verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Трговската размена во првите девет месеци со раст од 20 отсто

on 5 - 12 - 2013       

Inside_RenderSingleNewsNewsCategory_103_112368802-crop-resize

Скопје, 4 декември 2013 (МИА) – Република Македонија и Унгарија, оваа година во услови на криза за првите девет месеци имаат зголемување на трговската размена, која изнесува некаде околу половина милион долари. Македонија бележи и раст воопшто на извозот за посочениот перид од 20 отсто. Ова го истакна министерот за економија Ваљон Сарачини  на втората седница на Мешовитата македонско-унгарска меѓувладина комисија за економска соработка што денеска се одржа во Скопје.

– Ова мора да се потенцира затоа што во услови на криза кога во земјите во регионот паѓа трговската размена во РМ имаме навистина сериозно зголемување и не само со Унгарија. Извозот на РМ за првите девет месеци во 2013 за разлика од првите девет месеци во 2012 расте за некаде околу 20 проценти, изјави Сарачини.

Според него, растот со Унгарија е резултат на одржаните средби и на бизнис форумот, како и на повеќе потпишани договори меѓу двете земји.

Горниот извадок од написот што го рецензираме е подолг, но важно беше да се истакне зашто ништо во него не е точно. Ништо во овој сегмент не е вистина – ниедна бројка, ниеден навод, ниеден исказ или аргумент.

Не можеме да знаеме кои биле причините за искажување на вакви невистинити податоци од страна на министерот Сарачини, но, од друга страна, пак, на новинар на најголемата новинска плус национална агенција во земјата морало веднаш да му „светне“ дека нешто не е во ред кога ќе се каже дека извозот бележи раст за 20 отсто во период од 9 месеци во однос на истиот период лани. Таквиот значителен раст на извозот би морал да предизвика и позначителен раст во внатрешната трговија, позначителен раст во кредитирањето, во индустриското производство, како и позначителен раст на редица други економски и финансиски показатели. Што е најважно, со таквиот раст на извозот би морал да се забележи и позначителен раст на бруто домашниот производ (БДП) од почетокот на годинава ако се знае колкава е важноста на надворешно-тровската размена на земјава за вкупната национална економија. Но, ништо од тоа не се случи во 2013 година.  Точно е дека БДП порасна 3,4 отсто во првата половина од годината, но со раст на извозот од 20 отсто растот на БДП би морал да биде далеку позначителен.

FireShot Screen Capture #074 - 'МИА' - mia_mk_mk_Inside_RenderSingleNewsNewsCategory_103_112368802Линк до оригиналниот напис:  Трговската размена во првите девет месеци со раст од 20 отсто

Датум и време на објавување: 04.12.2013 18:34

Датум на рецензирање: 05.12.2013

Рецензент: Владимир Петрески

Вистинитост: Ова поглавје е најголемиот проблем со написот и на него најмногу ќе се задржиме. Се разбира, за секој новинарски труд ова е најважниот момент. Ако некој новинарски производ има проблем со вистинитоста, тогаш прашање е колку другите елементи се важни.

Без да должиме многу, еве ги податоците за македонската надворешно-трговска размена и извозот на Македонија во првите 9 месеци годинава и првите 9 месеци лани:

Наводрешно-трговска размена на Република Македонија јануари-септември 2012 (во илјади САД долари) јануари-септември 2013 (во илјади САД долари) Раст (%)
Извоз 2.929.192 3.085.397 4,5
Увоз 4.690.036 4.780.933 1,0
Вкупно 7.619 228 7.866.330 2,3

Извор: Државен завод за статистика овде (2012) и овде (2013) – ПДФ датотеки за преземање

 

Еве ги и податоците за македонско-унгарската трговска размена во првите 9 месеци годинава и првите 9 месеци лани:

Наводрешно-трговска размена меѓу Македонија и Унгарија јануари-септември 2012 (во милиони САД долари) јануари-септември 2013 (во милиони САД долари) Разлика 2013 минус 2012 (во милиониСАД долари)
Извоз 7,43 5,65 -1,78
Увоз 37,89 40,79 2,9
Вкупно 45,32 46,44 1,12

Извор: Народна банка на РМ – овде (1994-2013) – Microsoft Excel датотека за преземање

 

Податоците се јасни и тие покажуваат дека трговската размена на Македонија со Унгарија не изнесува „половина милион долари“ туку од 46,44 милиони долари или над 90 пати повеќе. Она што министерот не го кажува и што во написот го нема е фактот дека Македонија има огромен трговски дефицит во трговијата со Унгарија при што нашиот извоз е околу 7-8 пати помал од увозот. Потоа, не е наведено и дека македонскиот извоз кон Унгарија паднал во овој период и тоа за речиси една четвртина, додека увозот пораснал и оттаму доаѓа растот на трговската размена. Но, од следната реченица која гласи: „Македонија бележи и раст воопшто на извозот за посочениот период од 20 отсто“ се добива впечаток дека македонскиот извоз во Унгарија пораснал и тоа исто онака како што пораснал извозот „воопшто“ за 20 отсто. Како што се гледа од првата табела „извозот воопшто“ во првите 9 месеци годинава во однос на истиот период лани не пораснал ни приближно за 20 отсто, туку само за 4,5 отсто – од 2,93 на 3,09 милијарди долари. Од каде доаѓа овој раст годинава во однос на лани станува многу појасно ако се знае дека лани во првите 9 месеци, пак, во однос на истиот период преклани македонскиот извоз доживеа значителен пад од 12,2 отсто, што значи дека годинава се само донекаде надокнадени ланските загуби.

Понатаму, податоците покажуваат дека земјава во трговската размена годинава во однос на лани нема никакво „навистина сериозно зголемување“ на трговската размена ниту воопшто, ниту со Унгарија. Податоците на државната статистика покажуваат дека вкупната македонска трговска размена бележи раст од само 2,3 отсто, а со Унгарија само неполни 2,5 отсто во првите 9 месеци годинава. И повторно, растот на македонската трговска размена во првите 9 месеци годинава во однос на истиот период лани доаѓа само откако преклани таа доживеа пад од 11,2 отсто. Се разбира, трговската размена не може да паѓа постојано од година во година и тоа над 10 отсто. Ако такво нешто се случеше и годинава по ланскиот пад, тогаш македонската економија ќе беше во неволја и ќе се соочеше со посериозни проблеми.

Од сето ова може да се види дека ниту податоците на министерот Сарачини се точни, ниту, пак, тие се проверени во овој напис заради што тој има сериозни проблеми со вистинитоста.

Извори на информации: Изворот на информации е министерот Сарачини и авторот од местото на настанот. Но, горните грешки во податоците покажуваат дека тие треба да се проверуваат без оглед од каков извор и да пристигнуваат, особено кога проверката може да се изврши многу брзо, во период од неколку минути, на само два официјални сајтови.

Содржајност: Веста нема проблем со содржајноста. Дури може и да се каже дека е преобемна со оглед на фактот што Унгарија е многу мал трговски партнер на Македонија, кој според табелите на Државниот завод за статистика не е ни меѓу првите 20 земји со кои имаме најголема трговска размена. Но, на ова не би требало да се гледа како на проблем. МИА е национална агенција и нејзините вести треба да бидат посеопфатни, а потоа медиумите можат да одлучат колкав дел од нив да преземат.

Пристрасност: Тешко е да се утврди дали погрешните бројки се објавени заради пристрасност или недостиг на проверка. Без можност ова да се утврди надвор од било какви сомневања, единствено можеме да кажеме дека написот не е пристрасен.

Квалитет на насловот: Насловот е посебна приказна. Никаде во изјавите министерот Сарачини тој не го тврди она што е напишано во насловот:  „Трговската размена во првите девет месеци со раст од 20 отсто“. Сарачини вели дека извозот пораснал 20 отсто и додава дека „во РМ имаме навистина сериозно зголемување“ на трговската размена, но не наведува процент. Имајќи го ова предвид, единствено нешто што можеме да утврдиме е дека станува збор за редакциска грешка во насловот, каде што се измешани извозот и трговската размена. Но, исто така, имајќи го сето ова предвид, можеме и да кажеме дека со оваа дополнителна грешка во насловот и со неточните бројки целиот напис се претвора во вистинска турли-тава на погрешни податоци. Како што се гледа од првата табела, трговската размена на Македонија во првите 9 месеци годинава во однос на истиот период лани бележи раст од само 2,3 отсто.

Заклучок: Во ситуација на толку многу објавени погрешни податоци во овој текст единствено што може да се каже е само да се повтори познатата занаетчиска и мајсторска изрека: „Три пати мери – еднаш сечи“ во новинарска форма „Три пати провери пред да објавиш“. За жалење е што овде немало ни потреба од проверка пред да се запали „новинарската сирена“, која морала да се вклучи кога некој ќе каже дека извозот пораснал за една петина споредено со лани во ситуација кога другите економски показатели ни оддалеку не бележат таков значителен раст.

Исто така, овој текст повторно нѐ потсетува на одговорноста на агенциските новинари ако се има предвид дека нивните текстови се преземаат од другите медиуми: овој напис до вечерта на денот на објавувањето беше преземен од десетина портали и ниеден од нив не ги забележа погрешните податоци. Се разбира, ова не говори само за зголеменото ниво одговорност на агенциските новинари, туку говори и пошироко за состојбите во македонското новинарство. Но,тоа е веќе друга тема.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

нема факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни,

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

сеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

Не може да се утврди

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен извор без линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

несензационален

несоодветен

погрешен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести