verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Гледачот неинформиран за сегменти клучни за јавниот интерес

on 12 - 07 - 2016       
Протестите во САД покриени, за оние во Скопје ни збор. Фото: скриншот
Протестите во САД покриени, за оние во Скопје ни збор. Фото: скриншот

 

Главна забелешка што може да се даде за дневникот на „Сител“ во 19 часот е недостигот од сеопфатност. Во информативното издание се вклучени само дел од главните информации, но гледачот останува неинформиран за сегменти што се клучни за јавниот интерес: дел од пораките од американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд и протестите на „Шарената револуција“

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Сител“ во 19 часот на 11 јуни 2016 година]

 

Пишува: Александар Пешев

 

Во водечкиот прилог фокусот е ставен на информации за една од двете области за кои говореше американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд. Таа истакна дека поддршката за работата на Специјалното јавно обвинителство е клучна во поглед на владеењето на правото и тоа е единствениот дел од нејзиното обраќање кој се споменува. Таа понатаму посочи дека на маса се различни предлози во контекст на специјално судско одделение и, одговарајќи на новинарско прашање, изрази надеж дека работите нема да стигнат до санкции доколку се постигне напредок на политичката сцена. Овие информации ги нема во прилогот. Наместо тоа, фокусот е ставен на партиите.

Следува линковско вклучиување во живо од Пржино, каде се даваат достапните информации околу преговорите. Сè на сè, овој сегмент е добро изведен. Настанот е од голем јавен интерес, а информациите се претежно неофицијални, но на гледачот му се презентира тоа што засега е познато.

Заменик помошникот на секретарот за одбрана на САД, Мајк Карпантер, се сретна со македонскиот министер за одбрана, Зоран Јолевски. Гостинот на домаќинот му ја реафирмирал добро познатата американска поддршка за македонските евроатлански аспирации и тука нема нешто ново, нема нешто непознато – нема вест. Наместо посетата да се покрие со кратка техничка вест, имаме цел прилог. Прилогот има недостиг од контекст. Имено, на последниот самит на НАТО, на кој не учествуваше претседателот Ѓорѓе Иванов, повторно се заклучи дека македонската иднина во алијансата е условена од решавање на спорот со името, но заклучоците се ставаат во контекст на политичката криза, која, како што се забележува, не е во согласност со вредностите на НАТО. Ваквите клучни контекстуални информации се изоставени од прилогот и наместо тоа, имаме промоција на посета на заменик помошник државен секретар и пренесување на формална декларација на подршката за евроатланската иднина на земјава.

 

ПРОТЕСТИТЕ ВО САД ПОВАЖНИ ОД ПРОТЕСТИТЕ ДОМА

Ваквиот пристап во известувањето создава впечаток дека е направен обид за политичка амнестија на властите кога станува збор за нивниот однос во поглед на НАТО-самитот, особено на шефот на државата. Следниот блок веќе укажува на политичка пристрасност.

За партиската прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ е обезбеден прилог, во основа едностран, бидејќи се пренесуваат единствено ставовите на владејачката партија околу наводен криминал на лидерот на опозицијата. За спротивставувањето на опозициските партии околу задолжувањето со еврообврзница се дава простор само за изјава. Гледајќи го овој сегмент од дневникот, се поставува прашањето што е поважно за гледачот и што е од поголем јавен интерес: партискиот член кој добива прилог за да обвинува лидер на опозициска партија или изјава од две реченици посветена на погорливото прашање околу тоа колку ќе должи секој од нас ако помине еврообврзницата? Направен е обид за избалансираност со тоа што се дава можност на опозиционерите да го кажат својот став, но се создава впечаток дека пратеникот од владејачката партија е попривилегиран во поглед на формата на пренос на информацијата и на отстапениот простор.

Следи блок од црна хроника. Се известува за загинат возач и за случајот со новороденчето кое средношколка го фрлила за време на матурско патување. Веќе е евидентно дека јавниот интерес се стеснува, бидејќи станува збор за изолирани настани кои не се од значење за пошироката јавност.

Во центарот на Скопје веќе се во тек протести на илјадници лица кои се соочуваат со полицијата, но за тоа нема никаква најава во дневникот. Наместо тоа, се пушта најава за насилни протести во Соединетите Американски Држави, а дневникот продолжува со навидум промотивни информации.

Следуваат најави во форми на промотивни прилози за обнова на училишни згради и за „Златни кратовски денови“, репортажа за настан која добива приоритет покрај подготовките за почеток на многу постарата и видно посериозна манифестација „Охридско лето“.

Информацијата за протестите во САД е водечка во блокот посветен на настаните од светот, по што дневникот се затвора со спортските вести.

 

ОБИД ЗА ИЗБАЛАНСИРАНОСТ СО СЛАБА СЕОПФАТНОСТ

Сè на сè, имаме информативно издание со кое се прави обид за избалансираност со слаба сеопфатност и со исклучување на релевантни информации:

  • Обезбеден е простор за ставовите на речиси сите поголеми политички партии, но ако се погледне кон тоа колку простор е алоциран за информациите, се создава впечаток за привилегираност на владејачката партија;
  • Сеопфатноста е незадоволителна. При тековни протести, редакцијата како да останува глува и слепа за случувањата на скопските улици и се фокусира на протестите во Соединетите Aмерикански Држави;
  • Во дел од прилозите не е вклучен суштински „бекграунд“, што го остава гледачот со штура слика за темите што се разработуваат. Така, на пример, добиваме подршка за НАТО, но не се ни споменува односот на политичкиот врв по ова прашање;
  • Водечкиот прилог е некомплетен и на гледачот му дава една детална и една пропратно спомената информација од повеќе информации кои се од јавен интерес, а се во контекст на политичката криза.

Општиот впечаток за дневникот е дека имаме некомплетна слика на случувањата, скроена по урнек на „бистрење политика“ со нијанси на навивање, дискредитација на политичи противници и на промоции.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести