verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

За диктаторската држава и дебатите, за диктаторската држава и критиките

on 19 - 09 - 2016       
Современите диктатури и критиката. Фото: Flickr/Google
Современите диктатури и критиката. Фото: Flickr/Google

 

Може ли во диктатура да има јавни дебати? Не, не може! Затоа и ги немаше!

Може ли во диктатура да има јавни критики? Да, може! Затоа и ги има!

 

Пишува: Владимир Петрески

 

„Во диктаторска држава не постои дебата“, рече министерот за финансии Кирил Миновски, во текот на дебатата на ТВ „Нова“ со повторнo новоименуваниот дополнителен заменик-министер за финансии, Кире Наумов. Така е, не постои. Токму затоа и ја немаше. Досега. А, за отсега, ќе видиме. Оваа дебата меѓу Миновски и Наумов е безмалку прва на висок владин функционер со исто висок функционер на опозицијата и тоа по подолго време. Порано, на сите дебати власта праќаше добро истренирани пропагандисти, кои секогаш ја практикуваа нарачаната реторика и договорените поенти од ВМРО-ДПМНЕ.

Никола Груевски, на пример, не што нема никогаш излезено на дебата, туку негово последно интервју за критички медиум беше она за А1 ТВ во 2010 година, кога оваа телевизија емитуваше програма пред зградата на Владата неколку месеци пред нејзиното затворање. Истото може да се каже и за другите поранешни министри на власта, како Гордана Јанкулоска, Зоран Ставрески, Миле Јанакиески, како и сè уште актуелниот заменик-премиер Владимир Пешевски. А, поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнување, Сашо Мијалков, пак, не што никогаш нема ниту излезено на дебата или дадено интервју за критички медиум, туку човекот 10 години не ни влезе во Собранието, односно пред неговата матична комисија за контрола на службата на која тој шефуваше. Настрана што дебатата меѓу Миновски и Наумов беше одржана на новоотворена телевизија без широка гледаност и која не е достапна за сите граѓани на Република Македонија. На трите големи национални терестријални комерцијални провладини телевизии „Сител“, „Канал 5“ и „Алфа“ (кои заедно имаат гледаност од 50 отсто и се достапни за сите), каде што оваа дебата би имала можност да биде широко гледана, таа не е ни можно да се одржи од проста причина што тие три најгледани провладини телевизии во земјава, од големиот број турски серии и српски реални шоуа, не ни имаат дебатна емисија. Од друга страна, пак, на единствената ваква критичка телевизија на македонски јазик, „Телма“, тешко дека може да се очекува господин Миновски или друг висок функционер на власта, замешан во прислушуваните разговори, да се појави.

 

СТРАВ ОД СООЧУВАЊЕ СО РЕАЛНОСТА

Така што, да, во диктатура, онаа диктатура од 2010 до 2014 година, најмрачниот недемократски и крипто-диктаторски период на македонската самостојна држава, дебати меѓу највисоките претставници на власта и на опозицијата не беа можни. До ден денешен, дебата со највисоките функционери на власта, кои порано беа министри, но кои сега, по извршената марионетизација на владата, дизгините на власта ги држат преку извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, сè уште е не можна. Да не заборавиме: како што во Владата доаѓаа нови лица, фактичката политичка моќ на власта од министерските позиции се пресели во партиските позиции од извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, каде што поранешните министри и поранешниот шеф на тајната полиција сè уште жарат и палат од заднината и раководат со државната политика по принцип на сиви еминенции.

Никој во земјава не верува дека претседателот Ѓорге Иванов и техничкиот премиер Емил Димитриев можат и се во ситуација самостојно, во согласност со своите надлежности, да донесуваат важни политички одлуки. За актуелните министри и градоначалници не вреди ни да се зборува, кога на ТВ-екраните гледаме како тие редовно биваат построени, како му рапортираат на партискиот челник и како примаат инструкции од него или од неговиот мобилен телефон. Конечно, за да се види колку актуелната Влада не владее, ами е владеена, сè што треба господин Миновски, на пример, да направи, е на следната седница на Владата на РМ да ги погледне своите колеги министри предложени од ДУИ и да ја забележи нивната младост и неискуство за да сфати колку одеднаш стана небитно кој седи во министерските фотелји, туку дека е далеку поважно кој со нив управува од партиските фотелји.

Зошто врховните челници на ВМРО-ДПМНЕ никогаш не излегле и нема ни да излезат на дебата, па дури и пред избори? Многу едноставно. Тие по никоја цена не сакаат да се најдат во ситуација да бидат прашани за сето она што го слушнавме во прислушуваните разговори, а што би можело да им наштети и пред изборите и во евентуална судска постапка еден ден. Проблемот е само што во демократски држави тоа така не оди. Во диктатури може, ама во демократски држави едноставно е невозможно да има сомневања и обвинувања за корупција и за други видови криминали и тоа врз цело едно владејачко раководство, кое или прислушувало или дозволило секој стоти граѓанин на земјава да биде прислушуван од службената државна опрема и истото тоа владејачко раководство да не излезе веднаш пред јавноста и да не одговори на сите прашања на задоволителен начин и тоа до последно. Конечно, во оваа диктатура, ниту пратениците на владејачкото мнозинство, главно, не излегуваат на дебати, ниту на интервјуа пред критичките медиуми. За разлика од лидерот на опозицијата Зоран Заев и неговата заменичка Радмила Шекеринска, кои на провладините телевизии очекуваа интервју, но, барем што се однесува до Заев, наместо интервју, тој беше предмет на плукачка сесија во која плукачот искористи 70 отсто од времето, а и во оние 30 отсто за кои Заев некако се избори, тој беше постојано прекинуван и не можеше да искаже ниедна довршена мисла. Таквиот настап, се разбира, никако не може да се поистовети со новинарскиот жанр интервју и по тоа никој не може да очекува опозициски лидери повторно да се појавуваат на провладини телевизии и да бидат подложени на ист таков нецивилизациски и нечовечен третман.

 

СОВРЕМЕНАТА ДИКТАТУРА МОЖЕ ДА СЕ КРИТИКУВА

Друго прашање, кое го поставуваат провладините пропагандисти, е каде тоа во диктаторска држава можело да се излезе на телевизија, да се критикува владата и таквиот критичар да помине без последици, одговарајќи дека такво нешто не било можно. Ова не е точно. Во актуелново современо високо-технолошки, комуникациски и медиумски развиено време, на диктаторските држави не им е многу грижа ако некој излезе на една телевизија и ја критикува диктатурата во ситуација кога таа диктатура контролира редица телевизии со национални концесии, десетици и десетици портали, најголем дел од весниците и со таквиот огромен мегафон може да поклопи сè што критичарот на диктатурата евентуално би кажал. Настрана фактот што во оваа диктатура критичарите на режимот немаат пристап до трите најгледани телевизии и што, исто така, не значи дека ако излезете на телевизија и ја критикувате власта ќе поминете без последици. Редовно се случува критичарите на власта по остар критички ТВ-настап да бидат жртви на „карактерни атентати“, односно да бидат прогласувани за странски платеници, предавници, криминалци, пијаници, тепачи на жени, странски агенти, странски лобисти, наркомани, педофили, па дури и да бидат лустрирани заради критички искажани ставови кои не ѝ се допаднале на власта. Такво нешто не еднаш се случило, како што ѝ е многу добро познато на јавноста.

Следните причини поради кои критичарите на диктатурата во денешно време можат јавно да ја критикуваат диктаторската власт и, ако имаат среќа, да поминат без последици (иако за ова новинари и сопственици на медиуми отишле во затвор) е зашто спречувањето на критиките е многу тешко можно. Во Македонија има повеќе од еден милион профили само на „Фејсбук“ и таму не може да се спречи критиката, а тоа е тешко и на порталите, исто така, зашто и нив ги има стотици (првите 1.000 најпосетувани портали во Македонија имаат барем 500 посети дневно секој). Технолошката демократизација на јавните канали за комуникација во денешно време е предалеку отидена за критиката да може да биде сосема спречена. Но, тоа не значи дека во земјава има слобода на изразување, како што тоа го покажа годинешното истражување на ИРИ, во кое мнозинството испитаници изјавија дека неа ја нема, како и дека медиумите се слободни, како што не се, а како што тоа од година во година го утврдуваат реномирани меѓународни организации за  утврдување и за рангирање на медиумските слободи во земјите од светот, меѓу кои има и такви кои ова го работат и повеќе од 45 години.

 

ПРИРОДАТА НА ДИКТАТУРИТЕ И НА ВЛАДЕЕЊЕТО СЕ МЕНУВА

Следна причина поради која во денешно време е можно јавно да ја критикувате диктатурата е фактот што со текот на времето се менува и природата на владеењето, како и природата на диктатурите. Тоа се случува и денес, а се случувало и низ целата историја. Пред 10 века, во некои региони на Европа, наводно, постоело правилото на primae noctis. Според ова правило, тогашниот феудален диктатор имал право, секогаш кога ќе се склучел брак на неговите поседи меѓу закрепостените селани, првата ноќ од бракот тој да ја помине со новата невеста. Девет века подоцна, во 19 век, тоа правило одамна изумрело, ако воопшто постоело. Аристократско-феудалните диктатури станале преголеми за таквото правило да може да биде практично, а такво нешто веќе се косело и со правилата на црквата, која дотогаш прилично го зголемила своето влијание.

Но, во тоа време, пак, феудалците можеле да појдат во селото во близина на нивниот имот и да имаат сексуални односи со некоја од девојките кои биле нивни закрепостени селанки, речиси нивна своина (неофицијално, зашто ропството веќе било забрането). Тоа, на пример, го правел познатиот руски писател Лав Николајевич Толстој, кој бил син на феудалец и голем земјопоседник, на чии имоти живееле 1.800-1.900 закрепостени селани. Неговата мајка, кога дознала, рекла дека тоа не е важно, дека станува збор само за обични селанки и дека ако некоја евентуално затрудни од Лав, таа треба да биде почестена што затруднела од својот млад господар. Покрај тоа, неговата мајка сметала дека тоа е добро за Лав зашто тој така ја „вежбал својата машкост“.

Еден век подоцна, во диктатурите на Хитлер и на Сталин, на пример, тие двајца не можеле како диктатори да појдат во блиското село и туку-така да имаат сексуални односи со првата девојка што ќе им се допадне. Едноставно, природата на диктатурата и на владеењето се променила. Но, можеле, и тоа го правеле, да пратат во логор или во затвор луѓе кои ќе напишеле критички напис против нив. Диктаторите по Втората светска војна, исто така, ги казнувале и тие што ги критикувале на телевизија (ако воопшто можеле да стигнат до неа). Но, во времето на диктатурите од првите 90 години од минатиот век имаше ограничен број медиуми (и печатени и електронски) и секој јавен комуникациски канал тогаш имаше голема тежина. Во најголем број земји имаше само два ТВ-канали и беше строго контролирано што се кажува на нив.

Во денешно време, кога бројот на канали за комуникација со јавноста е речиси неограничен, тоа што некој ќе ја критикува диктатурата на медиум со 0,5 до 3 отсто гледаност, не е посебен проблем за неа. И во современата диктатура на Ердоган, каде што има околу стоина затворени новинари, 2.000-3.000 тужби за лица кои го навредиле турскиот претседател и 60.0000 луѓе избркани од работа, од кои повеќе од 99 отсто немале поим за неодамнешниот пуч, сепак, сè уште постојат начини (иако ризични) неказнето да се критикува тамошната диктатура. Истото може да се прави и во диктатурата на Путин во Русија, каде што, и покрај контролата врз медиумите, сè уште има критички весници и портали (но, не и телевизии). Ако овие современи и актуелни диктаторски режими можат да се критикуваат, тогаш овој нашиов, овде во Македонија, секако дека, исто така, може. Не само што може, туку и треба.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *