verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Што може или не може да направи Народниот правобранител

on 17 - 02 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Иџет Мемети (втор од лево), Народен правобранител на РМ - работилница за осработка со медиумите. Фото: ombudsman.mk, 2014
Иџет Мемети (втор од лево), Народен правобранител на РМ – Работилница за сoработка со медиумите. Фото: ombudsman.mk, 2014

 

Политичарите, високите функционери во власта, претставниците на државни институции сакаат да даваат изјави. Изјавата претставува однапред составен збир од информации кои тој што ја дава изјавата сака да ги даде, кои се спакувани на одреден начин и испраќаат одредена порака.

 

Пишува: проф. Мирјана Најчевскаексперт за човекови права

 

Новинарите во Република Македонија многу често целокупното информирање на јавноста го базираат на дадените изјави од политичарите, високите функционери во власта и од претставниците на државни институции.

Добивањето изјава и пренесувањето на таа изјава, најчесто не е доволно за соодветно и за целосно информирање на граѓаните, а во одредени случаи изјавата пренесена без понатамошна анализа може да доведе до дезинформирање на граѓаните.

Најлесен начин за анализа на изјавите на политичари и на високи функционери во власта е ставањето на дадената изјава во контекст на законски утврдениот мандат, односно, надлежностите што ги има институцијата која ја претставува конкретниот политичар или висок функционер во власта.

Само како пример, може да се земе изјавата на Народниот правобранител  во врска со објавените наводи за можно прислушување на голем број граѓани од страна на власта, а која ја пренесоа голем број медиуми:

„За информациите дека се прислушувани голем број на граѓани, и во однос на тоа што беше јавно покажано, искажувам длабока загриженост и го осудувам ова грубо прекршување на човековите слободи и права без оглед дали се работи за јавни личности или други лица…

Не знам дали воопшто може да се каже дека во Македонија постои правото на приватност и правна сигурност на граѓаните…

Институциите треба брзо и ефикасно да реагираат. Сè друго остава простор за секакви сомнежи, за недоверба во институциите, итн., вели Мемети.

Народниот правобранител понатаму

„…апелира до граѓаните, до инволвираните и институциите да не си играат, бидејќи се работи за сериозна појава.

Се работи за грубо прекршување на едно од фундаменталните човекови права, и јас како Народен правобранител на Република Македонија најостро ја осудувам оваа појава, без разлика дали се работи за снимање или прислушување на јавни личности или на останатите граѓани. Оваа појава верувајте ќе остави многу тешки последици и за граѓаните но и за нашето општество, и е застрашувачки наједноставно речено. Повикувам како Народен правобранител на разум, рече Мемети.“

Во исто време, Народниот правобранител се оградува од каква било можна активност од своја страна

Народниот правобранител во однос на општи појави освен што може да ја искаже неговата загриженост во однос на прекршувањата на правата и да апелира да се почитуваат правилата и прописите итн, не може друго да направи. Може да води постапка ако одредено лице бара од него заштита, вели Мемети.“

Новинарите не ја ставија оваа изјава во контекстот на законските надлежности на Народниот правобранител и пропуштија да постават неколку клучни прашања:

  • Дали е доволно Народниот правобранител да искаже загриженост поради ситуација во која постојат големи индикации дека станува збор за прекршување на основните права и слободи на човекот или, пак, и самиот треба да преземе нешто?
  • Дали на Народниот правобранител освен апелирањето до државните органи за соодветно постапување му стојат на располагање и други алатки (на пример: покренување постапка по сопствена иницијатива во согласност со член 13 и со член 21 од Законот за Народниот правобранител)?
  • Дали Народниот правобранител може да се позабави со неодговорното вршење на работите на судските служби (во согласност со ингеренциите дадени во член 12 од Законот за Народниот правобранител)?
  • Дали Народниот правобранител ја искористил можноста за барање објаснување и информации, дали повикал на разговор избрани или именувани лица, службени лица или некои други лица од кои може да добие понатамошни информации (во согласност со член 24 од Законот за народен правобранител)?
  • Дали Народниот правобранител побарал личен разговор со претседателот на Република Македонија, со претседателот на Собранието, на Владата, со министерката за внатрешни работи, со директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање на Република Македонија (во согласност со член 26 од Законот за Народен правобранител)?
  • Дали Народниот правобранител упатил свое мислење, препорака, иницијатива, критика до инволвираните државни органи со кое ќе ги поттикне на соодветно постапување (во согласност со член 28 од Законот за Народен правобранител)?
  • Дали Народниот правобранител има намера да ја употреби својата надлежност во согласност со член 32 од Закон за Народен правобранител?

Паѓа во очи дека дури ни во проширеното интервју направено од страна на РСЕ (каде што новинарот може да поставува поголем број и многу конкретни прашања), не е поставено ниту едно од овие прашања.

На ваков начин граѓаните добиваат погрешна информација дека тоа е сè што може да направи Народниот правобранител (да жали, да апелира и да биде загрижен). Меѓутоа, тоа не е точна информација.

Пошироко, отсуството на ваков вид прашања при добивањето и при пренесувањето на изјавите на политичари и на високи функционери во власта (а посебно претставници на институции кои имаат мандат да ги заштитат правата и слободите на луѓето во случаи кога прекршител на правата и слободите е државата), не ја дава вистинската слика за односите во едно демократско општество и алатките што им стојат на располагање на граѓаните во заштитата на нивните права и слободи.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести