verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумите за полицијата (2)

on 13 - 03 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

Пишува проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

mediumite-za-policijata-2

Фотографија: Ванчо Џамбаски

Втор дел од анализата на тема најчести проблеми со кои се соочуваме при известувањата за полициските акции или за случувања поврзани со полицијата. Во првиот дел беа обработени пренесувањето изјави на функционер на Министерството за внатрешни работи (МВР) наместо новинарски анализи и прашањата поврзани со примената на законите.

1. Одговорност на државата за квалитетот на кадрите кои имаат право за употреба на насилство

Во одговорите дадени за случајот на убиството на Мартин Нешковски, министерката за внатрешни работи изјави: „Инцидентот беше изолиран“ и „Вакви немили настани имало и за жал ќе има и во иднина“. Медиумските извештаи од овој случај и други слични случаи не се задржаа на ова и слични тврдења и не ја прават врската со одговорностите кои државата ги презела со Уставот, меѓународните ратификати и националните закони.

Токму во оваа насока се и препораките на Европскиот суд за човекови права според кој:

„…примарна должност за државата да донесе законодавна и административна рамка, дизајнирана да обезбеди ефективна превенција. Оваа рамка мора да вклучува регулатива наменета за посебните карактеристики на одредени активности, особено внимавајќи на нивото од потенцијален ризик за човековиот живот. Државата мора да демонстрира особено внимание и да ги дефинира ограничените околности кога службените лица за спроведување на законот може да користат оружје.“

Во случајот Сашо Ѓоргиев против Македонија, ЕСЧП констатира дека во одговорот добиен од Владата во врска со процедурите на регрутирање и обука на лицата кои имаат право да носат оружје нема информации за тоа:

„…дали било каква оценка била направена од националните органи во однос на тоа дали Р.Д. бил способен да биде регрутиран и вооружен со такво оружје кое доведе до инцидентот во прашање. Во такви околности, Судот смета дека штетното дејствие што Р.Д. го презеде во барот мора да биде припишано на одговорната држава.“

Интересен момент во известувањето на медиумите е индивидуализацијата на случаите. Имено, полицајците не се третираат како дел од Министерството за внатрешни работи, како луѓе на кои државата им доверила носење и употреба на оружје и за кои државата презела одговорност да ги научи и да ги контролира, туку како индивидуи (поединци) кои треба да бидат перципирани на истоветен начин како било кој друг поединец.

На пример, во медиумите се појавува информација дека:

„Како што пишува натаму скопскиот весник, двајцата осомничени за нападот врз Алчев за себе имаат работни досиеја со бројни дисциплински мерки, а Зоран во февруари добил и отказ од МВР, бидејќи заедно со Јоцо учествувал во тепачка во ноќниот бар ‘Аудиториум’ кога нападнале ракометари на Металург. Поради инцидентот Внатрешната контрола на МВР го дала Јоцо на дисциплинска постапка и бил парично казнет и прераспределен на друго работно место.“

Во врска со ова во медиумот не се поставува прашањето, како може полицајци со бројни дисциплински мерки да бидат сè уште полицајци? Каков е системот на заштита на граѓаните во ситуација кога МВР нема начин за селектирање на тие кои ќе носат униформа. И која е одговорноста на МВР за  тоа граѓаните да не бидат изложени на насилство од страна на државни службеници.

Отсуството на елементарна подготовка за пишување на ваков вид написи (со читање барем на Законот за полиција) доведува до ширење заблуди кај граѓаните. На пример насловот:

„МВР: Се трага по напаѓачите на Алче. Лицата не биле на службена должност“

имплицира дека МВР нема врска со напаѓачите. Ова е апсолутно неточно ако се има предвид чл. 13 од Законот за полиција според кој:

„Полицискиот службеник е должен надвор од работното време да преземе неопходни мерки според околностите на случајот, заради заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните.“

Ова значи дека однесувањето на полицаецот не е поврзано со работното време туку со неговата служба. Меѓутоа, во реалноста се случува токму обратното: наместо да го оставаат службеното оружје во заштитените простории пред да излезат од работа, полицајците ја оставаат службената должност во работните простории, а со себе го понесуваат службеното оружје.

Дури и за случаи каде што се вмешани раководни лица во полицијата, како што е на пример во акцијата „Детонатор“, новинарите не го поставуваат прашањето за поширока одговорност на МВР и начинот на кој се врши селекцијата и контролата над кадрите во полицијата, кариерното напредување и соодветната контрола над нивното работење.

Истото прашање може да се постави и за случајот опишан во весникот „Вечер“ според кој:

„Полицаец од Демир Хисар нападнал човек, а потоа и пукал во него затоа што направил инцидент во кафулето на неговиот брат, соопшти МВР. Полицаецот Н.Н. (32) ќе одговара само за предизвикување општа опасност иако посегнал по службеното оружје кога не бил на должност.“

Или за случајот на неовластено користење на службените пиштоли и загрозување на безбедноста на граѓаните во Куманово,во напад на свој колега, напад на судија, тепање на навивачи.

Се наметнува прашањето дали овие новинари навистина мислат дека полицаецот, кому ние сите заедно сме му довериле лично и формациско оружје но под мошне строги услови за да нè брани пред сè и над сè нас граѓаните е „обичен граѓанин“? Или, барем дел од новинарите можеби свесно се обидуваат да ја расплачат јавноста над тешката судбина на овие „обични граѓани“ со цел таа, јавноста да не обрне внимание не само на секојдневното и се’ поголемо оддалечување на Полицијата од народот што токму таа треба да го штити туку и обратното – постепено поставање на народот во улога на непријател што треба да биде тепан, па дури и претепан до смрт.

2. Следење стории

Освен во ретки исклучоци, новинарите многу ретко го следат развојот на сториите поврзани со дејствувањето на полицијата. Имено, нема посложени анализи во кои би се направило поврзување на различни стории, ниту пак се следи завршницата од започнати процеси.

На пример, што се случило со лишените од слобода, дали била поведена постапка, дали се соодветно казнети полицајците кои направиле прекршувања и најважно од сè, дали се преземени системски мерки за промена која би го намалила бројот на ваков вид прекршувања.

Медиумите не ги искористуваат претходно напишаните стории во функција на анализа. На пример во известувањето за новиот прием на полицајци во МВР („Јагма за вработувањата во полиција“) оваа информација не се поставува во контекст на проблемите со необучени полицајци или злоупотреба на полициската функција, неоправдана употреба на сила и сл. Имено, не се анализираат критериумите за вработување, начинот на селекција на кадрите и понатамошната обука која треба да ја поминат пред да добијат оружје во раце.

Дури и во случаите кога во медиумското известување ќе биде воочен проблемот, тој не се анализира понатаму:

Овој интерес можеби се должи и на пропозициите дадени во огласот, во којшто строг е единствено критериумот за физичката подготвеност. Кандидатите треба да имаат под 25 години доколку за прв пат бараат работа, минимум четиригодишно средно образование, да не се осудувани и да немаат судска забрана за вршење на професијата полициски службеник.

Во известувањето не се користат случаи кои веќе предизвикале внимание, како на пример пукањето во интернет кафе од 2011 год. или за полицаецот кој насилно се однесувал во Крушево. И во овој случај сторијата не се проширува и не се поставуваат прашања за одговорност на државата олицетворена во МВР, за изборот и контролата на службениците кои имаат право да носат и употребат оружје.

3. Политичка конотација

Претставувањето на полициското делување во голема мера зависи од тоа кој медиум го врши, односно, кон која политичка опција припаѓа медиумот.

Во провладино ориентираните медиуми насловите и целиот начин на прикажување на настаните често се поставени на таков начин што прашањата кои би требало да бидат упатени кон МВР и власта се заменуваат со воспоставување на негативна  врска со опозиционите партии.

На пример насловите „Екс-обезбедување на СДСМ го избодело директорот на охридски ’Комуналец‘“ или „Обезбедувачот на Шеќеринска го избол директорот на охридски Комуналец?!“, „Обезбедувачот на Шеќеринска го избодел Сашо Алчев?!“, потполно го игнорираат фактот дека станува збор за активни полицајци, вработени во МВР и дел од одговорноста на МВР, односно, воопшто не упатуваат на делување на полиција (дури ни во индивидуално својство, а камоли како државни службеници за кои е одговорно МВР).

На порталот Комуникација.мк, е отидено и чекор понатаму, и наместо да биде дадена фотографија на МВР или на министерката за внатрешни работи (со оглед на тоа дека станува збор за вработени во ова министерство), во текстот е ставена фотографија на Радмила Шеќеринска што заедно со насловот „Бодигардот на Шеќеринска го избодел Сашо Алчев?“ отворено ги дезинформира граѓаните и наместо одговорност на министерството одговорноста ја става во контекст на член на опозиционата политичка партија.

Од друга страна, во медиумите кои се блиски до опозицијата, постои тенденција за неосновани обвинувања на полицијата за пречекорување на овластувањата.  Последен пример е медиумската вест пренесена од неколку опозиционо ориентирани медиуми под наслов: „Полициска бруталност кон лицата од отпорот“, „Полициска бруталност кон младите од Отпорот“ и „Полицијата денеска ги туркаше отпорашите“. Во ниту еден од овие медиуми не е дадена законската определба на полициска бруталност и не е направена анализа за тоа дали навистина во случајот станува збор за вакво нешто или не? И, впрочем, зошто да го направат тоа кога тие „само пренесуваат“ – пренесуваат што кажало МВР, што кажал некој политичар, што кажал … Се чини дека единствено што не „пренесуваат“ се: вистинити, објективни и непристрасни информации за јавноста.



Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести