verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

„Соросоиди“, „Лажеш како Турчин!“ – интервју полно со говор на омраза и со стереотипи

on 12 - 02 - 2016       
За говорот на омраза се потребни дебели црвени линии. Фото: скришот
Колку дебели треба да бидат црвените линии за да не се случува говор на омраза. Фото: скриншот

 

„Соросоиди“, „Лажеш како Турчин“, „Ти си изрод“, „Ти не си мушкарац“ беа само дел од квалификациите што главниот и одговорен уредник на „Сител“, Драган Павловиќ – Латас, му ги упати на лидерoт на СДСМ, Зоран Заев, во завчерашното интервју во централниот ТВ-дневник. Настапот на Латас беше полн со говор на омраза, диксредитација и со дискриминација.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Сè почестото користење на говорот на омраза во македонските медиуми е резултат на фактот до каде води несанкционирањето на ваквите кривични дела. Тој се дефинира како говор чија намера е да деградира, вознемири или да предизвика насилство или активности врз основа на предрасуди против лица или групи луѓе врз основа на нивната раса, род, возраст, етничка припадност, националност, религија, сексуална ориентација, родов идентитет, хендикеп, јазична способност, морални или политички ставови, социо-економска класа, занимање или изглед (како висина, тежина и боја на коса), ментален капацитет и која било друга особина.

 

„СОРОСОСИДИ“

Главниот и одговорен уредник на „Сител“, уште на самиот почеток од интервјуто со Заев, го омаловажи соговорникот, но и дел од граѓаните, односно тие што го поддржуваат СДСМ, квалификувајќи ги како „соросоиди“:

„Многу очекувања, многу најави од Вашите соросоиди кои ве поддржуваат.“

Терминот „соросоиди“ многу често може да се сретне во провладините медиуми и тој секогаш се користи во негативна конотација. Неговата цел е да етикетира, дискредитира и да омаловажи одредена група луѓе. Употребата на терминот „соросоиди“ претставува дискриминација и во ова интервју тој беше употребен врз лидерот на СДСМ и сите оние што го поддржуваат. Пошироко на оваа тема, професорката и експерт за човекови права, Мирјана Најчевска има пишувано токму во „Сервис за проверка на факти во медиумите“ (СПФМ).

„На овој начин, секој кој ќе биде етикетиран како „соросоид“, губи секаков кредибилитет и неговите ставови и мислења едноставно немаат никаква вредност. Уште повеќе, најотворено се забранува изнесувањето одредени ставови и мислења или се создава атмосфера во која тие никако не можат да бидат искажани – пишува Најчевска.“

 

„ЛАЖЕШ КАКО ТУРЧИН“

Во еден момент од интервјуто, Латас директно му се обраќа на Заев и му вели „Ти си изрод“, за веднаш потоа да продолжи со говорот омраза и тоа на национална основа.

„Зоран Заев, лажете ко Турчин!“

На овој начин новинарот ги дискриминираше сите припадници на турската национална заедница, ширејќи стереотип дека лажеле. Служењето со дискриминаторен речник, како и дискредитирањето на соговорникот, се еклатантно кршење на етиката во информирањето на јавноста и злоупотреба на функцијата новинар. Поттикнувањето стереотипи по која било основа има последици и врз работењето на медиумот и врз перцепциите на јавноста. Латас во следниот ТВ-дневник се извини за ваквата дискриминаторска постапка, но со оглед на протестите од претставниците на турската заедница, кои следуваа утредента по интервјуто, ваквото извинување, се чини, не беше прифатено.

 

РЕАКЦИЈА НА ТУРСКАТА АМБАСАДА И НА ТУРСКАТА ЗАЕДНИЦА

Турската амбасада го осуди однесувањето на главниот и одговорен уредник на телевизија „Сител“, Драган Павловиќ – Латас, и најави дека турската дипломатија ќе интервенира пред македонските органи за инцидентот за време на интервјуто со лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

„Овој израз полн со омраза и со злоба, во иста мера го возвраќаме кон именуваното лице, кое, во основа, и порано покажало смелост во своите разни емисии и изјави да користи навредливи изрази кон високите раководители на Република Турција и на Турците. Со жалење го примивме овој недоличен израз упатен кон Република Турција и кон турската заедница, која прва ја призна Република Македонија под нејзиното уставно име и ја поддржува оваа братска и пријателска земја на секое поле“, стои во реакцијата на Амбасадата на Република Турција во Македонија.

Протест пред телевизија „Сител“ одржаа и неколку дeсетици Турци, кои го повикаа Латас да се извини за искажаните навреди и за дискредитацијата.

 

ГОВОРОТ НА ОМРАЗА Е КРИВИЧНО ДЕЛО

Говорот на омраза е кривично дело во Република Македонија. Од февруари 2014 година стапија на сила нови законски одредби од Кривичниот законик, кои забрануваат и казнуваат говор на омраза и ширење материјали преку интернет кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз која било дискриминаторска основа.

ШТО ПРОПИШУВА ЗАКОНОТ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ И ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА

Со својот настап и со дискриминаторскиот речник, домаќинот на интервјуто прекрши неколку законски одредби од Законот за дискриминација. Во членот 3 од овој закон, јасно е пропишано дека:

Се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа која е предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор (во натамошниот текст: дискриминаторска основа).

 

ШТО ПРОПИШУВА ЗАКОНОТ ЗА AУДИО И АУДИОВИЗУЕЛНИ МЕДИУМСКИ УСЛУГИ

Телевизијата „Сител“, преку однесувањето на нејзиниот главен и одговорен уредник, прекрши и одредби од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Во членот 48 од овој Закон, во делот на посебните забрани, се наведува дека:

Аудио и аудиовизуелните медиумски услуги не смеат да содржат програми со кои се загрозува националната безбедност, се поттикнува насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, се повикува на воена агресија или на оружен конфликт, се поттикнува или шири дискриминација, нетрпеливост или омраза врз основа на раса, пол, религија или националност. Посебните забрани од ставот (1) на овој член треба да бидат во согласност со практиката на Европскиот суд за човекови права.

 

ПРЕКРШЕНИ ОДРЕДБИ ОД КОДЕКСОТ ЗА НОВИНАРИ

За време на интервјуто со Зоран Заев, домаќинот прекрши и неколку одредби од Кодексот на новинари.

Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и на дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).

Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката.
Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.

Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести