одржливи извори на финансирање на медиумите.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *