verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Третманот на Охридскиот рамковен договор во медиумите

on 25 - 08 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
besimi_g_6

Галеријата Нобеловци за мир, отворена во Армискиот музеј-Музеј на Македонија во чест на 20-годишнината на независноста и основање на АРМ и 10-годишнината од Охридскиот рамковен договор. Фото: Влада на РМ, 2011

Како е можно две партии кои се на власт и кои имаат заедничка државна стратегија да не успеваат да ги ускладат своите ставови и да ги практикуваат „добрите аспекти““ на ОРД. Можеби токму медиумите требаше да го постават ова прашање и да побараат одговор на него од претставниците на двата политички субјекти во власта на годишницата од неговото потпишување.

 

Пишува: Доц. д-р Светлана Вељановска, доктор по меѓународно право

 

Години наназад, почнувајќи од 2001, во првата половина од месецот август медиумите на различни начини се обидуваат да ги пренесат своите ставови за уставните измени кои беа резултат на Охридскиот рамковен договор (ОРД) потпишан од страна на лидерите на четирите најрепрезентативни партии во македонскиот и албанскиот политички блок и претседателот на државата-од македонска страна и меѓународните претставници на САД и ЕУ како гаранти дека тој ќе се реализира.

И оваа година не се отстапи од тоа правило, па можеа да се прочитаат различни аспекти во текстовите насловени како:

Генерално гледано, годинава за овој настан од блиската историја на РМ  се известуваше  од неколку аспекти:

  1. Дали воопшто требаше да биде потпишан Охридскиот рамковен договор!
  2. Што е постигнато со него или подобро речено -дали има  ефекти од неговото потпишување?!
  3. Кој и зошто го слави потпишувањето на Рамковниот  договор?
  4. За каква цел тој се користи во политичкото секојдневие во РМ?
  5. Дали со него се маргинализирани другите етнички заедници?

 

ШТО ВСУШНОСТ ПРЕТСТАВУВА ОХРИДСКИОТ РАМКОВЕН ДОГОВОР?

Одговор на ова прашање пред некоја година се обидоа да дадат дваесетина стручњаци од повеќе области во публикацијата издадена по повод десетгодишнината од потпишувањето на договорот а во издание на МЦМС:

Охридскиот рамковен договор претставува стожер на  меѓуетничките односи во Република Македонија. Донесен во 2001 година, по краткотрајниот конфликт кој  ескалира како резултат на серија несогласувања меѓу двете најголеми етнички групи, неговата основна идеја  беше прекин на насилниот начин на решавање на проблемите и воспоставување рамка во којa би се артикулирале различните политички, етнички и, во крајна линија, граѓански визии за развој на демократско општество целосно интегрирано во евро-атлантската заедница. Оттаму, Охридскиот договор  не е цел сам за себе, туку тој е основата за изградба на мир и на хармонија во заедницата. – Охридски рамковен договор 2001-2011-студии на случај

Иако станува збор за научни анализи поткрепени со истражувања во локалните заедници, заклучоците, сепак, се многу блиску до оние кои ги даваат дневно-информативните портали, весници или радио-телевизиски куќи три години подоцна.

Лоцираните проблеми: двојазичноста, употребата на знамињата, рамковните вработувања и сл. се провлекуваат цело време со тоа што годинава уште повеќе се нагласува моментумот дека Албанците се тие кои го одбележуваат овој ден, а Македонците се обидуваат да го заборават.

Радио Слободна Европа, известувајќи од дебатата по повод годишнината од донесувањето на Рамковниот договор, што ја организираше Секретаријатот за имплементација на Рамковниот договор при Владата, се обиде да стави акцент на една од неговите подзаборавени цели, а тоа е отворање на патот кон ЕУ и НАТО преку создавање на едно функционално мултикултурно, но на крајот и, пред сè, граѓанско општество.

Притоа, се потенцира дека:

Прашањата што по 13 години, очигледно сè повеќе се наметнуваат и ја оставаат дилемата неразрешена се поделбите во самиот поглед врз договорот како придобивка или нужно зло и прашањето на квантитетот наспроти квалитетот на имплементацијата или што е позначајно за постигнувањето на крајната цел.

Еден од креаторите на договорот на оваа дебата

Инсистира на трајноста на рамката или доживување на договорот како модел за постигнување консензус на дневна основа по сите прашања што се наметнуваат, што, како што рече, води низ градење менталитет на лојалност кон законот и кон државата, а не кон партијата.

„Од становиштето на суштинската цел, создавање на хармонично, граѓанско, демократско општество, морам да кажам дека тој процес скоро како и да не е започнат. Тој процес зависи од режимот на власта, тој процес зависи од карактеристиките на политичкиот систем и мислам дека на тој план проблемите се најголеми, дека се изолираме едни од други“.

Да се преиспитува оправданоста или потенцијалот за одржување стабилно мултиетничко општество креирано, меѓу другото, и преку рамковниот договор  од страна на медиумите, е сериозен потфат кој бара сериозен ангажман на редакциите и подолготрајни истражувања. Не е доволно да се напише или каже дека наместо неприфатливиот насилен начин на решавање на општествените проблеми, ОРД промовира исклучиво мирни политички решенија, односно се поттикнува партиципативен процес за унапредување на идентитетот во унитарна суверена држава. Или само да се додаде дека се поттикнува децентрализацијата и соодветниот систем на финансирање, како можни алатки за правилна дистрибуција на надлежностите, особено во сферите на локалниот економски развој, во културата, во образованието, во социјалната и здравствената заштита, во јавните услуги, а притоа да не се каже дека сите локални заедници, каде има застапеност на повеќе етницитети, имаат сериозен дисбаланс во обезбедувањето средства за реализација на споменатите локални активности. Да не ги споменуваме случаите на политички бојкот на настаните ако првиот човек на локалната заедница не е дел од етницитетот кој има свое претставување.

Аспектот кој го истакнува Телма  дека:

Кога зборува за духот на Рамковниот договор, ДУИ како да зборува за добриот дух Каспер. А, за ВМРО-ДПМНЕ, тоа се зли духови за кои е потребен истерувач.

е исто така податен за анализа. Како е можно две партии кои се на власт и кои имаат заедничка државна стратегија да не успеваат да ги ускладат своите ставови и да ги практикуваат „добрите аспекти““ на ОРД. Можеби токму медиумите требаше да го постават ова прашање и да побараат одговор на него од претставниците на двата политички субјекти во власта на годишницата од неговото потпишување.

(продолжува – второто и последно продолжение утре)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести