verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Проектот „Купи куќа купи стан“ ја намали цената на станбениот квадрат

on 21 - 08 - 2013       

Главната теза во написот – дека проектот „Купи куќа, купи стан“ ја намалил цената на становите во главниот град не е со ништо поддржана, објаснета или било како докажана. Ниту со релевантни компаративни податоци, ниту, пак, со изјави од релевантни извори. Такво нешто не би ни било можна зашто оваа теза едноставно не е точна.

FireShot Screen Capture #050 kurir_mk_makedonija_vesti_127356-ProektotЛинк до оригиналниот напис: Проектот „Купи куќа купи стан“ ја намали цената на станбениот квадрат

Датум и време на објавување: 21. 08. 2013 11:12

Датум на рецензирање: 21. 08. 2013

Рецензент: Владимир Петрески

Вистинитост: Тоа што две појави изгледаат како да имаат причинско-последична поврзаност не значи и дека тие се навистина поврзани. Поврзувањето на две блиски појави за да се извлече однапред замислен заклучок без никакви дополнителни анализи, емпириски податоци, компарации што имаат смисла, без опсежно објаснување на поврзаноста меѓу тие две појави, без појаснување како едната влијае врз другата и без изјави од релевантни извори, не е ништо повеќе од шпекулација. Таа овде се однесува на обидот да се создаде врска меѓу падот на цените на становите во Скопје и проектот на Владата „Купи куќа, купи стан“ за да се извлече сосема неточен заклучок – дека овој проект придонел за намалување на цените на становите:

 

„Покрај зголемената понуда, врз намалување на цените на становите големо влијание имаа и евтините станови кои државата ги нуди преку проектот „Купи куќа – купи стан“.“

 

Ваквото тврдење со ништо не е поткрепено во текот на целиот текст. Откако ќе се изнесе ова тврдење, потоа се објаснува проектот „Купи куќа, купи стан“ и на крај се цитираат наводите од анализата на Народната банка на РМ во однос на движењето на цените на становите од кои се гледа дека тие паѓаат. Но, во анализата на НБРМ никаде не се вели дека владиниот проект „Купи куќа, купи стан“ има било каква врска со падот на цените на становите.

Последните податоци за тоа колку станови се уплатени според овој проект се од пред 7 месеци и беше спомната бројката од само 110 станови. Уплата на 110 станови на скопскиот пазар на недвижности е многу мала бројка за да може да има влијание врз цените на становите.

Настрана фактот што проектот од неговиот почеток се сретна со редица проблеми. Токму затоа Владата во неколку наврати ги олеснуваше условите за учество само за да привлече што повеќе заинтересирани, но тоа оди тешко. Главниот проблем, искажан во оваа одлична колумна, е условот што од заинтересираните се бара да имаат минимум месечни семејни приходи од барем 900 евра, што за најголем број семејства е недостижна бројка. Настрана фактот што оние семејства кои имаат вакви приходи можат самите да си уплатат стан без помош од државата и без да има потреба да ги исполнуваат условите од проектот (цената на станот да не биде над 900 евра за квадрат – што во Скопје значи дека треба да купите стан прилично далеку од центарот на градот).

Од друга страна, пак, овие нови 330 станови кои чинат по 795 евра за метар квадратен и кои ги гради државата со цел да предизвика интерес за проектот, се многу нови и сѐ уште не се сите продадени, па тие не можат да имаат влијание врз севкупните цени на становите. Oвие станови и не се вклучени во анализата на НБРМ, која се однесува на состојбите од првата половина на годината. Настрана фактот што и бројката од 330 станови е премала за да може да влијае врз севкупниот пазар на резиденцијални недвижности во градот. Ниту пак, сите тие се продадени преку проектот „Купи куќ, купи стан“. Непознат дел од нив се продаден инадвор од овој проект.

Како што е познато, и како што е веќе објавено во редица медиуми, причината за падот на цените на становите од 4,7-5 отсто е единствено градежната експанзија и растот на бројот на изградените станови во Скопје во изминатиот период. Ова е наведено во текстот, но ваа причина за падот на цените на стнаовите е ставена рамо до рамо со проектот „Купи куќа, купи стан“, небаре и тој е заслужен за падот на центие на становите исто како и зголеменото ниво на градба. Ова, се разбира, не е точно.

Во главниот град едноставно има толку многу нови станови така што падот на цените беше очекуван и предвидуван и во овој контекст проектот „Купи куќа, купи стан“ никогаш не бил спомнат. Настрана фактот што она што во последно време се предупредува во однос на цените на стнаовите е дека тие нема да паднат во сите градски населби, а и се предупредува дека градежната експанзија е при крај, дека паѓа бројот на одобренијата за градба на нови станови, дека растат цените на градежните материјали, па и не се очекува некое дополнително позначајно надолно движење на цените во блиска иднина.

Извори на информации: Единствен извор во текстот е извештајот на НБРМ за намалувањето на цените на становите. Иако и другите делови на текстот потекнуваат од официјални извори при посетата на министерот за финансии, Зоран Ставрески, на новите згради во населбата Аеродром, тоа во текстот воопшто не е спомнато, и покрај тоа што се наведени редица наводи од овој настан. Се добива впечаток како да не се сакало да се наведе изворот на наводите зашто тие се веќе објавени кога се извести за оваа посета и овде се повторени само со цел да се засили нешто што наликува на аргумент за главното тврдење дека проектот „Купи куќа, купи стан“ е заслужен за падот на цените на становите.

Содржајност: Она што би било главен аргумент за евентуалното влијание на проектот „Купи куќа, купи стан“ за надолното движење на цените на становите во главниот град не е кажано. А, тоа е да се наведе колку тоа семејства досега уплатиле станови, користејќи ги поволностите од проектот. Овој суштински податок да беше објавен и бројката да беше значителна, можеби и ќе имаше оправдување за ваквата теза. Но, тоа не е сторено. Со бројката од 110 семејства од пред 7 месеци, за кои знаеме дека уплатиле стан преку проектот, не може да стане збор за било какво негово влијание врз намалувањето на цените на становите. Како што е познато, 100 станови има во две 12-катници од кулите на Градски ѕид.

Пристрасност: Насловот и главното тврдење без никакви дополнителни докази го прават написот бездруго пристрасен. Пристрасноста е политичка и таа е јасно изразена и во начинот на кој е структуриран текстот со објаснувањето на условите на проектот и известувањето за анализата на НБРМ, која е само нафрлена, но никаде не е објаснето каква е поврзаноста на оваа анализа со проектот „Купи куќа, купи стан“.

Оригиналност/Плагијат: Написот е комбинација од неколку веќе објавени вести и текстови, а сѐ со цел да се даде каква-таква поддршка на главната теза за намалувањето на цените на становите заради проектот „Купи куќа, купи стан“. Делот во кој се објаснува проектот потекнува од агенциската вест објавена по повод посетата на министерот за финансии, Зоран Ставрески, на зградите чии станови се изградени од државното претпријатие во неделата. Исто така, веќе објавен на друго место е и делот каде што се известува за анализата на НБРМ.

Квалитет на насловот: Насловот директно ја промовира главната теза на написот. Кога таа би била точна насловот уште и би бил добар. Проблемот е што таа е погрешна и насловот во овој случај само ја засилува и истакнува грешката.

Фотографија: Фотографијата е објавена само како илустрација. Не е јасно дали на неа се зградите во населбата Аеродром, кои власта ги промовира како згради кои содржат станови за 795 евра за метар квадратен и со тоа ги прави погодни за купување во рамките на проектот или станува збор за некои сосема други згради. Ова не може да се утврди со оглед на фактот што фотографијата ниту е потпишана, ниту пак има легенда.

Заклучок: Иако написот создава привид дека падот на цените на становите се предизвикани од владиниот проект, тоа никаде не е покажано. Цитирањето на анализата на НБРМ за цените на становите никаде не спомнува дека оваа владина акција има врска со падот на цените на становите. Тоа не го кажува ниту еден друг извор, па дури ни било кој друг медиум, иако за проектот беа напишани редица текстови по промотивната посета на Ставрески на зградите во населбата Аеродром. Вакво нешто во таа прилика не кажа ни самиот министер за финансии, кој сигурно не би ја испуштил можноста да се пофали со ваков „успех“, кога тој навистина би претставувал успех.

Желбата или претпоставката дека нешто „мора“ да биде вистина не значи и дека е вистина. Особено кога за такво нешто нема никаква поткрепа. И особено што на желбите и претпоставките не им е место во новинарството.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

нема факти

точни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

нерелевантни

1 извор

не е апликативно

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

нема лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

компилација

ненаведен автор, ненаведен извор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести