Каде е веста? Што се случи со неа?
Објавено во Рецензии
on 20 - 04 - 2015 Автор: Александар Писарев
[Рецензија: Компании од Катар заинтересирани за инвестиции во Ѓорче Петров]
Рецензираме уште еден сериски текст за надобудни средби на нашите политичари со делегации и со пријатели од Блискиот Исток, од Катар, кои треба да ни донесат инвестиции и благосостојба. Интересно е колку Катар може да биде убава тема за спинување на владините политики и притоа да не се испочитува ни еден елемент од школски пример како се пишува вест. Откако „инвестираа во сите краишта на Македонија“, на ред стигна и скопската општина Ѓорче Петров. И медиумот тоа го забележал, но како?
Линк до оригиналниот напис: Компании од Катар заинтересирани за инвестиции во Ѓорче Петров
Датум и време на објавување: 14.04.2015, 14:14
Датум на рецензирање: 16.04.2015
Рецензент: Александар Писарев
МАЧКА ВО ВРЕЌА
Насловот „Компании од Катар заинтересирани за инвестиции во Ѓорче Петров“, сам по себе е надобуден и привлечно ја продава веста дека на оваа скопска општина ѝ претстои „бум“ во инвестиции и ево кономскиот развој. Тоа е повторено и во првата просто-проширена реченица од оваа крајно несодржајна информација, која, според најавата, од насловот треба да ни пренесе атмосфера и детали од настанот што се случил во гореименуваната локална самоуправа во која гостувала делегацијата од Блискиот Исток.
Ако продолжиме да ја читаме, гледаме дека насловот, а и самата содржина, продаваат „мачка во вреќа“.
„Компании од Катар се заинтересирани за инвестирање во општина Ѓорче Петров. Нивни претставници денеска го посетија градоначалникот Сокол Митровски, со кој разговараа за конкретни проекти и локации.“
ЗАМАЈУВАЊЕ НА ГРАЃАНИТЕ
И кога е во прашање протоколарна вест, таа мора да биде содржајна и да одговори на основните пет новинарски прашања што ја чинат веста.
Приложената информација има и фотографија, без потпис и без легенда, која под услов дека е автентична, би требало да ја потврди вистинитоста на настанот. Но, на неа можеме да го препознаеме само градоначалникот на Општината Ѓорче Петров, Сокол Митровски, што не значи дека таа можеби не е снимена во некоја друга пригода и со некоја друга делегација. Тука е, како што е објавено, и амбасадорот на Република Македонија во Катар. Непотпишаниот автор проценил дека е непотребно да го спомене неговото име. Веројатно претпоставил дека сите знаеме кој ни е амбасадор во оваа земја.
Нека биде така, но што правиме со „бизнис-делегација од Катар“, дали медиумот претпоставил дека читателите и нив лично ги познаваат, па проценил дека не треба да се спомене ни кои се, ни од каде се, ни од кои компании доаѓаат, ни колку пари, ни каде и во што тоа тие би инвестирале во општината Ѓорче Петров.
Во понудениот новинарски производ нема ни еден факт врз основа на кој би се потврдила веродостојноста на информацијата и нејзината вистинитост дека тие ќе инвестираат во оваа општина.
КАТАР КАКО ЕПП
„Градоначалникот Митровски истакнал дека Ѓорче Петров станува се поатрактивна дестинација и привлечна локација за инвестиции пред се поради континуираното добро просторно планирање и урбанизацијата со развиена инфраструктура.“
Ова е целата содржина од настанот, медиумот не пренесол ниедна изјава на членовите на делегацијата од Катар. Или тие молчеле, а зборувал само градоначалникот на Општината Ѓорче Петров, бидејќи е пренесена само неговата изјава.
Ваков тип вести не е ништо друго туку манипулација со граѓаните, создавање привид дека нешто се придвижува во инвестицискиот циклус од Катар. Како што рековме на почетокот, ова е еден од серијата вакви прилози. Сето тоа пропагандистите на власт го користат да ни продаваат ветер и магла за инвестиции од Блискиот Исток. Фрлањето прав в очи со катарските инвестиции почна уште во 2011 година, со средби на високо ниво, кога првпат им предадовме список на желби. Потоа во континуитет нешто тие доаѓаа, ние одевме, како на пример одењето на Груевски во Доха. Беа најавувани дури и конкретни проекти во енергетиката, земјоделството, туризмот, градежништвото… Катарците доаѓаат во март.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
не може да се утврди
не може да се утврди
не аплиактивно
комерцијална пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
креативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови