verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Со неодмерен и таблоиден наслов нема објективност

on 23 - 09 - 2015       

skrinsot-ajde-crop-resize

 

[Рецензија: Опозицискиот НВО-сектор веднаш почна со притисок врз обвинителот]

 

Во овој текст не е проблем само што се инсистира на наводната поврзаност на невладиниот сектор со опозицискиот СДСМ, ниту што иницијативата на граѓанската платформа „Ајде“ да му даде артикулирана поддршка на новоизбраниот обвинител од името на обичните граѓани, потсетувајќи го на сериозноста на работата на која се нафатил и на обврските што ги презема е оквалификувана како притисок, туку што тоа го прави без аргументи, пласирајќи ставови и убедувања како готови факти. Наднасловот и насловот прилично речито го формулираат сето она што била намерата да им се соопшти на читателите со овој текст, така што обидите да се задржи професионалниот пристап и да се почитуваат новинарските стандарди кои се видливи во написов, паѓаат во сенка.

Рецензија: Со плукачки наслов, објективноста паѓа во вода!Линк до оригиналниот напис: Опозицискиот НВО-сектор веднаш почна со притисок врз обвинителот

Датум и време на објавување: 16.09.2015, 00:03

Датум на рецензирање: 20.09.2015

Рецензент: Југослава Дуковска

Во написот се манипулира со малку точни факти и со многу конкретни политички квалификации со кои се оцрнува невладиниот сектор, особено невладината иницијатива „Ајде“. Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев, е посочен како човекот кој стои зад иницијативата „Ајде“ за собирот пред Собранието на кој требаше да му се даде поддршка на специјалниот обвинител, а самиот собир беше оквалификуван како притисок врз новоизбраната обвинителка. Еве како оваа квалификација се оправдува.

„АЈДЕ во многу наврати се јавува како критичар на работата на власта и како организатор на некоку протести, најчесто во корист на СДСМ, а се сретнуваа и во Зоран Заев за да ги утврдат следните чекори на опозицијата. Пример за критика на работата на владините функционери од нивна страна, пак се собирите во кои се инсистираше на оставка на министерот за здравство, Никола Тодоров.“

Она што случајно или можеби намерно се заборава при користењето на ваквата аргументација е што специјалниот јавен обвинител не е претставник на власта, односно не е владин функционер, па споредбите со протестите во кои се повикуваат на одговорност министри во владата за конкретни злоупотреби или нефункционирање на институциите, се депласирани.

Една од позитивните забелешки при анализата на овој напис е што е консултирана и засегнатата, посочената страна, односно самиот организатор на собирот, платформата „Ајде“, поточно, цитиран е нивниот став,  дека не се работи за политички или каков било притисок и собирот на денот на изборот на специјалниот јавен обвинител пред Собранието на Република Македонија не го сметаат за мешање во нејзиното дејствување. Просторот кој ѝ е отстапен на платформата „Ајде“ му овозможува на читателот да има попрецизен увид во тоа што се вистинските ставови и мотиви за организација на собирот пред Собранието и самиот да донесува суд за тоа дали тезата од насловот држи вода или не.

„Ние, граѓаните целосно сме посветени и истрајни во битката за правда, слобода и демократија. Ова треба да му биде јасно на специјалниот јавен обвинител. Непоколебливо и цврсто ќе ја поддржиме неговата работа зашто очекуваме премиерот во оставка и неговите соработници што побрзо да се најдат на обвинителна клупа и да одговараат за сите криминали и злосторства направени во изминативе девет години.“

Иако пристрасноста е очигледна и се воочува веќе при првиот контакт со текстот – со неговиот наслов и наднаслов, а наклонетоста кон една од страните засегнати со текстот е нескриена, може да се констатира дека постои обид за балансирање во приодот кон темата, бидејќи е отстапен простор за ставовите на граѓанското здружение „Ајде“ и со тоа на читателот му е даден избор самиот да заклучи дали ќе ја прифати сугестијата од насловот или ќе ги сослуша аргументите и на втората страна. Сепак, во текстот, поточно во неговата опрема (наднаслов, наслов, текст во рамка) има и спинување, извртување на вистината („опозициски“ невладин сектор што му дава инструкции за работа на специјалниот јавен обвинител) и држење страна, така што крајната оценка за овој текст, од аспект на пристрасноста е сепак – негативна.

Насловот е најголемата слабост на овој напис. Тој е целосно неодмерен и со самото тоа несоодветен за содржината што ја најавува. Читателот, по исчитувањето на текстот и по запознавањето со аргументите и со мотивите на „Ајде“ за организирање на собирот пред Собрание, никаде не може да види ниту желба за вршење притисок врз новоизбраната обвинителка, ниту, пак, да го поврзе настанот на „Ајде“ со СДСМ и со Зоран Заев.

Без насловот, ова ќе беше релативно читлив текст, со запазен дел од новинарските правила за пишување, кој иако пристрасно, сепак целосно ќе ги информираше своите читатели и за настанот, и за актерите на настанот, и за ставот на авторот и на редакцијата кон сето ова. Насловот, по урнек на политички таблоид, дефинитивно му ја урна шансата да биде таков текст.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

несензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

квалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести