verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Вистината е поинаква кога новинарот не е љубопитен

on 5 - 04 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

„Југохром“ или изборни приказни што се повторуваат

Пишува Љубомир Костовски

Во спинувањата на јавноста учествуваат со своите трудови и новинарите. Таквата нивна сервилна позиција е особено нагласена кога се оди во некоја посета заедно со претставници на власта и кога не се поставуваат „непријатни“ прашања, без кои пак нема професионално новинарство.

Изборите се вообичаен период во кој се кажуваат приказни за подобра иднина. За такви приказни секако се неопходни и новинарите.

За време на избори се повторуваат и исти приказни за подобра иднина, користени во минатото. И за нивните ефекти се подразбираат со своето присуство новинарите, но би додале дека ни се потребни и новинари кои ништо не прашуваат, за што веќе има еден поучен текст на овој сајт од проф. Најчевска („Изјавите на политичарите се коментираат“).

Примерот кој тука ќе биде наведен се случува меѓу двата изборни круга во атарот на општина Јегуновце, каде на 7 април требаше да се одржи втор круг на гласање, откако во првиот круг кандидатот на СДСМ имаше предност над кандидатот на ВМРО ДПМНЕ со 334 гласови.

Власта организираше новинарски караван до Комбинатот „Југохром“, кој е хранител на оваа општина и преку присуството и обраќањето на вицепремиерот Ставрески ја претстави својата успешна економска приказна за заживувањето на овој комбинат. Дури, наводните успеси на овој колектив се претставени како модел кој го задвижува целото стопанство. Но, да се вратиме на стартот.

Што треба да знаат новинарите, особено новинарите-почетници од економските рубрики на медиумите?

За почеток, дека сите т.н. организирани посети на одредени фабрики, градилишта и слично се однапред планирани да остават впечаток врз оние кои се водат „на терен“. На тоа може да следува и своевидна корупција (обилен ручек, опуштена атмосфера, подароци, селекција за идни, заеднички патувања со владини претставници на поексклузивни, задгранични места и слично).

За да не им случи планираното влечење за нос, новинарите кои се подготвени да направат независен, вистинит извештај, треба освен основните следења на глобалните економските движења, параметри, јавни статистички податоци и слично, да научат што повеќе за објектот каде ќе се носат, за резултатите од минатото, технологијата која е карактеристична за него, сопственоста на објектот и поврзаноста на сопствеништвото и власта (властите), локалната и централната…

Денес е тоа полесно во однос на минатото, благодарение на пребарувачите на медиумските архиви преку интернет.

Што пропуштија новинарите при оваа посета?

Најнапред, што се вели, „на слепо“ или целосно некритички ги пренесоа ставовите на Ставрески за тоа како порастот на индустриското производство во февруари од 4,5 проценти се огледува во работењето на „Југохром“. Порастот на производството во една гранка, за само еден месец, по пад на индустриското производство во континуитет од 20 месеци (!), е проста математичка операција што мора да се знае од новинари од економските рубрики. Тоа е само многу, многу мал чекор угоре од бунарот на вистинскиот, долгорочен економски дебакл.

Се прави споредба на долгорочен минус со мал плус, односно кога секој, и најмал раст, делува „џиновски“! Никој и никаде, на ниту еден медиум не направил такви споредби или проверки на речените статистички податоци на Ставрески. Дури ниту пост фестум, по испраќањето на обичните, или што се вели, голи извештаи од „Југохром“.

„Охрабрен сум од добрите резултати на ‘Јухогром’ во почетокот на годинава и сметам дека комбинатот во последните неколку месеци работи добро. Вклучени се сите печки, илјада луѓе се на работа што е најмногу во последните 10-ина години. ‘Југохром’ е составен дел на индексот на растот на производството, очекувам во следните месеци да продолжи тој тренд и македонската индустрија да продолжи со позитивни стапки и на тој начин да го повлече и растот на економијата и на БДП во целина“ – изјави Ставрески.

„Секогаш бевме тука кога требаше да опстане и да продолжи со работа ‘Југохром’ стожерот на стопанството за овој регион, а така ќе биде и во иднина. Владата и локалната власт и понатаму ќе ја пружаат сета потребна помош како што направија и претходно, кога беше потребно да се приватизира земјиштето и да се поттикне извозот во ‘Југохром’“ – рече Ставрески.

Индиректно се потсетува дека власта направила отстапки кои не се карактеристични за односот на една власт во пазарна економија, а тоа го добил Комбинатот – му го дала земјиштето (!), ги симнала еколошките дозволи и така го направила поевтин на пазарот и слично.

Ако овие податоци претходно или потоа биле проверени, што е основна новинарска задача, што би се добило на пребарувачот?

Најпрвин дека „Југохром“ располагал со 12, а не со две или четири печки, колку што се во оптек во предизборните приказни последните години. Дека вработувал 2.500 лица, а не 400, 500 или 1.000 и дека работниците биле во редовен неограничен работен однос, а не како сега, главно со решенија за временски ограничени траења на работниот однос!

Потоа, новинарите кои се посветени на својата професија мора да увидат дека без двоумење, Комбинатот „Југохром“ е постојано место за спинување на јавноста, на секои политички избори, додека меѓу изборните циклуси или не работи или работи со битно намален капацитет.

Бизнисот со струја, по кој е позната токму оваа власт која е на кормилото на државата седум години, не овозможува евентуално рентабилно производство на „Југохром“, без повластици во цената на струјата или без други привилегии како што се замижувањето пред еколошките стандарди.

Да појдеме по ред, одејќи од една до друга изборна година. На пример, во март, 2006 година, непосредно пред парламентарните избори се вклучија само две од 12-печки кои ги имаше тогашниот „Силмак“. (види: ПО ЕДНА ГОДИНА ПАУЗА Денеска се палат печките во “Југохром”, 18 март 2006). Тогаш една затворена фабрика со одлука на „ЕСМ Електростопанство на Македонија“ (ЕСМ) го вклучи објектот во струја! „Силмак“ вработил 689 лица, поранешни работници во „Југохром“.

Непосредно по изборите, пред новите власти (Коалицијата ВМРО ДПМНЕ – НСДП – ДПА) да влезат во кабинетите, тогашното раководство на Комбинатот одново го проблематизирало работењето и барало повластена струја, сопственост над земјиштето, непостоење на еколошки филтри, бесцаринска зона… доаѓа до редица работнички штрајкови заради фактот дека не се вработуваат ветените илјада работници! (види: На средбата меѓу Синдикатот и потенцијалниот инвеститор | Без компромис за бројот на вработените во „Југохром“).

Едно од поставените барања на управата, новата власт ја исполнува, погодувате, одново во време на гласање на електоратот – во 2011 година, кога се споија локалните со претседателските избори. Пeчатот или дел од медиумите обвинија дека „Фени“ и „Југохром“ незаконски добиле еколошки дозволи! За ваквата постапка се побунија еколошките организации „Фронт“, Македонски зелен центар, Македонско еколошко друштво и „Екосвест“, кои го обвинија Министерството за животна средина и просторно планирање дека незаконски направиле измена на еколошките дозволи на „Југохром“ и на „Фени“ и побараа во најбрз можен рок да ги ревидира овие решенија, да ги коригира законските нерегуларности и да ги санкционира одговорните за незаконското работење.

Ново и се надевам лесно прашање за колегите од економските рубрики: што се случи со Комбинатот после изборите?

Новинските извештаи од последната декада на октомври 2011 јавија дека 4 од претходно пуштените 6 печки се изгаснати, а дома се пуштени 400 работници!

Тогаш на власт беше истата влада, а вицепремиерот Ставрески ги имаше истите функции.

Таму само биле новинари кои во она време малку повеќе поставувале прашања и се подготвувале за она што ќе биде тема на нивното известување. За жал, дел од нив веќе и заборавиле на старите извештаи.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести