verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Телевизиска хаварија: ЛАТАС – ЗАЕВ 0 : 3 (во гости)

on 10 - 02 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Ниту во најдобрите пропагандистички времиња – кога од петни жили работеше за Бранко Црвенковски – Латас не бил којзнае каков телевизиски водител. Фото: скриншот
„Ниту во најдобрите пропагандистички времиња – кога од петни жили работеше за Бранко Црвенковски – Латас не бил којзнае каков телевизиски водител“. Фото: скриншот

 

До пред некоја година, Латас знаеше каде е границата на дрскоста која не смее да се помине дури и во неговите емисии, каде дефиницијата за пристојност и елементарна коректност често лазела по земја. Во интервјуто со Заев, Латас „поштено“ се обрука.

 

Пишува: Сашо Орданоски

 

Да ви кажам веднаш: Латас знае дека не помина добро со Заев. Тој не е вчерашен. Мислам дека тоа го разбираат и два-тројца од ДПМНЕ, околу Груевски. Настрана „лајковите“ и честитките (ако ги има), Латас ја промаши големата можност што ѝ се укажа на ВМРО-ДПМНЕ, преку својата најистурена пропагандна перјаница, да се обиде да се обрати на оние 40-50 отсто партиски неопределени гласачи кои ќе го решаваат исходот на вонредните избори. Мислам дека откако го догледала интервјуто на Латас со Заев на „Сител“, Лидија Богатинова, со право, честела во „Канал 5“!

Дополнително, не само што ова скандалозно ниско ниво со кое Латас го изнавреди „гостинот“ Заев не носи гласачи за Латасовите политички спонзори, туку не носи ни гледачи за самата телевизија „Сител“. А, гледачи на „Сител“ му се насушно потребни: да потсетам, нејзините рејтинзи во последните три-четири години се наоѓаат во слободен пад, со ниво на гледаност и на кредибилитет кој опасно се приближува на стандардите на поголемите локални телевизии во Македонија. Благодарејќи на ваквата уредувачка политика на Латас, „Сител“ денеска (меѓу две турски серии) се гледа за да се види каква нова глупост или кој нов скандал го смислил тимот на Протоѓер, кој е „спинот на денот“, а не за да се дознае нешто веродостојно од бурниот политички живот во Македонија. Дури и Мали Ѕинго мора да се чувствува како заложник на Латас, кој, очигледно, ја поседува судбината на „Сител“ во свои раце, упорно носејќи ја во правец на целосна телевизиска хаварија. Латас, своерачно, ја дисквалификува „Сител“ од разговорот за „нормализирање“ на состојбата во македонските медиуми, комплетно разобличувајќи ја телевизијата што ја уредува како главен фактор за ненормалноста во која се наоѓаме. Можеби така ви се чини, но ова не е само политичко, туку е и прашање од областа на примарното ниво во здравството на оваа земја.

Порано или подоцна, и раководството на ДПМНЕ и Мали Ѕинго ќе мораат да се соочат со својот проблем, доколку сакаат политички некако да преживеат, особено што, во нивниот случај, тоа преживување не се однесува само во политичката сфера. Мислам дека „одговорот“ на ДПМНЕ со основањето на својата ТВ „Нова“ не ја намалува штетата што секоја вечер им ја прави Латас со својот ударен „куртонски“ тим од телевизиски пропагандисти.

Сепак, тешко може да се каже дека ваквиот исход од „интервјуто“ на Латас со Заев е некакво големо изненадување. Ниту во најдобрите пропагандистички времиња – кога од петни жили работеше за Бранко Црвенковски – Латас не бил којзнае каков телевизиски водител. Слабо образован, со една новокомпонирана улична интелигенција слична на поетските „длабочини“ на српскиот турбо-фолк, наполнет со шпекулации од највалканите регионални и домашни полициско-криминални кујни, тој отсекогаш бил телевизиската „ехо-комора“ на оној кој, во моментот, најдобро плаќал. За него парите„немале мирис“, а мора да му се признае и дека јавно не претендирал премногу сериозно дека се занимава со новинарство. Забава за народ, во една траги-комична форма. Разликата е само во тоа што, до пред некоја година, Латас знаеше каде е границата на дрскоста која не смее да се помине дури и во неговите емисии, каде дефиницијата за пристојност и елементарна коректност често лазела по земја. Некни Латас „поштено“ се обрука.

Што се однесува до Заев, тој таа вечер немаше што многу да прави на програмата на „Сител“. За него ќе беше понепријатно телевизискиот водител навистина да му оставеше простор да одговори на некое од поставените прашања. Вака, Латас, тркајќи се самиот со себе, ја заврши целата работа и за него предлагам ова интервју да се заведе со службен резултат од 3:0 за Заев, во гости. „Сител“ е пред испаѓање од лигата.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

3 мисли во “Телевизиска хаварија: ЛАТАС – ЗАЕВ 0 : 3 (во гости)

  1. Одличен кокемтар. Ми недостасуваше ова на крајот на интервкуто СЕ НАДЕВАМ ДЕКА СЛЕДНИОТ ПАТ ЌЕ ГОСТУВАМ НА ОВАА ТЕЛЕВИЗИЈА НА ТВ ДУЕЛ СО ГРУЕВСКИ, КОЈ ЌЕ ГО ВОДИ ПОПРИСТОЕН НОВИНАР, А НЕ ПРОФ ДР ЛАТАС, но професорот не му даде време

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *