verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Укажување на пропустите: Собрание на апели и на заложби, наместо право и процедури

on 15 - 08 - 2016       
Македонското Собрание како Собрание на невладини организации - и тоа се занимава со заложби, апели и препораки. Фото: СПФМ и Гугл
Македонското Собрание како Собрание на невладини организации – и тоа се занимава со заложби, апели и со препораки. Фото: СПФМ и „Гугл“

 

Работата на парламентот и на владата се и треба да бидат од исклучителен интерес за медиумите и тоа особено во кризни ситуации, кога станува збор за  загрозувања на животот и на имотот на граѓаните од поголеми размери

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт по човекови права

 

Соодветноста на постапувањето, правилноста на преземените мерки, остварувањето на уставно и законски доделените надлежности, мора да бидат под контрола на медиумите, кои треба да информираат за сите активности, да укажат на пропустите и да бидат дел од притисокот на јавноста за што е можно посоодветно постапување на институциите.

Заклучоците на Владата на Република Македонија не побудија поголем интерес кај медиумите. Само во неколку медиуми се појавија информации за седниците на владата:

За разлика од ограничениот интерес за седниците на Владата и за одлуките донесени од страна на Владата, медиумите опширно ја информираа јавноста за одржувањето на итната седница на Собранието на Република Македонија во врска со „…катастрофалните последици кои настанаа како резултат на временските непогоди кои се случија во околината на градот Скопје на 6 август 2016 година…“, расправата која се водеше на седницата и со заклучоците кои се донесени.

Во најголем дел од медиумите е презентирана речиси идентична информација, во која се пренесени дел од заклучоците и најспорните моменти од расправата во Собранието.

Во дел од медиумите е нагласен податокот дека станува збор за заклучоци кои ги предложило владејачкото мнозинство, наспроти заклучоците кои ги предложиле опозиционите партии, меѓутоа, во многу мал број медиуми е презентиран документот во кој се дадени предлог-заклучоците на опозицијата (содржани во предлогот за свикување итна седница на Собранието), а ниту во еден од медиумите не се дадени во интегрална форма заклучоците донесени од Собранието (или, врска/линк со овие заклучоци на официјалните веб-страници на Собранието).

Тоа што најмногу недостига во медиумското информирање за собраниската седница е димензијата на владеењето на правото и контекстот на надлежностите на Собранието.

Прво, медиумите не се впуштаат во анализа на самите заклучоци и во нив воопшто не се проблематизирани оние конструкции во заклучоците кои не соодветствуваат на правната надлежност на Собранието. Собранието, според овие заклучоци, не одлучува, не наредува, туку апелира, се заложува, поттикнува, посакува .. како да е некоја невладина организација:

  • Собранието на Република Македонија се заложува државните и сите други надлежни институции да продолжат да излегуваат во пресрет на граѓаните…;
  • Упатуваме апел до претпријатијата да помогнат на жителите…;
  • Упатуваме апел до сите општетсвени чинители и субјекти да ја покажат својата хуманост

Медиумите не обрнаа доволно внимание на фактот дека собраниската седница беше свикана заради настојувањето на опозицијата, осум дена по случувањата кои завршија со повеќе од 22 жртви (меѓу кои и деца) и огромна материјална штета за повеќе од 5.000 семејства.

Само по себе, ова претставува многу јасен индикатор за нефункционирањето на институциите и за отсуството на свест за тоа како функционира државата во услови на криза предизвикана од елементарна непогода. Во дел од медиумите се пренесени и изјави на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ од кои јасно произлегува дека тие ниту мислеле дека е потребно ниту, пак, сакале да биде свикана седница на Собранието:

„Како пратеничка група ние сме добро информирани за состојбата на терен, бидејќи секојдневно поголема група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се на терен, директно во куќите, помагаат на луѓето, како што е и денес. Ја знаеме состојбата…“

Медиумите не го идентификуваа како проблематичен податокот дека во истиот ден кога е закажана седница на Собранието, се донесени заклучоци на Владата:

Непосредно, пред почетокот на вчерашната собраниска седница, Владата усвои пакет од осум мерки наменети за настраданите во поплавените подрачја.

Значи, не се тоа мерки што Владата ги донела, да речеме, првиот ден по критичниот настан, ниту се тоа предлози на Владата до Собранието, кога веќе се чекало до минута пред одржување собраниска седница. Би било логично (во услови на јасна свест за надлежностите на одделните структури на власта) по првичните заклучоци на Владата, да се причека завршување на собраниската седница и Владата да постапува врз основа на донесените заклучоци. Во спротивно, одржувањето на самата седница на Собранието е целосно бесмислено и станува само дел од демократскиот ритуал кој нема никаква содржина.

Во своите информации, медиумите не го поставија прашањето за отсуство на барањето за поведување постапка за утврдување одговорност, од заклучоците на Собранието, а врз основа на уставната одредба според која една од надлежностите на Собранието е да

„врши политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието“.

Ниту еден медиум не се заинтересира зошто не е претходно свикана Комисијата за одбрана и безбедност (при Собранието на Република Македонија), а во чија надлежност меѓу другото спаѓа и:

„остварување на надзорот во доменот на одбраната и безбедноста; одбрана на Републиката и цивилната заштита; заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните загарантирани со Уставот; безбедноста  на  патниот, воздушниот,  железничкиот  и  езерскиот сообраќај; заштита од природни непогоди и епидемии; …“

И, ниту еден медиум не го постави прашањето за формирање анкетна комисија која би била задолжена за истрага на условите во кои загинале повеќе од 22 луѓе и била причинета огромна материјална штета.

Во вакви услови (услови на големи нарушувања на секојдневниот живот на луѓето, кога постојат индикации за повреда на правата и на слободите на граѓаните од пошироки размери), медиумите можат и треба да имаат улога на промотори на правото и на правните, наместо омилените за политичарите, политички активности и разврски.

Од правен аспект останува неодговорено (и од посебен интерес за натамошна анализа на медиумите):

  • Зошто не е веднаш свикана седница на Собранието на Република Македонија;
  • Зошто не се свикани седници на релевантните собраниски комисии;
  • Зошто во заклучоците на Собранието не е прифатена истрага за настанатата ситуација и анализа на активностите на Владата;
  • Зошто не е формирана анкетна комисија која веднаш (додека се свежи трагите) ќе пристапи кон соодветна истрага;
  • Зошто Владата е поставена над Собранието и ги прејудицира заклучоците на Собранието;
  • Зошто голем дел од заклучоците на Собранието претставуваат апели и заложби, наместо наредби.

Сиве овие прашања не се неопходни само под еден услов: доколку се работи за „НВО-собрание“, а ова со Устав определеното како највисок орган на власта треба да биде прашано и да одговори.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести