verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Проблеми? Кои проблеми?

on 27 - 06 - 2015       
Kolaz-Dnevnik-spfm
Почни со Тунис, пушти го Груевски двапати со друг министер измеѓу, нареди два „успеси“, а главната вест спинувај ја и стави ја во средина за да не се забележи и си ја завршил својата пропагандистичка задача за тој ден. Фото: колаж СПФМ

 

[Критички осврт кон првиот ТВ-дневник на МРТ на 26 јуни 2015 година во 17 часот]

 

Кога американскиот стејт департмент ќе излезе со забелешки околу владеењето на правото, корупцијата и слободата на медиумите, секој би помислил дека новинарите, на чело со јавниот сервис, би требало да ги презентираат проблемите како мотив не само за политичарите да преземат нешто, туку и публиката да биде информирана околу состојбата во земјата. Следејќи ја најавата, во првиот дневник на националниот сервис, кој не мора веќе да истакнувам дека сите го плаќаме, се добива впечаток дека најпотресителната работа се случила некаде далеку, поточно во Тунис и во Париз. А во Македонија? Попусти полнат книжарници, успеси во медицината, а Владата собира странски инвестиции.

 

Пишува: Александар Пешев

 

 

Можеби постои причина за загриженост околу случувањата во Тунис, но кога станува збор за националниот сервис, мора да се постави прашањето: дали се плаќа радиодифузна такса за да ни се каже што се случило далеку од очи и веројатно далеку од срце? Токму на оваа информација ѝ е доделен цел прилог, кој не ги исполнува ни основните стандарди за телевизиски прилог, поточно нема изјави.

Дневникот и понатаму тече со информации од светот. Уште еден прилог за терористички напад во џамија во Кувајт, а гледачот е оставен да чека информација околу тоа што се случува во земјава. Но, ништо. По Кувајт се селиме во Франција, каде се продолжува со пребројување загинати. За оваа цел има вклучување во живо – се троши скап линк за да се информира за еден загинат. Оправдан трошок или не? Тоа го проценува публиката. Сепак, покрај вжештена политичка криза, меѓународни критики и во очекување на преговори меѓу политичките лидери, нема логичка причина да се дава приоритет на црна хроника од странство.

Конечно, гледачот се води дома и се најавува информацијата за Стејт департментот на САД. Токму во најавата за информацијата се гледа обид за амортизирање на забелешките. Ова е водечката забелешка во документот од Вашингтон:

„Најзначајните проблеми во врска со човековите права произлегуваат од значајни нивоа на корупција и од неуспехот на власта целосно да го почитува владеењето на правото.“

А, ова е најавата околу тоа што ќе гледате во дневникот на националниот сервис:

„Преку владиниот план за европски реформи ќе ги унапредиме капацитетите – владата за извештајот на Стејт Департментот.“

Целосниот текст на извештајот беше објавен во претпладневните часови. Логично е да се презентира информацијата околу тоа кои се конкретните забелешки за потоа да следат реакции на забележаното. Но, не, МТВ одлучува да најави реакција, без да го посочи проблемот. Веднаш по најавата, следи информација која нема врска со форшпанот – Вашингтон можеби нè критикува, но не грижете се, Владата лови инвестиции во Париз.

Гледачот е оставен да чека информација околу тоа како Владата ќе се справи со американските забелешки. Најпрвин, уште едно јавување во живо со директорот на ТИРЗ, кој тврди дека бизнис-форумите даваат резултати. Имаме еднострано разгледување на оваа тематика, имајќи предвид дека не се консултирани други страни кои се запознаени со оваа проблематика, како, на пример, претставник на стопанска комора или економист. Ако цело интервју не е доволно да ве убеди дека сè е во ред со економијата, следи изјава на министерот за земјоделство – со субвенции ќе се решел проблемот со вишокот домати.

Споменавме некои забелешки? Некакви проблеми? Судејќи по начинот на кој е нареден дневникот, ако имате трпение, ќе се стигне и до тоа – најпрвин да видиме што ќе се прави со вишокот домати, за сите вие кои не се занимавате со земјоделство да не се грижите. Проблемот ќе се решава со субвенции, кои, како и таксите за националниот сервис, се двојат од вашите пари.

Од економија, дневникот се префрла на политика, со прилог за интервјуто на премиерот Груевски за „Фајненшал тајмс“.

До овој дел премиерот добива место двапати во дневникот. Еднаш се покажува како лови инвестиции, па потоа зборува за политичката криза. Засега имаме еднострано презентирање на информациите. За третираните прашања се земени изјави само од владини претставници без консултација на ниту еден друг општествен чинител – опозицијата, граѓанскиот сектор или академската јавност. Прилогот насловен „Груевски за Фајненшал Тајмс“ не е исклучок. Новинарката не споменува кои се ставовите на другите политички партии, иако за тоа е создаден простор, а нивните ставови се континуирано презентирани во јавноста во изминативе неколку дена. Конечно, пристига информацијата за забелешките на американскиот Стејт департмент и прилогот го исполнува најавеното. Се презентира реакција, а нема детали за проблемот.

Ова е првата реченица од прилогот:

„Владеењето на правото, судството, медиумите, дискриминацијата. Ова се области во кои за Македонија Стејт Департментот има забелешки.“

И толку. Веднаш по оваа реченица, новинарот се префрла на владината реакција, изјавата на владиниот портпарол и на ветените реформи. А, што се случи со деталите од извештајот, како, на пример, оваа забелешка:

„Покрај тоа што законот забранува произволно апсење, ова претставува проблем.“

Или овој детаљ, кој од непознати причини, новинарот воопшто не го споменува:

 „Мејнстрим-медиумите ретко ја критикуваа владата. Бидејќи власта беше најголемиот купувач на рекламен простор во земјата, многу медиуми беа финансиски зависни од власта и притоа субјект на притисок за избегнување критики за владата.“

Овие детали се изоставени, а новинарот навлегува во забелешките за други земји, со што се создава сомнеж за обид за оттргнување на вниманието. Загрижени сте за Чешка? Бугарите и Чесите купувале гласови. Корупција е нотирана и во Холандија и во Германија! А, во Македонија? Има владина реакција. Од извештајот на МТВ се добива впечаток дека проблемот е решен. Конечно, по 19 минути, во дневникот е одвоен простор за друга „странка“, која не е владина. По изјавата на портпаролот на СДСМ и реакција од владејачката партија, дневникот потсетува на ште еден успех: нов метод на неврохирургија.

Потоа следуваат теми за мигрантите, од европска и од регионална перспектива, а по кратката техничка информација за уписите во средните училишта, повторно успех: најголемите бестселери се достапни за сечиј џеб за дневникот да се затвори со информација од културата.

Сè на сè, имаме информативно издание кое ризикува да го изгуби вниманието на гледачот со информации од странство, наместо поприоритетни информации од дома. Поспоровозните теми се закопани со информации за успеси во економијата, а информирањето за забелешки и за критики е половично и еднострано. Во речиси сите сегменти доминираат владините активности, создавајќи впечаток дека сите други општествени чинители треба да бидат во сенка. Неизбалансирано известување во самите прилози, дел од кои презентираат информации чија релевантност лесно може да се оспори.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести