verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

И што супстанцијално по Хан!?

on 21 - 01 - 2016       
Шарено, но без содржина. Медиумите на втор план. Фото: pixabay
Шарено, но без содржина. Медиумите на втор план. Фото: pixabay

 

„…Во исчекување на неизбежното, нужното, разврска на кризата, единствено тишината и монолитноста на деноноќието ја распарува звукот на стрелките на часовникот, кој полека и не така тивко е единствениот бројач и сведок на времето дека некому му се одбројува по 15 јануари…“, би запишал новелист, евидентичар за времето во кое живееме во контекст на апострофирање на (не)реализацијата на договореното помеѓу политичките субјекти во Македонија и по 12-часовната средба со еврокомесарот Хан од пред неколку дена. Но, дали тоа е вистинско западноевропско демократско решение или само балкански „бајпас“?

 

Пишува: д-р Дејан Доневвонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Во период на најмногу странски инвестиции во изминатите девет години, во неделата на почнување на најголемото ракометно натпреварување (би се рекло во планетарни рамки) каде сѐ уште сме потпишани под референцата ФИРОМ, во период на Шекспирово „Да се биде или не!“ и во политичка, а подоцна и во цивилизациска смисла, извесно е дека избори ќе има, но какви? А, во согласност со квалитетот на изборите, логична е дилемата кога тие ќе се случат – јуни или септември? Прашањето оттаму што супстанцијално за изведување на фер и демократски избори е непречено функционирање на сите елементи на системот, а особено слободата и независноста на медиумите, што дава сосема солидна провокација и подлога за една анализа од аспект на медиумското, етичното новинарство, генерално исправната употреба на разумското и на логичкото.

Имено, се вели дека во држава во која пречесто и пребргу се носат енормен број закони по разно-разни основи за да се направи барем легислативно решавање на натрупаните проблеми, не е на добро, затоа што наместо да се гради одржлива култура на однесувањето, практицирање на прифатлив морал на дејствувањето, се оди по принципот на казни или награди! Претходното значи не само напуштање на тековниот морал и непоставување на вредносни ориентири за нов, туку и наметнување на законски решенија по секоја цена, што е цивилизациски грев и „апсолутно разумско слепило“. Така, наместо да се бара што е вистинското, одржливото и морално исправно, се бараат само прекршувања на законските решенија за напад на другиот, во неможност на инаугурирање на сопствената позитивна реторика. Наместо реално да се увиди дека не постојат основи за еднакви позиции за натпревар во време на избори, се оди кон обвинувања на опозицијата за прекршување на одредени законски (дури четири члена) решенија. Иронијата да биде уште поголема, доволен е само уште повикот на претседателот Иванов на ден по средбата на четирите најголеми политички партии во Македонија со еврокомесарот Хан, во кој повикува на доследно спроведување на договореното во јунско-јулската средба од лани од Пржино. Но, кон кого и за што!?

И додека во Договорот од Пржино стои запишано дека „во ова предизвикувачко време за земјата, партиите се согласуваат дека треба да дејствуваат во интерес на сите граѓани, за решавање на критичните предизвици и без преседан со кои се соочува државата…“, т.е. дека „партиите се обврзуваат да ги почитуваат демократските предизвици на политичката одговорност преку вклучување на клучните предизвици со кои се соочува земјата“, има едно место во кое се вели: „реформите што треба да се преземат во поглавјата 23 и 44, застапување и независно функционирање на надлежните државни органи, поголема слобода на медиумите и целосна согласност со мислењата и препораките на Венецијанската комисија“. Истото, пред сѐ, поради непокажувањето прогрес во напредокот, страотниот пад на политичката, медиумската и слободата на изразувањето, за што и голем број меѓународни реномирани организации потврдија и посочија во согласност со алармантната потреба за реформи на ова поле. Затоа, не попусто прашањето за медиумското како дел од договорот.

 

САМОРЕГУЛАЦИЈА И ДЕПОЛИТИЗАЦИЈА

Но, што конкретно се бара? Пластично насликано, во оптек се барањето на позицијата за саморегулација на медиумите, како и барањето на опозицијата за деполитизација на медиумите, а освен дневното евидентирање на тековните настани од страна на новинарските здруженија во Македонија, се чини како новинарската бранша и нејзините барања „од прва рака“ и да ги нема или не се слушнати иако „меѓународната заедница сфаќа дека без деполитизација и департизација на медиумскиот систем ние немаме услови за фер избори“, вели првиот човек на ЗНМ, Насер Селмани, и кој досега „не гледа некаков позитивен ефект од разговорите за реформа во медиумите“. Иако ваквата позиција и покрај ветувањата на белгискиот олеснувач во преговорите на работните групи на политичките партии, Питер Ванхауте, во согласност со реакциите од медиумската заедница, истите директно да ги вклучи во преговорите за реформи во медиумите, ќе беше од големо значење и покрај најавите на „работните групи кои велат дека постои расположение во преговорите да бидат вклучени и новинарите, сепак ВМРО–ДПМНЕ сѐ уште не е за ова“.

Но, нејсе, предметот на анализава не е (не)вклученоста на медиумските претставници, туку логичкиот след на работите: што е причина, а што последица и кој е првиот, а кој следниот чекор во постигнувањето на зададената цел: ослободеност на медиумите од прангите на политичкото, особено квазиполитичкото, а не вечната дилема кое на што му претходи, јајцето на кокошката или обратно. Имено, за да се реализира барањето на позицијата, нужно е медиумите да бидат слободни, а саморегулацијата да се толкува и да се спроведува како облик на воздржаност на новинарите и на медиумите во однос на одреден број прашања, а кои, пред сѐ, се однесуваат на националната безбедност. Во превод, саморегулацијата ниту под разно не се преведува или толкува како автоцензура, туку „зајакнувањето на саморегулацијата на медиумите и новинарите претставува правило, додека дополнителната правна регулатива на државата се смета за исклучок и истите треба да го насочат овој процес во позитивна насока, а со тоа на новинарската професија и на медиумите да ѝ го вратат загубениот сјај на седмата сила“. Во овој контекст саморегулацијата не смее да биде алатка на позицијата за скриен притисок и за поткуп на новинарското перо и за надзор, а легитимно оправдана како облик на медиумска и новинарска воздржаност.

 

НОВИНАРСТВОТО КАКО ЗАЕДНИЧКО ДОБРО

Во однос на барањето на опозицијата, се чини пологично деполитизацијата да е првичниот чекор во подобрувањето на медиумската состојба во Македонија, ослободеност на критичкиот ум на новинарот, за саморегулацијата да биде освестен гест на еден морален субјект во професионалното извршување на дејноста која ја работи – новинарството, де факто. Номинално е прифаќањето на тезата дека од широчината на сферата на информирањето зависи и димензијата на сферата на јавноста, како симболично место за дискусија за прашања кои се однесуваат на заедничкото добро. Ова оттаму што „разгледувани како (комуникативно) место за размена на сознанијата на општеството за себе, медиумите се општествена агенција во која се огледа оној процес на општествена практика низ кој општеството единствено може да се конституира“ (Bauer, Mediji za otvoreno društvo, 2007: 8-9). Во овој контекст, оправдано е кога се тврди дека во општеството, низ медиумите се создаваат насоките за кој било облик на движења, вертикално низ историскиот развој и хоризонтално, низ неговата општествена различитост.

Во случајот на македонската „папазјанија“, при деполитизирање на медиумите најчесто се мисли на „отсекување на папочната финансиска врвца“, која одреден број медиуми ја имаат во согласност со постелката, власта, де факто бидејќи „финансиските стимулации и државното рекламирање во медиумите континуирано се користат како инструмент за влијание врз работата на медиумите, а со самото тоа и врз нивниот професионализам и кредибилитет“. Уште повеќе, сознанието дека „една од главните причини за падот на медиумските слободи во Македонија е нетранспарентното трошење на јавни пари во финансирањето на медиумите… дека Владата преку владини кампањи со јавни пари ги корумпира медиумите за да влијае на нивната уредувачката политика“. Едновремено, најгорливиот проблем треба да биде еднаш засекогаш решен, МРТВ, а сега веќе и најновиот АВМУ:

Во заклучок на претходно поставената теза, може само да се истакне важноста, но и нужноста од итно решавање на состојбите со/во медиумите како дел од Договорот во Пржино, бидејќи и пред и за време, но и по заминувањето на Хан и европските потпомагачи на процесот, и понатаму сме и ќе бидеме делумно слободни и развиени по своја вина. Мора да се сфати дека не е важно дали јајцето или, пак, кокошката е постаро, туку кој е логичниот след на каузалитетот, дека доколку не се сфати важноста од улогата на медиумите за демократичноста на општеството, т.е. не се расчисти со митот и со секојдневната практика на давање пропагандна и манипулаторска улога на истите, пред сѐ и најмногу од владејачките структури, сè дотогаш изборите, ДИК, ротациите во министерствата…, ќе бидат на прво место во искривената медиумска реалност и слика што ја добиваме секојдневно од медиумите. Тоа го бараат сите, а најмногу јавноста за која и постојат истите.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести