verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Колку погреби може да издржи новинарската професија?

on 11 - 02 - 2016       
Се само не новинарство. Фото: колаж, СПФМ
Сè само не новинарство. Фото: колаж, СПФМ

 

И институционалните и стручните реакции по интервјуто на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, со уредникот на ТВ „Сител“, Драган Павловиќ – Латас, се слични, речиси идентични во својата суштина: телевизискиот уредник, кој го водеше интервјуто користеше од примитивизам, уличарски речник, преку навреди и манипулации, па сè до клевети и говор на омраза. Ваквата оцена за интервјуто, пак, се користи како повод и причина зошто во земјава ни е потребна засилена регулација во новинарската професија.

 

Пишува: Александра Денковска

 

Револтирана и навредена, новинарската бранша денеска бурно реагираше за однесувањето на Драган Павловиќ – Латас во вчерашното интервју со лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев.

Интервјуто, ако воопшто и може да се нарече така, изобилуваше со навреди, говор на омраза и со непрофесионализам од водителот. Соговорникот не доби реална шанса ниту да одговори на прашањата, навредите и на коментарите упатени од новинарот, ниту, пак, да каже свој став за состојбите во земјата.

Лажеш како Турчин“, „Ти ќе ми кажеш“, „Ми ѕиркаш у шлиц, ми гледаш у кревет“, „Ајде да се кладиме“, „Ти не си мушкарац“, „Ти не си ми пријател да ме викаш началниче“, „Ќе те тужам“, „За поршето по двор шо се вози Вице, ќе ти земам џип со камера“, беа само дел од канонадата слободни, речиси уличарски префрлања во кои предничеше уредникот Драган Павловиќ – Латас.

И сето ова е уште пострашно, затоа што во моментов се водат преговори меѓу четирите политички партии потписнички на Договорот од Пржино за регулација на медиумите. СДСМ одбива да оди на избори на 24 април без да се направи реформа во медиумската сфера, а интервјуто што го водеше Латас само покажа дека тоа навистина ѝ е неопходно на новинарската професија.

Згриженост за балансираноста во медиумите, за слободата на говорот и за професионализмот на провладината телевизија „Сител“ искажаа и амбасадорите на Европската унија и на САД.

Амбасадорот Аиво Орав на својот твитер-профил праша „Балансирано известување во медиумите?“, додека неговиот колега од САД, Џес Бејли, исто така, на „Tвитер“ напиша „Фер и балансирано? Ве молам. Македонските медиуми можат многу подобро од ова!

 

 

 

ДИСКРИМИНАТОРСКИОТ РЕЧНИК Е ЗЛОУПОТРЕБА НА НОВИНАРСТВОТО

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), по вчерашниот разговор во вестите на ТВ „Сител“ во 19 часот, изразува сериозна загриженост поради непрофесионалното однесување на главниот и одговорен уредник, Драган Павловиќ – Латас, и непристојниот и несоодветен третман кон гостинот, Зоран Заев.

Од СЕММ велат дека служењето со дискриминаторен речник, потценувачкиот и арогантен пристап, како и дискредитирањето на соговорникот значи еклатантно кршење на етиката во информирањето на јавноста и злоупотреба на функцијата новинар, уредник и домаќин во интервју или емисија.

„Фундаментална цел во работењето на медиумот е да ѝ служи на јавноста и да покренува прашања од јавен интерес низ факти, гледишта и коментари, а неоправданите шпекулации и гласини не треба да бидат претставени како факти. Служењето со непроверени информации и шпекулации ја водат јавноста во заблуда, може да создадат конфузија и неконтролирани последици во однесувањето на поединци или групи. Медиумот истовремено ја сноси и одговорноста да му дозволи на соговорникот да го искаже својот став и размислувања по одредени или поставени прашања, реагираат од Советот.“

Членовите го повикаа на соработка уредништвото на „Сител“, кое има крајна одговорност за тоа што се објавува и за придржување на стандардите на етичкото новинарство, за да се стекне и да се одржува доверба на јавноста во информирањето.

Со реакција излезе и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). Оттаму велат дека наместо интервју, во кое различните гледишта и мислења ќе добијат еднаков третман, со што публиката ќе може слободно да оформи сопствено мислење за актуелните општествено-политички теми, гледачите видоа непримерен начин на комуникација, кавга и навреди.

„Без каква било професионална дистанца, без почитување на достоинството на соговорникот и на низа други личности споменати во разговорот, наместо интервју реализирано според правилата за овој новинарски жанр, гледачите беа сведоци на комплетно отсуство на култура на говорот и на неетичност. Имајќи предвид дека почитувањето на новинарските стандарди е предмет на саморегулација, Агенцијата ги повикува Советот за етика во медиумите на Македонија и новинарските здруженија да ги преземат мерките што им стојат на располагање“, стои во соопштението.

 

ИНТЕРВЈУТО ЈА ПОТВРДИ ТАЖНАТА МЕДИУМСКА РЕАЛНОСТ

Жанета Трајковска од Високата школа за новинарство вели дека интервјуто со Заев на „Сител“ покажа колку е длабока кризата во Македонија во сите сегменти од општественото живеење, но и дека ќе ни треба исклучително многу време за да може да се вратиме на ниво на нормалност и пристоен дискурс во медиумите.

„Исто така, ова таканаречено интервју најсликовито ни ја потврди медиумската тажна реалност дека партиските наредби се најважни во редакциите, дека новинарите се прости извршители, а јавниот простор е уништен. Намерата е јасна, да не се остави можност да се чуе друго мислење или критика за владејачката гарнитура во медиумите и да се унифицираат сите пораки кон гласачите дека има една вистина. Вчера „Сител“ не сакајќи, на сите ни потврди зошто не може да има избори на 24 април и зошто медиумите се важни. За професионалните стандарди воопшто не сакам да зборувам оти нив во интервјуто ги немаше“, вели Трајковска.

 

ВЕТЕРОТ НА ПРОМЕНИТЕ ГИ РАЗБИВА МАГЛИТЕ

Новинарот Зоран Бојаровски смета дека иако непрофесионално, интервјуто на Заев во „Сител“ е една добра вест која ќе донесе промени. (Напомена: колегата Бојаровски е соработник на „Сервис за проверка на факти во медиумите“)

Бојаровски вели дека со самата одлука да прифати интервју на најголемиот пропагандистички поддржувач на власта, националната телевизија „Сител“, лидерот на опозицијата презеде на себеси ризична улога да биде огледало на вистината и за крајно недостојната улога што, рационално и во состојба на целосна предумисла, ја презеде оваа медиумска куќа.

„Во ова огледало се отслика сета беда и ништавило на една трговска организација која себеси се нарекува телевизија. Огледалото ни ја претстави единствената цел на овие медиумски праматари: да тргуваат со лагите како да се вистина. Огледалото го отслика и ексклузивниот спонзор на овие трговци. Политичката партија на премиерот во оставка, која, внимавајте на парадоксот: Со парите на граѓаните ги плаќа овие трговци на лагите и маглите. Но, ветерот на промените, вклучувајки го и ова интервју, ги разбива маглите и хоризонтот станува сè појасен“, смета Бојаровски.

 

И ВО ЕВРОПА ВАКА СЕ ПРАВИ ИНТЕРВЈУ

Единствени што не реагираа ниту на (не)професионалните стандарди, ниту, пак, на говорот на омраза кои ги употреби уредникот на „Сител“, се Македонската асоцијација на новинари (МАН). Напротив, од МАН, кои како да гледале сосема друго интервју, сметаат дека однесувањето на лидерот на опозицјата било несоодветно. Во добиената писмена реакција не се ни споменува непочитувањето на новинарските стандарди:

„Зоран Заев на гостувањето во „Сител“ изјави дека медиуми му се најголеми непријатели, се закани со Специјално јавно обвинителство, прераскажуваше прислушувани разговори, иако со закон се обврза дека не смее да го прави тоа, одобруваше напади и тепање на новинари… Не одговори за своите односи со криминалци од аферата „Фабрика за фалсификати“. Не одговори за заработките на своите семејни фирми и особено нивните заработки од тендери на Општина Струмица. Не одговори за статутарните измени во партијата што му обезбедувааат апсолутна власт. Пред доаѓањето во „Сител“ од митинг се закануваше на новинари и на уредници со апсење. СДСМ посочува зошто на Заев му се упаѓло во збор, заборавајќи дека речиси и не постои интервју во Европа каде во слични ситуации не се практикува истото. Но, не постои политичар во Европа што сето ова им го прави на медиумите, а потоа бара да гостува кај нив и во нивниот дом да ги навредува и да им се заканува“, пишува во реакцијата на МАН.

 

ИЗОБИЛСТВО ОД НАВРЕДИ И ГОВОР НА ОМРАЗА

Невладината организација „Цивил“ изрази згрозување од, како што велат, „крајно дрскиот, арогантен, непрофесионален и неетички настап на главниот уредник на телевизија „Сител“, Драган Павловиќ – Латас“.

Од „Цивил“ велат дека во својот монолог Латас во целост ги разобличи своите позиции на послушник на власта, ги откри своите националистички и расистички определби и упати директни навреди на адреса на својот гостин и против меѓународната зедница.

Во реакцијата на невладината оргнизација се вели дека Латас во ниеден момент не поставил вистинско прашање, ниту дозволил неговиот соговорник да одговори.

„Тој го нарече својот соговорник изрод, дека политичар како него нема ни во Африка, ни на Марс, а круна на сето тоа беше неговата навредлива квалификација на етничка основа против Турците, со изјавата дека „лаже како Турчин“… Со уличен речник, недолично и безобразно, главниот уредник Латас се обиде да го понижи и навреди својот соговорник, но единствено што успеа е да ја понижи телевизијата за која работи, како и да покаже колку низок, неморален и непрофесионален е медиумскиот простор, кој е под цврста контрола на власта“, реагираат од „Цивил“.

Слична реакција има и Уранија Пировскa од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Таа вели дека станува збор за крајно некоректен и недоличен говор кој изобилува со лични навреди и етикетирања.

„Станува збор за крајно некоректен и недоличен говор кој изобилуваше со лични навреди и етикетирања од типпот соросоиди, изрод итн. Кога станува збор за говор на омраза, ако се има предвид како главно се дефинира, таа се содржи единствено во неговата изјава: „лажеш ко Турчин““, вели Пировска.

 

ИЗВОРИ: 

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести