verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Уставните измени низ медиумското огледало (2)

on 15 - 07 - 2014       
Македонски Парламент. Фото: 350.org, 2011

Велосипеди пред македонскиот Парламент. Фото: 350.org, 2011

(Првиот дел од анализата можете да го најдете овде)

Ако предлогот  министерот за правда и претседателот на Врховниот суд  повеќе да не се дел од Судскиот совет на РМ беа генерално позитивно аспектирани од медиумите, иницијативата за прецизирање на фискалните правила во рамките на буџетот: за буџетскиот дефицит и јавниот долг, како и создавање на уставна можност за формирање финансиска зона, повторно покажаа медиумска (не)доследност во одбрана или негирање на потребата за ваквиот чекор.

 

Пишува: Доц. д-р Светлана Вељановска, доктор по меѓународно право

 

Според  дел од медиумите:  Економски лидер , Канал 5 ,   уставното гарантирање на максимумот на буџетскиот дефицит ќе значи дека оваа или која било друга влада која во иднина ќе ја има Република Македонија, ќе биде обврзана со Устав да не го зголемува буџетскиот дефицит и јавниот долг.

Наспроти нивниот став аналитичарите на Фактор сметаат дека:

„Уставното регулирање на висината на јавниот долг и на буџетскиот дефицит не е европска пракса. Потегот на Владата преку уставни измени да го ограничи нивото на буџетскиот дефицит и на јавниот долг нема да значи и гаранција дека ќе зајакне фискалната дисциплина.“

Тие сметаат дека  „воведувањето на фискалните правила треба да се спроведува или преку Закон за јавни финансии или преку формирање на Фискален совет“ .

Во истиот медиум може да се прочита и ставот на експерти од сферата на уставното право според кои:

„Уставни измени за финансискиот сектор, како што предлага владата не се вообичаена пракса во Европската унија. Транспарентноста и јакнењето на контролата на јавните финансии се постигнува со законски решенија. Ако се усвојат уставните измени се отвораат повеќе прашања, прво што ќе се случи доколку во земјата се случат немири поради социјални или економски причини а за нивно решавање ќе бидат потребни пари, односно задолжувања? Што доколку се случи војна во државата, нова економска криза која ќе треба да се амортизира со кредити, односно задолжувања? Сите овие сценарија ги ставаат под притисок можните уставни измени и опасноста од нивно натамошно менување“

Дискутабилно е и прашањето за финансиските зони кои би биле можност за заинтересираните странски субјекти да ги „чуваат“ своите финансиски средства под посебни повластени услови, при што медиумите многу малку се обидоа да објаснат што значи тоа: дали станува збор за добра можност за зајакнување на економијата каде би важеле највисоките европски стандарди- Канал 5 или станува збор за сѐ уште недоволно позната материја во овој дел од светот која најверојатно е тешко применлива:

„Економските аналитичари истакнуваат дека ваквото образложение е многу нејасно и велат дека би го коментирале откако би се отворила една поголема јавна расправа. Но, според првичните согледувања на економистите, во заднина на оваа уставна измена е доаѓањето на таканаречените оф-шор компании, какви што се регистрираат во Кипар, Лихтенштајн, Хонг Конг, на Сејшелските Острови, Бахамите, Кајманските Острови… Практично, ќе имаме еден вид полуколонијализам. Се знае зошто некоја компанија се регистрира во Кипар или на Бахамите. Во вакви земји или има целосни даночни ослободувања, или делумни, но она што е уште поважно, е што домашна инспекција и контрола во овие зони нема – велат економски аналитичариМакедонија ќе стане даночен рај како Кипар

 

УЛОГАТА НА „НЕМАКЕДОНСКИОТ“ ФАКТОР ВО ВЛАДИНИТЕ РЕФОРМИ

Опозиционите медиуми во своите текстови третираат уште една страна на овие предложени уставни измени. Станува збор за прашањето како кон нив се однесува албанскиот партнер во Владата. Притоа, изненадувањето се лоцира кај јавноста од албанската етничка заедница, а не и кај владиниот партнер кој се изјасни зошто ја дава својата поддршка.

Утрински пренесе дека:„Со овие уставни измени се овозможува хармонизација на нашето со европското законодавство. Ако го отвориме прашањето за уставни измени во други области, верувам ќе се забави процесот и нема да заврши во пресрет на Извештајот за напредокот на Македонија“.

За разлика од Утрински, Телма смета дека:  „позицијата на ДУИ во владата ослабнала, а ваквите нивни постапки покажуваат дека албанската заедница која ѝ ја даде довербата на ДУИ на последните избори, нема вистински политички претставници во извршната власт.“

24Вести анализираат дали е потребно да се вршат вакви интервенции во Уставот во момент кога сѐ уште не е јасно дали албанскиот партнер во Владата нема да посака да го испорача својот пакет на барања. Исто така, од нивна страна се наметнува и ставот дека:

Иницијативата за отворањето на Уставот се предлага кога опозицијата е надвор од парламентот и кога не постои елементарен политички дијалог меѓу власта и опозицијата, што дополнително го оспорува ваквиот предлог на Владата. Од друга страна, се поставува и прашањето дали со реакциите кои ќе бидат предизвикани во јавноста се сака и да се дефокусира јавноста од актуелната политичка состојба и постојните проблеми во државата.

Сите овие дилеми, кои медиумски се промовираат, нѐ наведуваат да се запрашаме зошто (случајно или намерно) не се поставени неколку суштински прашања кои бараат одговор:

  1. Како е можно за едно исто уставно прашање, познавачите на материјата да имаат сосема спротивни ставови: од комплетна поддршка до потполно негирање на потребата за измените во делот на надлежностите на Судскиот совет на РМ и на институтот Уставна жалба? Дали ова не им падна во очи на новинарите кога комуницираа со експертите?
  2. Зошто е потребно да се издвојува ставот на албанскиот партнер во Владата и тоа да се потенцира, кога на прес конференцијата беше евидентно дека и министрите од ДУИ беа присутни (што по правило значи дека се согласуваат со она што го изјавува „првиот“ меѓу нив)
  3. Факт е дека дел од избраните пратеници не се во Собранието. Сепак, дебатата за тоа прашање зошто е избран начинот преку бојкот да се пренесе ставот е застапена само во мал број медиуми (DW изворно  од каде неколку медиуми ја презедоа истата информација).  Таму стои дека: „во правото важи едно правило: Уставни измени може да се прават во секое време, но не и во невреме. Дали кај нас политичкиот момент е поволен за уставни измени? Не. Имаме некомплетен парламент. Најзначајна надлежност на парламентот е да донесе Устав, а со тоа и уставни измени. Власта има двотретинско мнозинство, кое во секој момент може да ги изгласа тие измени. Но во светот, во вакви случаи се организираат широки, долги и сложени јавни расправи, вклучувајќи ја, секако, и експертската јавност, а замислете – кај нас тоа може да помине дури и без парламентарна опозиција! “ Меѓутоа, никој не го поставува прашањето до експертите и оние кои сакат да го кажат својот став: што ако опозицијата не се врати во Парламентот и нема нови избори како што бара таа? Дали треба да се дозволи државата да ги сноси последиците? И на кој начин ќе се мотивираат во иднина граѓаните да излегуваат на избори ако се толерира ваква практика?

Ова се само дел од прашањата кои  треба да си ги постават во медиумите и да побараат одговор, пред сѐ, во сопствените уредувачки политики. Медиумската перспектива не треба да биде еднонасочна, тоа не е во склад со новинарските правила на работење.

(Крај)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести