verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Закон за медиуми: приватноста и правото на новинарите за информирање

on 17 - 04 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
„Контролата врз информациите ја намалува Вашата приватност“ - Revaler Straße во Berlin. Фото: Tony Webster, 2014
„Контролата врз информациите ја намалува Вашата приватност“ – Revaler Straße во Berlin. Фото: Tony Webster, 2014

 

Новинарите и нивните здруженија реагираа дека новиот Закон за медиуми ќе биде цензорски, а во анализата на радио МОФ беше истакнато дека улогата на цензор ќе ја има Советот за радиодифузија кој прерасна во Агенција за медиуми, која, пак, покрај за телевизиите и за радијата, ќе биде надлежна и за весниците и за интернет-порталите кои досега не подлежеа на регулација.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Со анализа на Законот за медиуми објавена на Приватност.мк, е заклучено дека материјата што ја уредува овој закон е специфична. Од аспект на примена на начелата за заштита на личните податоци, не е можно прецизно дефинирање на сите податоци за лицата за кои се известува или за нив поврзаните лица. Според анализата, сепак, е потребно да се дефинираат точни насоки за објавување на лични податоци на лицата за кои се известува. Со тоа, воедно, би се поставиле и стандарди за правична обработка на личните податоци, кои би значеле и воспоставување технички и организациски мерки за заштита на личните податоци од медиумот. Согласноста на субјектот, исто така, треба да биде предвидена со овој закон.

 

ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ

Според светската практика (која е преземена и во македонското законодавство), новинарите имаат право да објавуваат лични податоци (без согласност), доколку со тоа се штити јавниот интерес.

Сите одредби од Законот за заштита на лични податоци нема да се применуваат врз професионалното новинарство доколку станува збор за јавен интерес, односно личност што врши јавна функција или нешто што е од јавен интерес. Но, тоа не значи дека новинарите може да ги злоупотребуваат законските одредби и да објават име и презиме без согласност на носителот на јавна функција доколку не станува збор за јавен интерес.

Според Дирекцијата за заштита на личните податоци, новинарите мора да бидат внимателни при процената на битноста на информацијата во однос на обемот на објавување на личните податоци и треба да знаат да постават баланс помеѓу слободата на информирање и правото на приватност и заштита на личните податоци на граѓаните.

Како што за „Журнал.мк“ вели Елена Стојановска, советник за односи со јавноста во Дирекцијата за заштита на лични податоци, потребно е објавените лични податоци да бидат соодветни, релевантни и непреобемни во однос на целта заради која се објавуваат; да се објавуваат иницијали наместо име и презиме на лицата против кои се води судска или управна постапка.

Медиумите треба да ги анонимизираат личностите, да ги заматуваат ликовите, регистарските таблички и другите лични податоци на граѓаните.

Задолжително е да се анонимизираат личните податоци на малолетни лица, да се заматат нивните ликови, да се промени гласот, да се објават иницијали наместо име и презиме и да се применат сите неопходни мерки за да не се овозможи нивна идентификација.

 

ЗАКОН ЗА МЕДИУМИ

Кога се носеше Законот за медиуми, тој предизвика бура од рекации. Како кај новинарите за кои е наменет, така и кај стручната јавност.

Сепак, пред носењето на Законот во септември 2013 година, во јавноста се појави анкета, која ја објави порталот „Курир“ во август 2013 година, според која 55 отсто од анкетираните сметаат дека медиумите во Македонија не известуваат објективно. Дури 60 отсто од анкетираните рекле дека во медиумите корупцијата е многу или средно распространета, а само 13 отсто сметаат дека нема корупција. Медиумите се продолжена рака на партиите за 83 отсто од испитаниците, а 81 отсто сметаат дека постои врска меѓу бизнисот, политиката и медиумите.

Анкетата беше спроведена врз репрезентативен примерок по пол, возраст, етничка припадност, место на живеење и по образование од 1.080 испитаници во сите 84 општини.

Новинарите и нивните здруженија реагираа дека новиот Закон за медиуми ќе биде цензорски, а во анализата на радио МОФ, беше истакнато дека улогата на цензор ќе ја има Советот за радиодифузија кој прерасна во Агенција за медиуми, која, пак, покрај за телевизиите и за радијата, ќе биде надлежна и за весниците и за интернет-порталите кои досега не подлежеа на регулација.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, тврдеше дека според член 4 од Законот, слободата на медиумите ќе може да биде ограничена кога Агенцијата ќе оцени дека тоа е нужно, меѓу другото и заради заштита на здравјето или моралот, заштита на угледот или на правата на другите, спречување за откривање доверливи информации или заради зачувување на авторитетот и на независноста на судската власт.

Со законот, забрането е и објавување програмски содржини во медиумите во кои се загрозува националната безбедност.

Овие формулации, кои може да се толкуваат многу широко, најмногу ги загрижуваат новинарите, а тие тоа го презентираа во дебатите кои се случуваа пред носењето на Законот.

Во јавноста се постави дилемата:

  1. Кој и како ќе оценува што е тоа загрозување на националната безбедност?
  2. Кои се тие доверливи информации?
  3. Како ќе се проценува која информација може да  наштети на авторитетот и на независноста на судската власт и зошто таа да не смее да биде коментирана и критикувана како другите две власти – законодавната и извршната?
  4. Кој ќе проценува што е морално, а што не?
  5. Зошто да се ограничува информација која може да наруши нечиј углед кога има закон за навреда и клевата?

Сите овие прашања ја отворија дилемата за заштитата на личните податоци и за можноста да се цензурираат медиуми кои нема да им се допаѓаат на членовите на Агенцијата.

 

РЕШЕНИЈА

За да се најде адекватно решение кое ќе им користи и на медиумите, а ќе ги заштити и граѓаните, мора да се знае дека личен податок е секоја информација која го разликува едно физичко лице од друго врз основа на пол, етничко потекло, политичко, верско, филозофско уверување, членство во синдикална организација, здравствени, генетски и биометриски податоци. Законот за заштита на личните податоци ги заштитува само правата на физички лица – на поединецот, што значи правните лица немаат право на приватност. Покрај името и презимето, матичниот број на граѓанинот и адресата на живеење, личен податок е и полот, семејната состојба, телефонскиот број, видот и степенот на образование, занимањето, псевдонимот, биометриските и генетски податоци и сите останати податаоци кои доведени во меѓусебна корелација можат да извршат директна или индиректна идентификација на конкретно лице.

Затоа новинарите мора да се придржуваат кон следниве начела:

  • Новинарите треба да се воздржуваат од потпирање врз чаршиски извори или шпекулации;
  • Новинарите треба да се воздржуваат од детални описи на посочениот лик;
  • Уредниците треба да бидат особено внимателни при изборот на фотографии.

Правото на заштита на личните податоци секако дека е едно од најважните човекови права, за кое се воспоставени и се применуваат соодветни национални и меѓународни стандарди. Тоа право го дава и член 18 од Уставот на Македонија, кој на граѓаните им гарантира:

  1. сигурност и тајност на личните податоци
  2. заштитата од повреда на нивниот личен интегритет што произлегува од регистрирањето информации за граѓаните преку обработка на податоците.

Поради тоа, ова право мора да го користат сите, меѓу кои и новинарите. Сепак, Законот за медиуми преку ова право суптилно воведува цензура, штитејќи ги, пред сè, јавните функции. Затоа и со право ЗНМ бараше овој закон, кој во иднина би требало да претрпи некои измени, да ги избалансира јавниот интерес, заштитата на личните податоци и правото на новинарот да известува.

Користени извори:


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести