verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Нова градинка во Капиштец ќе згрижи 400 деца

on 14 - 03 - 2013       

Класичен пример на некритичко, пристрасно и политички наклонето известување за настан кој претставува непримерно ангажирање на јавни функционери и на јавни фондови во кампањата за локалните избори, како специфичен облик на предизборна корупција.

(1) recenzija-nova-gradinka-vo-kapishtec-kje-zgrizhi-400-decaЛинк до оригиналниот напис: Нова градинка во Капиштец ќе згрижи 400 деца

Датум и време на објавување: 10.03.2013 13:30

Датум на рецензирање: 11.03.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост на факти: Текстот се темели на факти, за кои претпоставуваме дека се точни и веродостојни, бидејќи потекнуваат од два официјални и релевантни извора. Како и да е, презентираниот факт дека ова е првата влада која гради детски градинки после 1985 година, не е поткрепен со аргументи. Освен тоа, текстот пласира наводи кои претендираат да бидат сметани за факти, а кои немаат врска со контекстот на клучната информација во текстот – дека покрај градинката во Капиштец, ќе бидат изградени и основно училиште, пензионерски дом, општинска зграда, како и пет спортски сали. Кандидатот за градоначалник Владимир Тодоровиќ ја користи приликата и наклонетоста на медиумот да ги презентира своите проекти.

Извори на информации: Во текстот се користени именувани, официјални и релевантни извори: градоначалникот на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и министерот за труд и социјала, Спиро Ристовски. Клучниот проблем во изборот на изворите е што тие, во конкретниот случај, се директно засегнати извори, бидејќи се учесници во изборната кампања – првиот како кандидат за градоначалник, а вториот како член на раководството на партијата што го кандидира. Во таа смисла, станува збор за еднострани извори.

Едностраноста дополнително се потенцира и поради фактот што на крајот на овој промотивен текст, во една реченица, е објавена директна порака на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Тодоровиќ, до кандидатот на опозицијата, Андреј Жерновски, „да не се служи со лаги, бидејќи функцијата градоначалник е одговорна и сериозна“. Елементарната коректност налагала непознатиот автор на текстот да ја сослуша и другата страна (audiatur et altera pars), односно да објави изјава на Жерновски, или да се повика на негова претходна изјава.

Содржајност: Две полуинформации, клучни за аголот на текстот, не се доволно објаснети и бараат дополнителни експликации.

Прво, тоа е тврдењето на министерот:

„Во Македонија ние сме прва Влада и први локални самоуправи кои после 85-та година градат детски градинки“.

Оваа изјава, секако, е дадена во функција на самопромоција, но таа е несеопфатна, бидејќи недостасуваат аргументи во нејзина одбрана. Малку е веројатно дека во Македонија од 1985 година до оваа влада не е изградена ниту една детска градинка. Како и да е, авторот бил должен да побара објаснување и да пласира комплетна информација.

И второ, нејасно е која е причината поради која Тодоровиќ му се обраќа на Жерновски со порака „да не се служи со лаги“. За да има смисла, оваа реченица треба да биде поврзана со текстот со контекстуална единица.

Пристрасност: Како што веќе утврдивме, поради својата несеопфатност и извесни веќе нотирани нејасности, написот делумно ја прикажува вистината. Но, она што е карактеристично е дека веста содржи еден специфичен спин, поради кој, всушност, е предмет на анализа.

Имено, постои непишано етичко правило, според кое во екот на изборните кампањи, за активностите на државните функционери од промотивен карактер, а особено тие поврзани со трошење буџетски пари, да се известува во намален обем, или целосно да се игнорираат. Дотолку повеќе што во случајов, кандидатот Тодоровиќ ги злоупотребува и буџетските пари за својата кампања, но и авторитетот на министерот, чие појавување во функција на ваква груба партиска пропаганда само по себе не е дозволено.

Настаните како овој, претставуваат користење на јавните фондови за кампањата на кандидатите за локалните избори, што е специфичен облик на изборна корупција. Новинарите не можат да ги спречат таквите настани, но можат да одлучат како ќе известуваат за нив. Обемното, наклонето и политички пристрасно известување за тие настани, како во случајов, претставува директно соучесништво во таквата компромитација на изборниот процес.

Коментирање: Написот содржи коментаторски елементи, односно суптилна критика на претходните влади и локални самоуправи, поради тоа што, наводно, од 1985 година до денес воопшто не граделе детски градинки. Коментарот е инкорпориран во изјавата на министерот Ристовски, но поради неговата засегнатост и пристрасност, уверливоста е доведена под прашање.

Плагијат: Не е наведен авторот на текстот.

Фотографија: Манипулативниот дискурс на објавувањето на оваа фотографија (и видео-запис) се состои во доминацијата на два лика: кандидатот Тодоровиќ и министерот Ристовски. Имено, министерот не е министер само на припадниците и на симпатизерите на партијата чиј кандидат е Владимир Тодоровиќ, туку функционер кој извршува јавна функција, за што прима плата од буџетот, во кој се слеваат пари од сите граѓани. Фотографијата нагласено го прикажува она што е присутно и во самиот текст – ангажманот на министерот (во својство на јавен функционер, а не во својство на член на раководството на својата партија), во кампањата на кандидатот за градоначалник.

Заклучок: Кампањата за локалните избори 2013 година изобилува со настани како овој, што е предмет на анализата. Не постои јасна граница меѓу ангажманите на јавните функционери во нивното својство на службеници кои треба да им служат на сите граѓани (бидејќи од нивните пари и живеат) и во нивното својство на партиски функционери. Напротив, тие секојдневно организираат промотивни настани, на кои ги рекламираат своите проекти, за кои се трошат огромни буџетски пари. Тоа се прави во функција на промоција на кандидатите на владеачката коалиција за градоначалници и за советници.

Екстензивното и политички пристрасно известување за овие настани ги доведува медиумите во улога на соучесници во ваквата компромитација на изборниот процес, која ја губи својата суптилност и станува сѐ погруба и повидлива.

(2) Рецензија: Нова градинка во Капиштец ќе згрижи 400 деца

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести