Преку шпекулација до дискредитација
Објавено во Рецензии
on 19 - 09 - 2016 Автор: Југослава Дуковска
Пред нас имаме една лесна задача – да рецензираме текст чија единствена функција е да дискредитира, да навреди и да омаловажи, притоа не одбирајќи зборови. Тој содржи и информација, и тоа во форма на шпекулација, која во услови на вжештен предизборен амбиент има пазарна вредност, но впечаток е дека и таа е пласирана само како параван зад кој се крие вистинскиот мотив, а тоа е да се искористи секоја можност за оцрнување на политички неистомисленик.
Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Што бараше осудениот за криминал Љубе Бошкоски на средба со техничкиот министер Спасовски?
Датум и време на објавување: 16.09.2016, 15:37
Датум на рецензирање: 18.09.2016
Рецензент: Југослава Дуковска
Шпекулацијата што ја донесува текстот е следнава: Лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, контактирал со опозициониот Социјалдемократски сојуз во предвечерје на вонредни парламентарни избори, а средбата се случила во кабинетот на министерот за внатрешни работи од СДСМ, Оливер Спасовски.
Од аспект на вистинитоста, оваа вест може да биде точна или неточна, но за читателската публика неминовно е интересна. Во предизборен период вакви вести секогаш се доста барана стока. Изворите на информацијата се непознати, затскриени, така што шпекулативноста на информацијата е очигледна.
ДВАПАТИ ОСУДЕН
Но, потоа следува оној дел што е помалку интересен, односно кој мора да се оцени со најниски оценки, тргнувајќи, како од новинарските стандарди, така и од професионалната, па и општоприфатената човечка етика.
„За што разговараа денес во канцеларијата на министерот, генералниот секретар на СДСМ Спасовски и осудениот за криминал Бошкоски? Ваквата средба на министер во МВР со осуденик е во најмала рака скандал, за кој одговор на јавноста ќе и должат двете страни“.
Што попрво да се рецензира во ова мало, но преполно со малициозност, парче текст? Љубе Бошкоски во целиот напис доследно се именува како „осудениот за криминал Бошкоски“, опширно се пишува за случајот кој доведе до негово апсење, се цитира обвинението, деталите од случајот, постирана е дури и тајно направената снимка на разговорот на Љубе Бошкоски за негово наводно продавање на името на државата за 70.000 евра… Написот слободно можел да биде и со наслов „Да потсетиме за што сè е виновен Љубе Бошкоски?“
Заборавено е едно едноставно правило – дека секој човек, откако ќе ја издржи казната за делото за кое бил осуден е слободен човек, а со тоа рамноправен член на заедницата. Ваквиот третман на Бошкоски во текстот нема друга функција освен да дискриминира, бидеќи го надминува обемот на вообичаеното новинарско потсетување на јавноста и дефинитивно не е во функција на објавената шпекулација.
Тргнувајќи од општите дефиниции за дискриминација, ваквиот третман на Бошкоски во овој напис е пример за дискриминација врз основа на поранешен статус (односно статус на бивш осуденик) и значи повреда на неговите човекови права , но во заднина на целиот текст се наѕира и дискриминација според политичка припадност, бидејќи станува збор за личност која е во конфликт со политичката опција на власт, а која е фаворизирана од медиумот.
„Директна дискриминација постои кога едно лице или лица што се или за кои се претпоставува дека се заедно со такво лице се третира понеповолно од друго во слична ситуација, врз основа на еден или на повеќе од основите на дискриминација“.
Треба да се потсети дека
„Етичкиот и професионалниот кодекс на новинарите им налага посебна одговорност за јавно искажаниот збор. Нивните ставови се важни фактори во обликувањето на јавното мислење, поради што говорот на омразата е неспоив со новинарската етика“.
Патем, во правото постои правилото наречено: Non bis in diem, или во слободен превод: „Не може едно исто лице двапати да биде осудувано“, a овој напис, преку потенцирањето на сите детали од случајот на Бошкоски, токму тоа го прави – повторно му суди и го осудува пред јавноста.
СО КОГО СМЕЕ ДА СЕ СРЕЌАВА БОШКОСКИ?
Да се нарекува скандал тоа што човек што ја издржал својата казна до последен ден и откако излегол на слобода се сретнал со министер за внатрешни работи е невкусно и неосновано тврдење, а уште помалку држи вода тоа дека овие двајца луѓе ѝ должат оправдување на јавноста. Како политичари, јавноста може од нив да побара одговори дали и за што се сретнале, а потоа самата да процени дали дадените одговори ѝ се допаѓаат или не.
Патем, би можело да се забележи и дека е малку веројатно двајцата воопшто да оствариле средба во министерскиот кабинет во МВР, доколку не сакале тоа да биде забележано, што во основа ја прави оваа шпекулација „на стаклени нозе“.
Сите овие елементи укажуваат на тоа дека овој напис не информира, туку дискредитира.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
целосна копија
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
дискриминира
политичка дискриминација,
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
не апликативно
има контекстуални линкови
стилски уреден
поврзан со тагови