verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Вежби по критичко мислење: Дали зборот „Словени“ е навредлив за Македонците?

on 5 - 11 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански, Англиски
Идниот амбасадор на САД во Македонија, Џес Липинкот Бејли (во средина) на прославата на Денот на независноста на САД во конзулатот во Адана, Турција, каде што беше заменик шеф на Мисијата. (Со амбасадорот на САД во Турција Френсис Џ. Ричиардоне, крајно десно и сопругите). Фото: Стејт Департмент  на САД, 2013
Идниот амбасадор на САД во Македонија, Џес Липинкот Бејли (во средина), на прославата на Денот на независноста во конзулатот во Адана, Турција, каде што беше заменик шеф на мисијата. (Со амбасадорот на САД во Турција, Френсис Џ. Ричиардоне, на крајот десно, и со сопругите). Фото: Стејт департмент на САД, 2013

 

Неодамнешната медиумска хајка проследена со говор на омраза против новоназначениот американски амбасадор може да ни послужи како добра основа за да повежбаме критичко поставување прашања.

 

Пишува: Жарко Трајаноски, магистер по човекови права

 

1) Дали употребата на изразот „Словени“ значи „негација на постоењето на македонскиот народ“?

 

Медиумската хајка почна по следново јавување на дописникот на МИА од Брисел:

„Во Македонија живеат мнозинство Словени и малцинство етнички Албанци. Со ваква негација на постоењето на македонскиот народ, новиот американски амбасадор Џес Липинкот Бејли доаѓа на служба во Република Македонија“ (Бејли: Во Македонија живат мнозинство Словени и малцинство Албанци)

Медиумската хајка прогресираше дотаму што некои провладини „експерти“ изведоа ваков заклучок:

„Да потсетиме, во Сенатот, каде по традиција се „преслушуваат“ новите амбасадори, Бејли рече дека овде живеат „Словени, Албанци и други…“ значи, кратко и јасно – нема Македонци!“

Ако новинар(к)ите, пред да известат, направеа елементарна проверка на фактите во обраќањето на амбасадорот, ќе имаа можност да ги постават следниве критички прашања:

  • Дали употребата на уставното име и кратенката Македонија (за држава), како и употребата на изразите „Македонци“, „македонски печат“, „етничко албански и македонски населенија“, претставуваат „негација на постоењето на македонскиот народ“?

 

  • Ако изјавата: „Во структурата на македонското општество има повеќе Словени и Албанци“ е „опасна теза“, зарем не е исто толку „опасна теза“ и дефиницијата на изразот „Македонци“ во „Македонска енциклопедија“ како „словенски народ во етничка, културна и национална смисла, што живее во РМ, на територијата на етничка Македонија и во дијаспората“? (МЕ, стр. 894)

 

Извадок од учебникот по географија за 7 одделение
Извадок од учебникот по географија за 7 одделение

 

  • Зошто одредени новинар(к)и и политичари се чувствуваат „навредени“ од употребата на изразот „Словени“, кога и во македонските учебници децата учат дека Македонците спаѓаат во словенската група народи (на пример, во учебникот по географија за VII одделение)?

Од претходните примери, јасно е дека употребата на изразот „Словени“ не ја исклучува, ниту, пак, негира употребата на изразот „Македонци“. Зошто тогаш беше поведена медиумска хајка против новоназначениот американски амбасадор?

 

2. Зошто не е навредливо кога македонски политичари нè нарекуваат „Словени“?

 

Навистина, зошто медиумите се скандализираа од употребата на изразот „Словени“ од страна на американскиот амбасадор, а не се скандализираат кога македонски политичари реферираат на Македонците како Словени?

  • Зошто медиумите не поведоа хајка против претседателот на Собранието кога истакна дека благодарение на сесловенските просветители „Македонскиот народ ја доби можноста на свој разбирлив јазик да ги шири христијанските вредности…“?

 

  • Зошто не го претставуваа како навреда или срамота честитањето од страна на премиерот на „Денот на македонските и сесловенските просветители, светите Браќа Кирил и Методиј“ или, пак, неговото гордеење со „првиот словенски универзитет“ на св. Климент Охридски?

 

 

3. Некритичко пренесување на реакцијата на МНР

 

Најголем дел од медиумите само ја пренесоа реакцијата на МНР дека „Ваквото ословување го доведува во прашање идентитетот и ги повредува чувствата на македонскиот народ.“ (на пример: МНР со протестна нота до САД: Ние не сме Словени).

Останаа непоставени следниве критички прашања од страна на новинар(к)ите:

  • Како е можно да се доведува во прашање идентитетот на македонскиот народ од страна на амбасадор кој го употребува уставното име и изразите „Македонија“ , „Македонци“, „етничко македонско население“ паралелно со изразот „Словени“?

 

  • Зошто МНР немаше слична реакција во однос на последниот извештај на ЕК, во кој не се спомнуваат ниту уставното име, ниту македонскиот јазик, ниту етничкиот идентитет „Македонци“?

 

 

4. Историски и медиумски срамови

 

Наместо скандализирање и јавно поттикнување на чувство на срам поради употребата на изразот „Словени“, новинар(к)ите ќе постапеа етично ако ја пролистаа, на пример, „Македонската енциклопедија“ и ја известеа јавноста колку пати и во кои контексти се употребува изразот „Словени“. И површното пребарување на „Македонска енциклопедија“ можеше да ги поттикне да ги постават следниве критички прашања:

  • Дали треба да се срамиме од „Лозарите“ кои го популаризирале името „Македонци“, како име на словенски елемент?

 

  • Дали граѓан(к)ите на Битола, Прилеп, Велес… треба да се срамат од словенските имиња на нивните градови?

 

  • Што има срамно во тоа што „Македонската лига“ во 1880 г. се сметала за „единствен легитимен претставник на словенското мнозинство од населението во Македонија“?

 

  • Дали треба да нè навредуваат насловите на книгите на Ангел Динев (родум од с. Смоквица) „Македонските Славјани“ (1938) и „Етнографската идеја на Македонските Славјани“ (1944)?

 

  • Дали треба да се срамиме од Григор Прличев, кој сакал да создаде граматика на словенско есперанто?

 

Извадок од „За македонцките работи“ на Крсте петков Мисирков
Извадок од „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков

 

 

  • Зошто најпознатите македонски преродбеници гордо се изјаснувале како Македонци и Словени, а сегашниве „преродбеници“ се скандализираат од изразот „Словени“?

 

(Продолжува: Дали на експертите од „Димитрија Чупоски“ им е срам што се изјаснувал како „Словеномакедонец“?)

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Една мисла во “Вежби по критичко мислење: Дали зборот „Словени“ е навредлив за Македонците?

  1. Многу добро се знае во кој контекст и со која намера и цел медиумски тоа јавно е така кажано од американците.Дипломатски тоа е опипање пулс да видат до каде можат да одат.Контра прашање до уредникот – Зошто албанците се лутат кога некој ги ословува како Шиптари а од своите не се лутат?Или ако некој ги ослови како потомци на гегите или арнаутите?Не они одат подлабоко Илири.Исто почнаа и ромите-некој друг ако ги ословисо Цигани а не роми веднаш се лутат.Ајде истите американци нека кажат дека во Франција живеат мнозинство од потомците на герм.племе Франки или во Германија племето Германи е потомок на Скандинавски племиња.Нема оправдување,се друго е гола вода.За истите тие американци пак денеска само во билатерални средби сме Македонија и македонци а онаку официјално Фиром и фиромјани или некогаш само земја и народ со показни заменки.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за најнови вести