verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Со сериозен наслов не се пренесува шега

on 13 - 01 - 2020       

Ако сте од оние кои читаат само наслови, можеби веќе се сретнавте со „веста“ дека досегашниот премиер Зоран Заев ја дал ќерката за да се потпише Преспанскиот договор или, пак, во замена за грчки остров. Колку и спектакуларно да звучи и често да се појавува, сепак, овој наслов не е вистина.

Всушност, се работи за исечок од опуштено новогодишно интервју во домот на Заеви подготвено како разговор на новинарот Мишко Иванов од „ТВ24“ со Заев и неговата сопруга. Одреден Твитер корисник го споделува овој исечок каде екс-пермиерот, кој е познат по своите обиди да внесе шега во неговите обраќања, споделува една анегдота од разговорите помеѓу него и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас пред потпишувањето на Преспанскиот договор.

Имено, се работи за комплимент кој Ципрас го дал за неговата ќерка, исто обидувајќи се да биде шеговит, на што Заев се надоврзал со предлог за преговори за склучување на брак помеѓу неговата ќерка и еден од синовите на Ципрас. Тој, во обид да ја нагласи уште повеќе шегата во целиот апсурд на преговорите, вели: „малку ќе попуштите на името, јас ќе ја дадам ќерката, ние немаме море ќе дадете едно острово…и пополека ќе го најдеме решението.

Се разбира, шегата не мора секому да му биде смешна, особено кога се работи за вака сензитивна тема, но новинарите не смеат да си дозволат од неа да прават потполно лажна вест, која единствено има за цел да нанесе политичка штета. Очигледно е дека се работи за безопасна размена, која служи за намалување на тензијата на сериозната атмосфера во која се одвиваа тие преговори. Слично како и сите други луѓе, лидерите и политичарите знаат да комуницираат неформално и да се шегуваат. Очекувањето на нешто различно од тоа е во најмала рака нереално.

Поголемиот дел од порталите кои го пренесоа овој исечок го споделија со користење на спектакуларни наслови кои сугерираат дека Заев ја дал ќерката за да се потпише договорот. Соочени со фактот дека голем дел од луѓето се задоволуваат само со наслови, особено кога во нив се раскажува цела вест, слободно може да заклучиме дека сите овие портали придонесоа за ширење на дезинформација.

Кои се понатамошните можни разврски на приказната може да се согледа уште во коментарите на видеото на Твитер. Некои од Твитер корисниците кои коментирале се ужаснати од фактот дека Заев ја дал ќерката, па што останува за државата, а некои зборуваат како тој навистина да ќарил остров. Но, доколку ова останеше само на Твитер, работите ќе беа поинакви. Проблемот е во тоа што одредени портали видеото го споделија како вест со наслов кој шири дезинформација. Притоа, новинарите кои го прават ова го кршат првиот член од кодексот на новинарите од Македонија во кој се вели: „ (…) „Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.“

Кај поголем дел од погоре наведените портали, кои го споделиле овој исечок од видео, можеме да видиме дека пласираат твит како вест, без при тоа да дадат свое видување, заклучок, анализа или барем објаснување на контекстот. Никаде не се сугерира дека се работи за шега, но напротив дел од насловите презентираат дезинформација како вест. Самото избегнување да се нагласи дека се работи за шега, намерно остава на читателите да си заклучат што ќе си заклучат и ниту еден медиум не посочил линк до целото видео од кое е исечокот, за да се добие вистински контекст од кој е изваден. Од друга страна, пак, голем дел од читателите нема ни да го видат видеото, доколку налетаат на веста на социјални медиуми или на агрегатор на вести, но само ќе го добијат како информација она што го прочитале во насловот или текстот кој во случајов е дезинформација. Кога на ова ќе го додадеме сознанието дека голем дел од луѓето на социјалните медиуми споделуваат наслови, односно вести на кои им ги прочитале само насловите, стануваме свесни колку е штетно користењето на наслови кои шират дезинформации и немаат врска со вистината.

Прашањето на крај е, дали навистина новинарите не се информирале доволно во врска со точноста на информацијата која ја споделиле, или намерно ја споделиле без дополнително објаснување, но со наслов кој сугерира невистина?

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести