verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Браво за Груевски, уа за Јанева

on 21 - 01 - 2016       
Удри на пропаганда и уживај. Фото: скриншот колаж
Удри на пропаганда и уживај. Фото: скриншот колаж

 

[Критички осврт врз првиот ТВ-дневник на „Сител“ на 20 јануари 2016 година (среда) во 19 часот]

 

Како и другите досега и ова може да се каже дека беше „нормално“ издание на ТВ-дневник на оваа телевизија. Во него, стандардно, доминираат прилози со омаловажување, недостига објективност, а царува пристраност.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

ТВ-дневниците треба да бидат објективни, содржајни и вистинити. Тие го формираат јавното мислење, а гледачите треба да бидат точно и навремено информирани. Ова ги разликува професионалните од непрофесионалните медиуми. Токму тоа! Вистинитоста и точноста на пренесената информација! Тоа не беше случај со овој ТВ-дневник.

Половина од информативниот блок беше со еднострани прилози и со пофалби за успесите на ВМРО-ДПМНЕ. Така, во два прилози беше сместена вчерашната промоција на проекти за млади (овде и овде) од хотелот „Александар палас“ во Скопје, на која говореше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

 

 

БЕЗ РЕАКЦИИ

Во првиот прилог, кој траеше 3,46 минути, пак, ја нема реакцијата на СДСМ во која стои дека:

„Никола Груевски не може да се помири со фактот дека не е премиер и дека уште кратко време ќе биде само претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Лажните и лицемерни ветувања на Никола Груевски во името на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажуваат дека нема капацитет да разграничи што е држава, а што партија. Тоа е истиот Никола Груевски кој за 10 години не изгради ниту еден студентски дом. Како што самиот призна, 10 години барал локација. Доцна е за Никола Груевски, никој не му верува, а најмалку студентите, реагираат од СДСМ.“

И според поговорката „Железото се кове додека е жешко“, и овој ТВ-дневник продолжи со стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ за да прикаже дека изборите закажани за 24 април 2016 година ќе бидат фер и демократски. Во ред е тоа што прилогот беше посветен на министерот за финасии, Зоран Ставревски, кој изјави дека ќе вработи толку луѓе колку што ќе побара ДИК, но ја нема и втората страна. Ја нема таа што е најрелевантна за ваков прилог. Ако тенденцијата на прилогот беше да биде објективен и виситинит, во него мораше да се потсети на изјавата на претседателот на ДИК:

„На прашањето дали избори на 24 април може да се спроведат, мојот одговор е дека технички изборите може да се спроведат, меѓутоа проверка и пречистување на избирачкиот список не може да спроведе што значи дека не може да се обезбеди ниту избирачки список во кој сите ќе имаат доверба“, пишува во писмениот став што Чичаковски им го подели на медиумите.“

За прилогот да биде објективен, во него можеше да се најдат и изјави од европскиот олеснувач Питер Ванхауте, како и од повеќето засегнати страни во овој процес. И, како по некое правило, сето тоа што му одговара на владејачкото мнозинство, можеше да се најде во овој ТВ-дневник. Затоа, во него се најдоа и твитер-пораката на амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, и изјавата на претседателот на ПОДЕМ за тоа дека ќе учествува на изборите. Но, ако во вестите ги има овие прилози, тоа не значи и дека овој ТВ-дневник ги исполнил професионалните стандарди. За овој производ да се нарече професионален, во него требало да се најде време и за неколку од десетиците други партии и невладини организации кои се против учество на изборите.

На пример, вчера и две други партии најавија дека нема да учествуваат на изборите во април 2016 година. Еве како некои медиуми го најавија тоа:

„Националната демократската преродба на Руфи Османи реагира на како што велат едностраното распуштање на парламентот за избори на 24 април сметаат дека е против духот на Пржинскиот договор. Оваа еднострана одлука од страна на ВМРО, ДУИ и ДПА според НДП ќе има сериозни последици за земјата и општеството во целост.“

„Реагираат и од движењето за реформи на ДПА кое најави дека нема да учествува на закажаните избори за 24 април. Одлуката денеска  ја донело централното претседателство на партијата на чие чело е струшкиот градоначалник Зијадин Села.“

 

КАТИЦА ЈАНЕВА НА УДАР

По првот политички блок, следуваше прилог за извештајот на Холандскиот амбасадор во Собранието на Република Македонија за преземањето на раководството со ЕУ на Холандија од 1 јануари 2016 година. И во ред беше пренесено обраќањето на холандскиот амбасадор, Ваутер Пломп, и на претставникот на Европската комисија во Македонија, Аиво Орав. Сепак, во овој прилог се „заборавило“ да се стави и делот од изјавата на европскиот претставник во која вели:

„Ние сме тука за да ви помогнеме, бидејќи вие сте земја-кандидат, но сега веќе започна негативна кампања против посредниците на ЕУ и на самиот комeсар Хан, како и против неговиот експерт во Скопје, Ванхауте. Дури и заканите се зголемени до таа точка што сме принудени да ги зголемиме мерките за безбедност – изјави Аиво Орав.“

Специјалната јавна обвинителка беше почестена со прилог и во ова информативно издание. Секако, за да се омаловажи и да се нападне. Кога некого ќе нападнеш, пак, треба да му дадеш право и да се брани. Тука тоа не е сторено. Кога веќе го споменуваат Специјалното јавно обвинителство, овој ТВ-дневник „изуми“ да потсети и на тоа дека Собранието сè уште го нема одобрено и изгласано финасискиот план за  тоа обвинителство за 2016 година:

„Специјалното обвинителство над 20 дена е без пари. Иако во Министерството за финансии е одобрен финансискиот план на Специјалното обвинителство за годинава во износ од 4 милиони евра, сe уште буџетот на ова обвинителство не се става на собраниска седница да биде изгласан. Вработените во Обвинителството месецов нема земено плата, потврдуваат оттаму, и потенцираат дека се единствената државна институција во Република Македонија која нема донесено буџет за 2016 година.“

Исто така, го немаше ниту соопштението на ова обвинителство поврзано за оваа тема, кое пожелно беше да се нјаде во прилогот. Тоа лесно може да се најде на фејсбук-страницата на обвинителството. Во него се вели:

„Појаснуваме дека се работи за материјал предаден на барање на јавниот обвинител, чија содржина е од сензитивен карактер и како таква подлежи на дополнителни проверки, класификација и постапување, а имајќи ги предвид законските одредби со кои се регулира класификацијата на информациите и заштитата на приватноста. Поради сето наведено, во овој момент не сме во можност да соопштиме повеќе податоци за примените материјали, но ја уверуваме јавноста дека ќе биде информирана за сите детали поврзани за примените материјали во моментот кога нема да постојат законски пречки за такво постапување.“

Секако, овие вести содржеа и прилог за вработување на дерматолог во поликлиниката во Драчево, без притоа да се постави логично прашање: А што се чекало 10 години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, па денеска да се вработи ваков кадар. И тоа дерматолог?! Како во поликлиниката да беше вработен кардиохирург, па со толкава помпа и прилог од две минути мораше да се најави овој „успех“.

 

МАЛКУ КОРЕКТНО

Секако, ова издание имаше и коректни прилози (Трепкаво зелено светло на семафорите во СкопјеОхриѓани го празнуваат Денот на рибарите), а во блокот вести од светот, коректно беа пренесени поважните настани од тој ден без посериозно забелешки.

Рекламирањето на власта продолжи повторно во блокот бизнис-вести. Сите прилози беа еднострани, само со тоа што го најавила Владата и со нивни изјави, без притоа барем за момент критички да се постави некое прашање. На пример, има ли финансиски можности за овие проекти, колку тие се ефикасни, дали со тоа се ослабува буџетот или слично.

За популаризација за Груевски беа задолжени прилозите за финансиската поддршка за отворање нови работни места, како и за „политичката неизвесност која ја наметна опозицијата погубна за бизнисот“. Во вториот прилог еднострано се напаѓа опозицијата без да се праша и другата страна. Нема изјава од ниту еден функционер на СДСМ, а експертите што се консултирани се познати и признати бранители на владејачката опција. Колку за објективност, можело да се викне и експерт кој има понакво мислење, но во овој ТВ-прилог тоа не е сторено.

Единствена светла точка во овој ТВ-блок од бизнисот беше за прилогот за самитот на бизнис-елитата во Давос, кој беше коректно спакуван. Коректно беа претставени и вестите од спортот, без лажна еуфорија за Европското првенство во ракомет што се одржува во Полска, а на кое учествува и Македонија.

Како и другите досега и ова може да се каже дека беше „нормално“ издание на ТВ-дневник на оваа телевизија. Во него стандардно доминираат прилози со омаловажување, недостига објективност, а царува пристраност.

 

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести