verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Телевизиите регионални – програмата национална!

on 3 - 07 - 2015       
Технички спастрено и дотерано, но здодевно. предлого и плитко. ТВ Дневникот на О2. Фото: скриншот
Технички спастрено и дотерано, но здодевно. предлого и плитко. ТВ-дневникот на „О2“. Фото: скриншот

 

Кон крајот на минатата година, колегите од „Нова ТВ“ известија како три фирми регистрирани во ист ден купија шест регионални и локални ТВ-станици, истакнувајќи дека новите сопственици се луѓе блиски до владејачката партија. „Сервисот за проверка на факти во медиумите“ (СПФМ) погледна што се случува во една од нив половина година по промената на сопственоста.

 

Пишува: Веле Митаноски

 

Во мај 2013 година, власта, преку тројца свои блиски луѓе, всушност тројца луѓе – преку блискоста со власта, сите од Скопје, на ист ден формираа фирми и на ист ден (!) го заокружија проектот за купување на неколку локални телевизии во земјата. Вкупниот пакет, вредносно тежеше околу 220.000 евра, што и не е голема сума. Но, опремата која потоа е внесена во телевизиските студија далеку ја надминува почетната инвестиција. Сите телевизии имаат одличен сигнал. На пример, едната од нив, струмичката „Телекабел А1“, според  локалната веб-страница „Струмица денес“, може да се пофали со нова, ултрамодерна опрема, како и со престижни камери од марката „сони“, сместена е во простор од 180 квадратни метри и е со најквалитетна резолуција во етерот. Слични се и другите.

Купените локални телевизии и пред тоа беа блиски на актуелната власт. Добиваа реклами од владиниот колач, добиваа реклами за време на локалните избори, но и самите „инвестираа“, со „бакшиш“ рекламен простор. Дека овој проект на власта не бил случаен и некоординиран, потврда не е само идентичниот датум на формирањето на фирмите и на преземањето на телевизиите. Некои од претходните газди веќе биле и функционери на ВМРО-ДПМНЕ, ако ништо друго, барем, како советници во општински совети, или, пак, работеле во државни органи или државни јавни претпријатија. На пример, државната компанија ЕЛЕМ ги спојува еден поранешен и еден нов газда на една од телевизиите. Односно, во пакетот на преземањето на телевизиите влегувало и вработување на поранешните газди во државната администрација или фирми, што новите газди, сами и без координација со власта, не би можеле да го изведат.

Еве уште еден показател кој ги спојува сите купени телевизии. Пред купопродажбата, владините реклами биле рамномерно распоредувани по локалните и по регионалните телевизии, вкупно 37 во државата. Но, во 2014 година, овие шест телевизии нагло почнуваат да добиваат стотици реклами повеќе отколку другите медиуми. Колку за илустрација, во 2012 година Владата ја спроведуваше кампањата за „подигнување на свесноста на граѓаните за поттикнување на иновативниот дух и креативната мисла во Република Македонија“. Сите регионални и локални телевизии во Македонија имале ист број емитувања – по 260. (податоците се земени од истражувачката сторија на „Нова ТВ).

 

БРАТСКА, ПАРТИСКА ПОДЕЛБА!

Во 2014 година, пак, овие шест медиуми буквално се затрупани со владини реклами. За владиниот серијал „Истражи ја Македонија“, најголемиот број локални и регионални медиуми имале од 33 до 140 емитувања. Но, ситуацијата драстично се менува.. Ако ТВ НТВ во времето на стариот сопственик добивала по околу 200 емитувања на владини реклами, со новите газди бројката се зголемила шесткратно. На пример, само серијалот „Истражи ја Македонија“ на ТВ НТВ бил емитуван дури 1.139 пати, десетина пати повеќе од она што добиле другите медиуми. Или, за кампањата „информирање и запознавање на граѓаните за нивните права што се овозможуваат со реформите во функционирањето на судскиот систем во Република Македонија“, локалните и регионалните телевизии имале од 46 до 104 емитувања, освен новокупените. Сите до една имаат по точно 1.039 емитувања на оваа владината кампања. Каква братска поделба?

Посета на функционер од Скопје - одлична шанса да го има во два прилози едно по друго. Фото: скриншот
Посета на функционер од Скопје – одлична шанса да го има во два прилози едно по друго. Фото: скриншот

Во пакетот од шест купени телевизии (повторно братски – по две за секој од новите газди!), се најде и „Независна ТВ“ од Охрид, заедно со ТВ „Менада“ од Тетово. Купени се за нешто помалку од 50.000 евра – двете. Ги купи компанијата „ДМТ продакшн“ од Скопје. Охридската „Независна ТВ“ беше со еден вработен, а тетовската ТВ „Менада“ со четворица вработени.

 

РЕГИОНАЛНА ТЕЛЕВИЗИЈА СО НАЦИОНАЛНО-ПАРТИСКА  ПРОГРАМА!

Од чисто професионален аспект, ако се изземе очигледната намера на власта да завладее со целокупниот медиумски простор, целиот овој проект донесе позитивен ефект. Телевизиите претходно живуркаа од избори до избори, реклама даваа за компензација (во храна и во обувки!), имаа по еден вработен, никаква амбиција за развој. Вести емитуваа одвреме-навреме, исто како и дебатни емисии – главно за избори. Дебатните емисии ги нема ниту сега, нив власта и генерално не ги сака, но програмската содржина е далеку поквалитетна. Тоа е случај и со охридската, која сега се вика „О2“. За локални услови таа е добро екипирана кадровски, со млади новинари-почетници и со тројца поискусни, кои преминаа од една постара локална телевизија, меѓу кои е и главниот и одговорен уредник, Тања Маленкова. Директорот, пак, не работел во новинарство, туку во МВР и во локалната самоуправа во Охрид. Важи за проверен човек од ВМРО-ДПМНЕ, претседател на еден од локалните, односно месните комитети.

Телевизијата ги има сите технички услови и студиско–теренска техника, најверојатно најдобра во Охрид и во Струга. Тимот го сочинуваат млади, и новинари и технички персонал, кој минал низ процес на обука, иако без претходно искуство, но со ветување за динамична телевизиска понуда. Законскиот услов од 15 вработени за регионална телевизија е задоволен, програма се емитува од ноември минатата година, достапни се на секој уред со интернет-пристап, пошироката публика ги следи и преку дигитален предавател врзан со мобилна мрежа (ОНЕ), но и на „Ти-хоум“.

 


О2 ДНЕВНИК 24.06.2015 by o2-televizija

 

За оваа пригода, ја анализираме содржината на централниот Дневник од 24 јуни, кој оди од 20 часот, со водител и со прилози на новинари. Од прилозите и од распоредот на информативните содржини, многу е читлива основната намера, односно намена: афирмација на владините политики и проекти. Можеби и затоа од предолгиот дневник (дури 45 минути), поголемиот дел се содржини за активности на премиерот и на владините функционери во Скопје, што и не би требало да биде карактеристика на една локална, односно регионална телевизија (Охрид-Струга-Вевчани-Дебарца).

 

ПРОГРАМСКА ШЕМА ПРИЛАГОДЕНА НА ВЛАДИНИТЕ ПОЛИТИКИ!

Дневникот, кој е предмет на оваа анализа, отворен е со информација од Охрид и од Струга, но само поради присуството на државен функционер – директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, односно неговите изјави за реновирање на покриениот базен во Струга и за изградба на нов во Охрид. Тој ја „влече“ и втората вест – присуството на „Летниот училиштен спортски камп Охрид – 2015“ (повторно со снимена изјава), но затоа веќе третата информација е од Скопје – присуството на премиерот Никола Груевски на отворањето на Државната кардиохирургија, односно ресорниот министер за здравство (со негова изјава). Следната информација повторно е од Скопје, од настан во МАНУ, за Фондот за иновации: „Вложуваме во иновации“, со изјава на вицепремиерот  за економски прашања Владимир Пешевски и на академик Таки Фити. Следи широк извештај за посетата на шефот на грчката дипломатија, од Скопје, со снимка од средбата со Груевски и со соопштенија од владиниот кабинет, Министерството за надворешни работи и од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов. Потоа, „влетуваат“ две информации од светот (девојчето-бомбаш од Нигерија и топлотниот бран во Пакистан), за да нè вратат на локални теми: уписниот рок во две средни струшки училишта и изјави на нивните директори. Потоа следува студиско гостување (дури од десетина минути) на Боби Мојсоски, учесник, освојувач на второ место во шоуто „Икс фактор“. Нов колаж од два прилози за владини кампањи: проектот финансиран од владата за продавници за органска храна (со анкета на граѓани), како и проектот „Македонија вработува“, со изјава на локалниот раководител од Агенцијата за вработување – за ефектите во Охрид. Дневникот нè враќа на локален настан: фотоизложба за биодиверзитетот на Охридско Езеро и на Националниот парк – планината Галичица и повторно нè префрла на меѓународни теми: прислушувањето на тројца француски претседатели од Агенцијата за национална безбедност на САД, за да заврши со спортски прилог за ракометен настан во Охрид и за трагична смрт на спортист во Австралија. На крајот – време за временскиот извештај.

Национална или локална телевизија. Нема бегање - истите ликови, истите вести и тоа во 45 минути. Фото: скриншот
Национална или локална телевизија. Нема бегање – истите ликови, истите вести и тоа во 45 минути. Фото: скриншот

Сето тоа на 45 минути. Времето е предолго. Меѓу другото и затоа што водителот чита добар дел од веста или информацијата, за потоа новинарот да ја допрочита целата. Предолго и заради комотниот избор на теми и извештаи од метрополата, за активноста на владини функционери. Дали само поради тоа, во дневникот не најде простор настан, кој за другите медиуми беше дури и приоритетен во Охрид: врачувањето на медалот „Михајло Пупин“ на охридскиот истражувач, професор д-р Павле Митрески, човекот кој на охриѓани им подари една доминантна зграда во стариот дел, денес Дирекцијата на Завод и Музеј, заедно со најголемото ѕвоно (камбана) на Балканот, во камбанаријата на црквата „Света Богоридица-Перивлепта“.

Наместо заклучок. Сеедно дали овој проект е на власта – преку тројца свои блиски луѓе, или, пак на  тројца луѓе – преку блискоста со власта, ефектот е постигнат. Телевизијата, не само што и понатаму е скапа играчка (инвестицијата за шесте телевизии може да стигне и до еден милион евра), туку е и неверојатно корисна алатка – за да се дојде и да се остане на власт. А, власта подобро од сите ја знае зависноста на македонскиот граѓанин од телевизискиот екран. На овој план сме рекордери во Европа. Анкетата на Агенцијата за медиуми од јуни 2014 година покажува дека повеќе од 82 проценти од испитаниците секој ден се информираат преку телевизија. Секој трет Македонец поминува пред телевизор повеќе од четири часа дневно, а од сите што гледаат телевизија, повеќе од 80 отсто најчесто седнуваат пред малиот екран кога има вести. Власта знае дека од тројца љубители на вести, двајца секогаш следат МТВ, „Сител“, „Канал 5“ и „Алфа ТВ“, медиуми кои се или под директна нејзина контрола, односно под контрола на ВМРО-ДПМНЕ или кои многупати се покажале како блиски до неа. Ако е тоа така, зошто истиот принцип, истиот начин на работа не би се применил и врз локалните и регионалните телевизии?


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести