verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Откажана денешната аукција на државни хартии од вредност

on 20 - 08 - 2013       

Во рок четири и пол часа, откако Македонската информативна агенција (МИА) го објави соопштението на Министерството за финансии за откажувањето на за денеска закажаната аукција на државни хартии од вредност (ДХВ – државни записи и државни обврзници), веста ја презедоа 23 портали.

Еден од нив е и овој чија вест овде се рецензира. И тука веднаш се поставува следното прашање: Кога 23 портали ја пренеле истата вест помалку или повеќе без измени, зошто е избрано да се рецензира онаа објавена токму од овој медиум?

Причината е следна: Утрински весник има убедливо најдобра и најсеопфатна економска рубрика споредено со сите други медиуми во земјава (евентуално со исклучок на пар специјализирани деловни медиуми на кои економијата им е безмалку единствена рубрика), барем според скромното мислење на авторот на овие редови. Токму затоа, на примерот на медиумот со најдобра економска рубрика сакаме да го поставиме прашањето дали е во ред да се пренесуваат соопштенија на државни институции без подлабоко да се навлезе во нив и тоа во ситуација кога наводите во тие соопштенија се во најмала рака контроверзни, ако не и едноставно пропагандистички и фалбаџиски.

А, такви наводи во оваа соопштение на Министерството за финансии, од кое МИА направила куса вест, има неколку.

FireShot 048 Откажана денешната аукција utrinskiЛинк до оригиналниот напис: Откажана денешната аукција на државни хартии од вредност

Датум и време на објавување: 20.08.2013, 12:13

Датум на рецензирање: 20.08.2013

Рецензент: Владимир Петрески

Вистинитост: Веста содржи наводи кои се вистинити, но и такви кои се проблематични и кои тешко можат да го поминат тестот на вистинитост. За да може да се изрази основано сомнение во вистинитоста на искажаните наводи на Министерството за финансии треба само да се погледнат податоците за досегашното однесување на овој државен орган, кога станува збор за задолжувањето на државата на домашниот пазар преку продажбата на ДХВ, како и податоците за висината на овогодишниот буџетски дефицит.

Во соопштението стои дека денеска по третпат овој месец е откажана претходно најавена аукција на ДХВ, односно ново задолжување на државата. Министерството наведува дека целта за ова било да се остават повеќе пари кај банките за потребите на стопанството:

 – Целта е да се излезе во пресрет на барањето на бизнис заедницата за зголемување на понудата на пазарот на капитал со оставање повеќе слободни средства кај банките кои понатаму би се пласирале како кредити, се вели во соопштението од Министерството за финансии.

И сето ова би било во ред кога веќе неколку години наназад власта не би била обвинувана дека го прави токму спротивното и тоа токму од страна на деловната заедница  – дека се задолжува на домашниот финансиски пазар и тоа во огромни суми и постојано им ги намалува шансите на компаниите да добијат кредити, зашто банките преферираат да ја финансираат државата како далеку посигурен должник. Но, еве, сега токму насред сезоната на годишните одмори, на државата и текна да му остави некој денар повеќе на стопанството, барем во период од неколку недели и да се исфали за тоа.

Од друга страна, пак, редица податоци говорат дека државата досега не била нешто посебно загрижена колку пари ќе остави за кредитирање на стопанството со оглед на тоа колку многу и колку брзо го зголемува внатрешниот долг преку издавање на ДХВ. Долната табела, на пример, покажува дека само во првите 7 месеци годинава (јануари-јули 2013) нивото на издадени ДХВ е зголемено за 78,2 милиони евра. Уште пострашно е ако се погледнат бројките од јануари лани до јануари годинава. Станува збор за драматично зголемување на државното задолжување и тоа за над половина милијарда евра во период од 12 месеци или поточно за 512,7 милиони евра до нивото од вкупно 873,8 милиони евра до јануари годинава или дури 952 милиони евра во јули годинава:

Месец/Година

Износ во милијарди МКД

Износ во милиони ЕУР

Јануари 2012

22,2

361,1

 

. . .

Јануари 2013

53,73

873,8

Февруари 2013

55,78

907,2

Март 2013

55,78

907,1

Април 2013

57,15

929,3

Мај 2013

57,68

938,0

Јуни 2013

58,26

947,4

Јули 2013

58,54

952,0

 

Потоа, следен симптоматичен момент е фактот што овие три откажувања на аукции за нови задолжувања доаѓаат во период кога државата нема за враќање пари од претходно издадени ДХВ. Како што може да се види на долниот исечок од табела објавена од Министерството за финансии, досега во овој месец државата нема пари за враќање од претходните аукции, освен сума од 500 милиони денари (8,13 милиони евра) , но тие достасуваат на 29 август.

KalendarMF 002 Glava Avgust

Лесно е да се откажуваат аукции во август, кога е време на одмори, кога државата нема вонредни трошоци и кога нема за враќање доспеани долгови од претходни аукции. Ќе видиме дали ќе се откаже и аукцијата која е предвидена за 27 август, односно само два дена пред да треба да се вратат овие 8,13 милиони евра. Тоа е тешко остварливо. Во периодот од април до јули годинава, на пример, како што покажуваат податоците на Министерството за финансии, организирани се вкуно 12 аукции за нови ДХВ од кои дури 11 на ден или два пред да треба да се вратат пари кои доспеваат за наплата од претходни аукции. Државата во овој период никогаш нема откажано аукција на ДХВ во ситуација пред да треба да се раздолжи кон кредиторите.

Потцртани се 11-те аукции за нови ДХВ на ден пред да треба да се вратат досеаните долгови од претходните аукции

Потцртани се 11-те аукции за нови ДХВ на ден пред да треба да се вратат досеаните долгови од претходните аукции

 

Токму овој момент фрла голема сенка врз тврдењето на Министерството за финансии дека целта за откажувањето на аукциите овој месец е „оставање повеќе слободни средства кај банките, кои понатаму би се пласирале како кредити“, затоа што тоа го барала бизнис заедницата. Да ѝ беше на државата грижа за зголемувањето на кредитната маса кај банките, за и стопанството да дојде на ред, таа тоа ќе го направеше во некоја од многуте претходни прилики кога бизнис заедницата го бараше тоа од неа.

Следен момент заради кој државата има причина да „олабави“ со задолжувањето на домашниот пазар е фактот што нејзиниот долг по издадени ДХВ опасно се приближува до износот од 1 милијарда евра, што во медиумите ќе биде протолкувано со зборовите дека оваа Влада го премина домашниот должнички Рубикон од еден ваков закружен износ до кој претходно ниедна друга власт се нема ни приближено.

Понатаму, проблематично е и тврдењето за добрата состојба на буџетот. Во последниот пасус од веста стои:

„Буџетот пак, наведуваат од Министерството, има добра ликвидност и редовно се сервисираат буџетските обврски – исплатата на плати и пензии, обврски кон стопанството по основ на ДДВ и фактурирани работи.“

Буџетскиот дефицит за годинава е планиран до нивото од 17,695 милијарди денари (287,8 милиони евра). Но, само во првите 6 месеци се потрошени 14,161 милијарда денари над приходите. Ова значи дека дури 80 отсто од предвидениот буџетски дефицит е потрошен само во првата половина од годината. Затоа Владата мора да внимава како ќе троши во втората половина од 2013 ако не сака да го надмине дозволениот буџетски дефицит и со тоа да го навлече гневот на меѓународните финансиски организации како Светската банка, на пример, која на Владата и даде гаранции за кредити, а кои се дадени со услов да се следат претходно зацртаните фискални политики. Ова значи дека на Владата до крајот на годината и остануваат уште 3,534 милијарди денари за трошење над нивото на приходите или по околу 9,6 милиони евра месечно.

Настрана фактот што ваквата состојба со буџетскиот дефицит го доведува во прашање и самиот навод во соопштението на Министерството за финансии за „добрата ликвидност“ на буџетот. Тој можеби и има добра ликвидност сега во август, но останува да се види што ќе се случи до крајот на годината или уште веќе во септември за кога има најави за буџетски ребаланс.

Извори на информации: Изворот на веста е официјален – Министерство за финансии. Но, тоа не значи и дека тој секогаш е кредибилен. Не е првпат кога настаните не и одат во прилог на оваа институција, таа да се обиде да ги спинува вестите во насока која неа и одговара.

Содржајност: Веста е крајно еднострана. Но, тоа е секогаш случај кога се објавува нечие соопштение без да се слушнат и другите засегнати страни или други мислења.

Сепак, треба да се има на ум дека неспомнувањето на противречностите и спиновите во објавената вест, во која само се пренесува соопштението на Министерството за финансии, може да значи и следење на политика на медиумот во однос на тоа како тој ги објавува своите написи. Можно е намерно да е пуштено само соопштението што побрзо од компетитивни и комерцијални причини, а негова анализа да се направи во печатеното издание, која потоа би се појавила и на сајтот.

Пристрасност: Веста, вака како што е пренесена, е бездруго пристрасна. Пристрасноста доаѓа од премолчувањето и недостигот од дополнителна анализа на наводите во соопштението.

Квалитет на насловот: Насловот информира за главниот настан во веста, но без претензии да проблематизира или загатне зошто се случило она што се случило. Иако можеби не е инвентивен, насловот во основа е информативен. Но, за жал, не кажува ништо за позадината на откажувањето на аукцијата на ДХВ. Покрај тоа што веста е преземена од МИА, заедно со неа преземен е и насловот.

Фотографија: Фотографијата претставува добра илистрација. И иако не е наведен нејзиниот извор, таа сигурно потекнува од богатата фото архива на весникот.

Заклучок: Останува прашањето дали е во ред да се објави соопштение на некоја институција и организација дури и кога содржи спин без да се истражи и објасни тој спин веднаш. Дали е ова добра политика – читателите да се запознаат со едната страна, а во некоја подоцнежна прилика евентуално да им се пружи дополнителна анализа. Останува да се види дали медиумот ќе се потруди да го изанализира ова сопштение. Ако тоа, сепак, помине без дополнителна обработка и ако не се проблематизираат наводите мегафонски објавени од страна на државната агенција, тогаш, за жал, ќе мораме да констатираме дека спинот на Министерството за финансии бил успешен.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

и точни и неточни

делумно

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

не аплиактивно

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

целосна копија (агенциска вест)

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

информира

некреативен

несензационален

соодветен

јасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести