verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

За државотворноста: Четврт век подоцна

on 11 - 08 - 2015       
Прослава на независноста на Република Македонија - 8 септември 1991 година. Архивска фотографија.
Прослава на независноста на Република Македонија – 8 Септември 1991 година. Архивска фотографија.

 

Тажна е македонската приказна за градењето на самостојната држава во секој поглед. За четвртина столетие не успеавме да се извлечеме од ропството на неефикасноста и на политичката недоветност

 

Пишува: Александар ШОЉАКОВСКИ

 

Некои работи во општествата одат со несразмерна брзина. Работите во стварноста се одвиваат побавно отколку што тоа јавноста го очекува. И, за чудо, иако има и многу обратни ситуации, во медиумите сретнувате јасни проекции за она што се случувало и за она што се случува. И тоа не секогаш во прилог на точноста на она изнесено во медиумите. Или медиумите не секогаш беа во право кога изразуваа резерви или се залагаа за некоја опција или не секогаш беа на вистинската линија.

Во 1989 почнаа првите вистински транзициски промени. Пазарната економија со мерките на Анте Марковиќ веќе влезе во стихиен оптек, слободата на говорот се освојуваше секојдневно, почнаа да се формираат првите политички движења и партии. Се допираше можноста од ослободување од стегите и од догмите на дотогашниот режим, кој беше си го отслужил своето. Тогашната, последна еднопартиска македонска влада и еднопартиско собрание донесоа законски и уставни измени кои ја направија можна легалната транзиција од еден во друг систем.

Едновремено се засилија и знаците за можната дезинтеграција на Југославија. Белград го водеше орото, тие пропишуваа, отпишуваа, редеа нации и националности кои треба да ѝ бидат благодарни и на Србија. Почна да се зборува за државотворни и за недржавотворни нации, потегнувајќи ги своите (српски) историски аргументи. Македонија беше, или така сакаше да се сугерира, во редот на недржавотвороните, зашто Србија ѝ ја подарила и нацијата и државата на Македонија и таа треба да биде солидарна со Србија во југословенската разврска.

 

ТЕЗИ И КОНТРАТЕЗИ

На ваквите белградски тези македонските медиуми жестоко реагираа. Се пишуваа реакции, коментари, контратези и написи во кои се напаѓаше тогашната политика на Милошевиќ. И самиот учествував во тоа. Помнам  дека на тезата на Милошевиќ во едно истапување, дека некои народи се државотворни, а дека некои не се, напишав текст во кој ваквите тези ги прогласив за расистички, фашистички, надвор од темелните права на секој народ за самоопределување. Иако ова тврдење на Милошевиќ, колку што се сеќавам, беше изречено во жарот на кавгата со Словенците, а ние според нивните тогашни позиции се подразбиравме.

Не бев осамен во овие ставови зашто и сите водечки новинари кај нас во тоа време реагираа и пишуваа на сличен начин. Подоцна од луѓе Кабинетот на претседателот на Собранието (чинам дека тогаш тоа беше Станко Младеновски) дознав дека при средба во Скопје, тогашниот претседател на срскиот парламент, д-р Борислав Јовиќ, налутено изнесувал копии од текстови за кои сметал дека не водат до пријателство меѓу Македонија и Србија. Меѓу нив и мојот за кој Јовиќ рекол дека е срамен заради квалификациите (расистички и фашистички), итн.

Бранејќи ја позицијата на Македонија за самоопределба, за правото да решава за својата судбина, во тој момент, се чини, не сум бил доволно критичен кон својата земја, политичарите во неа и кон развојот на настаните кои уследија, а кои веќе се предвидуваа. Од тој момент наваму се случуваа работи кои  покажуваа дека македонското општество во многу моменти покажа голема неотпорност во создавањето и во изградбата на државата. Или, според српските тези, се покажа како – недржавотворно.

Ми расправаа дека на 9 сепптември 1991 година, ден по изгласувањето на референдумот за самостојност, на седница на Владата (на Кљусев) еден од министрите рекол (парафразирано) дека најважната работа што треба да се направи е да се посвети максимално внимание на градењето на институциите на системот.

 

ИНСТИТУЦИОНАЛЕН КЛИНЧ

Претпоставувате како поминала оваа сугестија, но еве 25 години оттогаш, ние сѐ уште имаме проблем со градењето на институциите кои би биле стабилни, ефикасни, ослободени од надворешни влијанија, отпорни на промени на приликите и настаните. Институциите ретко успеваат проблемите да ги решат внатре во нив самите, секогаш има потреба или од експертски тимови, надворешни групи, сè до странскиот фактор кој доаѓа секогаш кога е најгусто. Но, тоа и не би било толку страшно доколку од досегашните вакви интервенции сме научиле нешто и сме ги примениле на општа корист.

Посредувачи ни требаа и сѐ уште ни требаат не само во деликатните меѓународни спорови како оној за името, кој го влечкаме повеќе од 20 години, туку и во внатрешните политики и конфликти, но и практични проблеми. Само да ги споменеме сите оние странски мисии и стручна помош за одбележување на границите и нивното чување, надгледувања за приспособувањето на армијата, за функционирањето на царината, за цивилизирањето на полицијата… Ако се сеќавате, огромни пари стигнаа како помош од странство за средување и за унапредување на судството, обвинителството, за да профункционира институцијата на заштитникот на граѓаните (омбудсманот). Десетици обвинители и уште повеќе судии скапаа по студиски престои во САД. А резултатот е, за жал, видлив.

Особена неотпорност покажува делот од политиката и политичките институции. Најголемата политичка интервенција отстрана дојде со конфликтот од 2001 година. Македонската политика, нејзините институции и особено луѓето во нив, безбедносните сили – покажаа целосна неотпорност кон вакви случувањата. Охридскиот договор  се потпиша под силен притисок на воената состојба и под огромен притисок на меѓународната заедница, што ќе рече главно САД со согласност на Европската унија.

И наместо ова да биде точка на освестување на  политичките елити, тие тоа го сфатија како своевиден џокер за некоја идна употреба.

Актуелнава политичка криза, која официјално почна со исфрлањето на опозицијата од парламентот, никако не се намалуваше. Напротив, се провлекуваше и се зголемуваше до ден-денес. Истите оние кои ја замислија и ја создадоа кризата, оние кои дадоа налог за исфрлање на пратениците, и понатаму се фактор во власта. Онаа персона која тогашниот договор за нормализирање го прогласи за тоалетна хартија, не само што е уште тука, туку гледам и авансирал во блискоста кон тимот на Груевски.

Кризата која е во тек на решавање не дава многу причини за смиреност, зашто очигледно е дека овие од власта не само што не прават напор да помогнат, туку на секој начин сакаат да ја опструираат, а опозицијата и премногу се потпира на моќта и на влијанието на странските помагачи. Сеедно, и едните и другите не покажуваат некоја државничка доблест која може да помогне.

Прашањето загатнато од почетокот се наметнува: како е можно по 25 години практикување самостојност, македонската политика и општество да не може да се потпре на самата себеси, на своите институции, на својот здрав разум?

И повторно се враќаме на почетокот: има ли тука нешто со таа државотворност, дали нешто ни недостасува?

Одговорот го немам, но сега не сум сигурен дека, со денешниве сознанија, така би ги пишувал оние текстови од 1989 година!


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести