verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Во иранскиот напад врз американските бази НЕ загинаа 80 лица

on 13 - 01 - 2020       

[Иран им одговори на САД со напад на бази во Ирак, убиени најмалку 80 лица]

Информацијата дека Иран нападна две американски бази во Ирак, по убиството кое што САД го изврши врз иранскиот генерал Касим Сулејмани, силно одекна во медиумскиот простор каде што во желбата што повеќе и побрзо да се информира, медиумите направија грешки.

Линк до оригиналниот напис: Иран им одговори на САД со напад на бази во Ирак, убиени најмалку 80 лица

Датум и време на објавување: 8.1.2020

Датум на рецензија: 10.1.2020

Рецензент: Симона Атанасова

Откако Иранската револуционерна гарда истрела балистички ракети врз двете американски бази во Ирак, Иранската државна телевизија побрза да објави дека во нападите врз базите биле убиени најмалку 80 Американци. И не сподели како е добиена оваа бројка, не понуди извор, ниту даде нешто што би било потврда за тврдењето.

И медиумите без да направат подетални проверки или да почекаат информацијата да биде потврдена барем од уште еден релевантен извор, побрзаа така непроверена да ја објават и да ја дезинформираат јавноста.

Уште попроблематично во оваа ситуација е што оваа информација е преземена и објавена од државната новинска агенција МИА, а потоа преземена од низа други медиуми и веб-портали. МИА како државна новинска агенција треба да биде сервис кој на останатите медиуми ќе им нуди информации кои треба да бидат точни, проверени и непристрасни.

Не значи дека ако Иранската државната телевизија објавила дека се убиени најмалку 80 лица дека тоа по автоматизам е точно. Особено затоа што информацијата доаѓа од медиум во државна сопственост на земјата која го изврши нападот. Тоа треба да е многу јасен знак дека информацијата може да е намерно пуштена за да се збуни јавноста и да се предизвика одредени чувства особено кај иранската популација.

Кога се чита само насловот, кој тврди дека се убиени 80 лица, се добива впечаток дека информацијата е точна и потврдена. Посоодветно во овој случај би било уште во самиот наслов да се наведе дека таа бројка ја тврди Иранската државна телевизија за да на јавноста уште од старт и стане јасно од каде потекнува информацијата и дека треба да се земе со резерва.

Ова беше демантирано од американските власти кои тврдат дека при нападот нема жртви.

Во обраќањето пред нацијата од Белата куќа, претседателот на САД Доналд Трамп рече дека ниту еден Американец не е убиен или ранет при лансирањето на десетина балистички ракети против двете воени бази во Ирак.

Ниту американски ниту ирачки животи се загубени како резултат на преземените мерки на претпазливост и системот за рано предупредување што работеше многу добро, ИЗЈАВИ ТРАМП.

Како што објави Вашингтон пост, американските власти знаеле дека иранските ракети доаѓаат неколку часови пред нападот откако биле предупредени од разузнавачки служби и ова е причината заради која биле избегнати жртви.

Важно е да се напомене дека и два дена по објавата на оваа шпекулација, МИА сè уште не направила корекција на објавата и сé уште може да се најде оваа вест со овој наслов.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести