verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Веслај, веслај, пак во истата кал

on 15 - 08 - 2016       
poplava-663F2D414406AD74D6635D283A4F82E575B64231E6C6E505ED-frame-spfm
Овој отпад од поплавите се гледа, оној манипулативниот и спинуваниот, не баш. Фото: СПФМ

 

– Добро утро! Само да прашам барем како сте? Можам ли некако да ви помогнам од Србија, колега?

– Добро утро! Благодариме на загриженоста. Работите се средуваат лека-полека. Но, она што најмногу ни треба е малку време да пробаме да разбереме дека санирањето на штетите не е позициска или опозициска, туку сеопшта работа!

– Од каде ми е познато истото!

 

Пишува: д-р Дејан Донев, вонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Ова е само дел од една моја ФБ-преписка од мноштвото што ги имав во изминатиов период од 6 август досега, со колеги, пријатели, па дури и со злонамерници и со сеирџии. Тие, повеќе или помалку, почнуваат или завршуваат со истакнување на политичките паради и реални шоуа, кои низ медиумската реалност допираат до сите нас и надвор од границите. Зошто? За илустрација, само една објава од пред некој ден намој добар пријател, колега…, кој особено ме инспирираше за оваа анализа:

„Колеги новинари, селфи е суптилно „Еве сум“… Верувајте не ви треба во калта која ја газите додека околу вас плачат луѓе. Исто како што не ви треба држењето микрофон пред политичарите без да барате информации или одговорност од нив на терен“.

И претпоставувам дека не е тешко да се погоди клучната теза на оваа анализа, отворајќи ги, пред сѐ, интернет-изданијата, гледајќи ги ТВ-извештаите, па дури и читајќи низ дневниот печат. И додека „по поплавите: власта и натаму игра руски рулет со природата“, забранувајќи уснопокачување на цените на производите што им се потребни на поплавените“, и натаму „продолжува расчистувањето во поплавеното подрачје“. Сите се трудат да се вклучат во помошта, помагањето, ама никој не сака да прифати одговорност за она што се случи:

„Надлежните „вината“ ја лоцираат во природата. Тврдат дека се работи за природен феномен и стихија која човечкиот фактор не може да ја реши. Но дали само природата е единствениот виновник за катастрофата?“

Една недела по катастрофата, и понатаму отсуствува една сеопфатна критичка анализа зошто ни се случи ова што ни се случи – „Што нè поплави: пропусните отвори или отворените пропусти?“. Во беглите и парцијални досегашни анализи, речиси во сите, се наведува дека „сечата на шумите, непланското градење, негрижата за одводните канали…, го наплатија данокот во поширокиот Скопски Регион. Но, опасноста е надвисната и над урбаното јадро“. Природниот фактор, како и секогаш, има доминантно влијание во катастрофата, но не помалку и слабата инфраструктура. Имено, како што изјавува Сања Раѓеновиќ, претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија,

„Луѓето загинаа од немање соодветна инфраструктура. Невремето е едно, но нема потпорни ѕидови, погледнете колку свлечишта се јавуваат, се гради каде стигне и уште пострашно, сѐ тоа се легализира за 1 евро од квадратен метар. Нема соодветна канализација, каналите се затрупани, катастрофа! Чист популизам за кој гледаме дека се плаќа огромен цех. Најстрашно е што постојано за ова се предупредува, но очигледно дека никој не сака или не му одговара тоа да го слушне и да го разбере“.

Последното во исто време го отвора проблемот со подготвеноста, способноста за аналитичност и знаење за да може да се повикаме на одговорност, преземање на одговорноста, особено јасно и декларативно во/низ медиумскиот простор, а не затскривање низ истиот. Освен Управата за хидрометеоролошки работи и нејзината прогноза, падна на испит за одговорноста и кризниот менаџмент на институциите и на организациите, кои заборавија декавклучувањето на сите заинтересирани учесници во комуникацијата и во дијалогот го олеснува кризното управување и евалуацијата на донесените мерки“. Така, согласно медиумското известување добивме слика за тоа како „Младите од Црвен Крст Неготино се скараа со жените од ВМРО ДПМНЕ“ или дека помошта не стигнува на местата каде што е најпотребна или дали селективно се дели – „Саити од Црвен крст: Не сме селективни, невозможно е одеднаш да бидат опслужени 10.000 жители“, сè до потврда на истиот став „додека политичарите позираат, помошта доцни, а расте револтот кај граѓаните“, т.е. дека „институциите не функционираат, на теренот владее хаос и лудило!“.

Затоа, поранешниот премиер, во евидентно отсуство во медиумската реалност на актуелниот, си ги презеде работите за медиумски настап на терен, организирајќи реални шоуа од маката на настраданите, купувајќи поени од болката и од страданието на погодените, наместо барем да прифати еден предлог од оние „надвор од неговиот круг“. И така се демонстрираше доста понижувачки и неуспешно (како никогаш в раце да не ја видел книгата „Медиумски настап(и)“ на Аднан Рондиќ), од човек кој „моментално нема никаква државна функција, туку само партиска“, во човек кој „издава наредби на највисоки државни функционери, а тие без поговор го слушаат“. И бидејќи тековната власт ја споредува државата со приватна компанија, а народот со нејзини вработени, тогаш би требало барем да знае дека во такви услови да се биде свесен за значењето на комуникацијата во кризни ситуации и да се биде добро подготвен е клуч на успехот: Планирајте го најлошото, а надевајте се на најдоброто! Односно, „преносите не ја решаваат работата. Сака работа за да се победи маката!“, вели Драган Антоновски во својот ФБ-статус „Парадери и профитери од човечката мака“.

А, каде се новинарите во приказнава? Медиумите (барем провладините) беа искористени за перење на „сопствениот образ“ кој претходно беше извалкан додека се јадеше колачот наречен „државно рекламирање во медиумите“, а некои дури отидоа и чекор понатаму во самопромоција!! Имено, еве за што и како, според зборовите на Сашка Цветковска во написот „Власта се крие од критичните медиуми, за да избегне незгодни прашања“, известуваа истите:

„Во последната година тоа е често, но по поплавите, посетите на Груевски се тајна резервирана само за провладините медиуми. Исто е и со посетите на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски (…) Најавите се резервирани за одбраните медиуми (… ) „Нова ТВ“ сосема случајно се најде во пунктот на Црвениот крст за собирање помош во Сингелиќ. Кога пристигнавме, забележавме дека се присутни камерите на телевизиите „Алфа“, „Сител“, МТВ, ТВ „Нова“, „Канал 5“ и државната агенција МИА. Така разбравме дека тие го чекаат претседателот на ВМРО-ДПМНЕ (…) „Нова ТВ“ разговараше и со колеги од другите редакции, како телевизиите „Телма“, „24 Вести“, агенцијата „Мета“, Радио Слободна Европа и други. Сите тие велат дека локациите и времето на активностите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, но и на други државни и локални функционери не стасуваат до нив“.

И така, наместо да се применуваат правилата за известување од кризни ситуации, кои јасно наведуваат дека треба да се информира што е можно поцелосно, да се одбегнуваат шпекулациите, да се користат повеќе извори, да се обезбеди контекст, да се остане професионален и слично ( во согласност со прирачникот на Меѓународниот центар за новинари од Вашингтон „Покривање на катастрофи и кризи“ ), истите, добар дел од нив добиваателефонски повици, а овие активности ги следеа новинари кои на шега ги нарекуваат „специјални единици“. Ако нема нарачани прашања, тогаш овие снимања поминуваат без ниту едно поставено прашање. Се држат микрофоните, се изолираат неподобните, а времето и местото се чуваат за „специјалните новинари“ од „специјалните медиуми“. Со тоа само уште еднаш се потврдува елементарното нереспектирање на „правилата на играта“, која истите ја заборавија (за нивно потсетување „Прирачникот за известување за хуманитарни кризи“ во кој сосема прецизно е наведено дека публиката, јавноста е онаа кон која треба да бидат свртени во своето известување од кризни ситуации). Уште повеќе што и ретко видовме приказна од/за/со настраданите. Па, така, не ќе беше од зијан да се препрочитаа уште еднаш правилата и советите кои не ги кршат етичките норми кога се интервјуираат настраданите или се прави профил на жртвите, додека политичкиот врв во близина парадира, кој со лопати, кој со обезбедување, за кое странските медиумски куќи дадоа доказ за неговата бескурпулозност.

Нелогично, но и овојпат медиумскиот апарат повторно беше свртен во корист на политиката, особено во услови кога, како што наведува и Владимир Баровиќ во својата книга „Медиумско известување во кризни ситуации“: „примената на професионалната етика или нејзиното непочитување доста често се најтранспарентни во кризни ситуации, кога имаме жртви, повредени лица, трауматизирачки сцени, вознемирувачки фотографии и извештаи и затоа во вакви случаи етичките прашања се доведуваат во најдискутабилен контекст“. А постојат добри причини, барем 10, кои се сметаат за клучни во новинарското известување за кризните ситуации и тоа на етичен начин, во прирачникот на ОН „Катастрофата низ различни објективи“, каде се претставува концептот за превенција на катастрофи и улогата на медиумите во овој процес на менување на размислувањето и однесувањето на луѓето во намалувањето на ранливост на природните ризици, а со тоа и промена на културата на реакција во култура на превенција.

Затоа, не смеат да се заборават советите за новинарите од Прирачникот на СЕЕМО за новинари во кризни ситуации, каде се вели:

„Известувајте, но не станувајте активисти. Професионалниот новинар е човечко суштество, но истото не смее да заборави зошто навистина е на местото на катастрофата (…) разговарајте со стручните лица во обид да пронајдете евентуални несовесни постапки на власта имајќи на ум дека треба да ги изнесете и двете страни на приказната (…) новинарот мора да биде претпазлив кон секакво соопштение дури и да го издава државна агенција или правно тело, т.е. истовремено треба да проба да ги истражи нивните наводи (…) И запомнете, дека во известувањето за катастрофите да се биде прв не значи ништо доколку извештајот не е точен!“

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести