verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: ОБСЕ/ОДИХР: Бојкотот не е демократско решение

on 21 - 04 - 2014       

telegraf_mk_aktuelno_makedonija_135288-obseodihr-bojkotot-ne-e-demokratsko-resenie-crop-resize

Текстот што го рецензираме половично ја информира јавноста за првичните заклучоци од монитирингот на набљудубачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР и Парламентарното собрание на Советот на Европа  (ПССЕ) за првиот круг од претседaтелските избори. Во него се прикриваат битни информации за однесувањето на  медиумите и за партизираноста на државата, а на кои е отстапен прилично голем простор во прелиминиарниот  извештај на набљудувачите.

Имено, наспроти сериозните забелешки кои се искажани во Изјавата за првичните наоди и заклучоци за досегашниот тек на изборите, во текстот се дава само еден површен приказ. И притоа критиките за непрофесионалното однесување на медиумите и нерамноправната битка меѓу претстедателските кандидати сe само бегло  нафрлeни во вториот дел од материјалот. Ваквиот начин на обработка и пласирање на информациите е во спротивност со принципите на професионалното и етички исправно новинарство – првиот амандман од Кодексот на новинарите, каде, меѓу другото, е наведено дека: новинарот нема да прикрива суштински податоци.

telegraf_mk_aktuelno_makedonija_135288-obseodihr-bojkotot-ne-e-demokratsko-resenieЛинк до оригиналниот напис: ОБСЕ/ОДИХР: Бојкотот не е демократско решение

Датум и време на објавување: 14.04.2014, 14:23

Датум на рецензирање: 15.04.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

АВТОЦЕНЗУРА

Текстот се повикува на прес-конференцијата на шефот на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, Герт Аренс и на шефот на набљудувачката мисија на Советот на Европа, Стефан Шенах и нивните  изјави се точно пренесени. Но, проблемот е во тоа што се има селективен пристап во прикажувањето на податоците.

Во материјалот фали делот од изјавата на Аренс за медиумското поведение:

„Имаше недостиг од политичка анализа и независно известување. Јавниот радиодифузер не успеа да обезбеди избалансирано покривање на изборите“

И никаде во текстот не се споменува „феноменот автоцензура кај медиумските чинители“, нотиран во Изјавата за првичните наоди и заклучоци, каде со внимателно одбрани зборови, но прилично експлицитно стои дека:

 „во  најголем дел од радиодифузерите кои беа предмет на мониторинг беше очигледно неизбалансирано  известување и неправично претставување на учесниците во изборниот процес во корист на кандидатот на  на  владејачката партија.“ 

Притоа, неколку телевизии со национална концесија се посочени дека  не обезбедиле политичка дистанца.  

Кампањата на кандидатот – актуелен претседател беше медиумски покриена со позитивен тон на МРТ-1 и МРТ-2, додека пак медиумското покривање на останатите тројца кандидати беше главно неутрално.“

За  Сител, Канал5 и Алфа, пак,  е наведено :

„Додека тонот во медиумското покривање за Иванов беше главно позитивен и неутрален, тонот во медиумското покривање з а Пендаровски беше повеќе негативен.“

А за „неуспехот  на јавниот сервис да обезбеди балансирано и рамноправно покривање“ е нагласено дека:

 „е спротивно на параграф 7.8 од документот од Копенхагег на ОБСЕ од 1990 година”

 

23 ЧАСА ЗА ИВАНОВ, А САМО ЕДНА ДЕБАТА

Привлекува внимание тоа што во првичниот Извештај на  ОБСЕ/ОДИХР и ПССЕ е посочено дека мониторингот на  споменатиите телевизии  утврдил:

„Одреден број на теми слични по содржина објавени од овие три телевизиски куќи, кои упатуваа главно на неидентификувани или анонимни извори и беа пристрасни против СДСМ“

Набљудувањето пак, на платеното политичко рекламирање покажало:

„Дека повеќе од 23 часа од таквите рекламирања го промовираа  Иванов, повеќе од 7 часа го промовираа  Поповски и ГРОМ, додека само 3 часа беа во полза на Пендаровски“

Во Извештајот се забележува и за тоа што:

Во текот на кампањата постоеја ограничени можности за соочување со  Иванов. Беше организирана  само една дебата – на МРТ 1, на која се појавија сите четири кандидати. После дебатата јавниот радиодифузер организираше програма со дискусии која главно се фокусираше на перцепцијата за неуспесите на  Пендаровски.

Меѓутоа, ниту една од овие забелешки  нема во текстот. Исто така, во написот, случајно или намерно, не се посветува соодветно внимание ниту на делот од Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР,   во кој се вели:

Значителната предност со средства на кандидатот – актуелен претседател резултираше со негова надмоќ во платените билборди и постери.  Забележливо, на митинзите на кандидатот – актуелен претседател во голема мера беа присутни премиерот и останатите министри од кабинетот. Јасната поддршка за Иванов во текот на изборната кампања придонесе кон нерамноправен терен и нецелосно почитување на раздвојувањето на партијата од  државата, согласно побарувањата од ставот 5.4 од Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 год, како и стандардите на Советот на Европа.“

со што на јавноста и се ускратува можноста да биде објективно  и точно информирана.

 

НИТУ ЗБОР ЗА ПРИТИСОЦИТЕ ВРЗ АДМИНИСТРАЦИЈАТА

Во материјалот што е предмет на оваа рецензија нема ниту збор и за  забелешките за притисоци од страна на владејачката партија врз администрацијата :

„Обвинувања за застрашување на кандидатите и злоупотреба на државните ресурси преовладуваа за време на кампањата. Долгорочните  набљудувачи на ОБСЕ/ОДИХР примија одреден број веродостојни наводи за притисок, особено врз вработените  во јавниот сектор, вклучувајчи: притисок за присуство на митинзите, понекогаш дури и во текот на работното време; притисок да не се присуствува на собирите на опозицијата; ветувања или закани во однос на вработување во администрацијата; стимулации за гласање како што се бенефиции за социјална заштита; и партиски активисти кои бараат од јавните и државни службеници да обезбедат листа со идентификувани гласачи кои ќе гласаат за владејачката Партија“.

А,  воопшто не се споменува ниту тоа дека предмет на интерес на набљудувачите било и прашањето за „ големиот број на гласачи кои се регистрирани на иста адреса, а на која, се чини дека не живеат.“

„Кога НМИ на ОБСЕ/ОДИХР го покрена ова прашања  пред министерката за внатрешни работи, таа потврди дека Законот  „молчи“ во однос на тоа колку лица може легално да бидат регистрирани на истата адреса“

 

АМОРТИЗИРАЊЕ НА КРИТИКАТА

Сите овие  битни согледувања се премолчени во материјалот што им е презентиран на читателите, а кои даваат една сосема поинаква слика за тоа каква атмосфера на изборниот процес во Македонија виде  Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР и на ПССЕ.

Необјективениот пристап  јасно  покажува  на која страна е наклонет текстот. Впрочем, тоа се гледа и во изборот на насловот со кој е озаглавен написот. Во ситуација кога се искажани сериозни критики:  за контолирани медиуми, неизбалансирано известување, нераздвојување на партијата од државата и злоупотреба на државни ресурси, да се избере наслов: „ Бојкотот не е демократско решение“ (оценка која е  давана повеќе пати пред денот на изборите), е тотално промашување.  Но, тоа во случајот е свесно направено, во функција на пренасочување на вниманието во еден друг „двор“.

Добрата страна на текстот се трите фотографи. Фоторепортерот успеал да направи  прилично впечатливи фотографии од прес-конференцијата  на шефот на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, Герт Аренс и на шефот на Набљудувачката мисија на Советот на Европа, Стефан Шенак.

И сосема на крај, делува поразително, но  ваквата маргинализација на суштинските забелешки од мониторингот со намера  да се амортизира критиката и нештата да се прикажат во една побенигна форма, само го потврдува впечатокот на набљудувачите за „автоцензура и индиректна контрола на владејачката партија врз медиумите“.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

веродостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

нема лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

несензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

информира

наведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

стилски уреден

поврзан со тагови

Претплатете се за најнови вести