verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Народот го поддржа Груевски, расте нервозата во СДСМ

on 23 - 03 - 2015       

111-09876-09854-crop-resize

 

Максимално едностран напис, кој не се ни труди да ја прикрие својата наклонетост кон власта. Четиво кое изобилува со „ударнички“ пароли и со пораки за т.н. „народна поддршка“ за премиерот. Со мали модификации и промени на имињата, материјалот објавен во 2015 година, лесно би можел да помине како текст пласиран во, на пример, 1947 година, во некое од гласилата на „Партијата“.

111Линк до оригиналниот напис: Народот го поддржа Груевски, расте нервозата во СДСМ

Датум и време на објавување: 17.03.2015, 16:05

Датум на рецензирање: 20.03.2015

Рецензент: Владимир Мирчески

 

ПАРТИСКО ВЕЛИЧЕЊЕ СО МЕДИУМСКО РЕЦИКЛИРАЊЕ

Не знам колку би било умно да навлегуваме во новинарско расчленување на текстот зашто идејата зад неговото создавање, судејќи од финалниот продукт, воопшто и не е новинарска. Материјалот е креиран само за да се величат ликот и делот на лидерот, без трошка искрена журналистичка интервенција која би го оправдала медиумското „рециклирање“ на два дена бајатиот настап на „лидерот“ на партискиот собир во Скопје. Секако, тука од новинарска гледна точка, не може да се смета за доволно, но и легитимно покритие на написот, пласирањето на т.н. „мислења, размислувања и согледувања“ на еден новинар и на еден аналитичар бидејќи нивните изјави се само декор – разубавување на бетонираниот заклучок за „народот зад Груевски“. Ако веќе се сакало да се сецира говорот на премиерот, пораките што ги испрати, како и таа фамозна народната поддршка, тогаш тоа не се прави само со соговорници кои, самостојно или инструирано, ја гледаат единствено официјалната страна на приказната, нормално пласирана од актуелниот естаблишмент. Таквиот пристап е недозволив зашто, според анкетите, па и тие нарачаните, има друга сериозно бројна група граѓани во оваа земја, која не смета дека „јавноста е со Груевски“ и дека „нему му се случил народ“ – позиција која ја делат и не малку експерти, чии ставови, секако, требало да бидат дел од овој прозивод, со што би се надградил неговиот, за жал, сега веќе конечен непрофесионален изглед.

 

ЗА МАНИТЕ, ФЕЛЕРОТ И ЗА КОНЕЧНИОТ БЕРБАТ-ТЕКСТ

Малку околу делот за масовноста на собирот. Неспорно е дека имаше илјадници граѓани, што и не е некој преголем дострел, зашто знаеме од искуство дека ниту на власта, ниту, пак, на опозицијата не ѝ претставува некаков голем проблем да „извади“ луѓе на улица. Но, да бидеме искрени, за овој конкретен, ајде да го наречеме, митинг под затворено, имаше многу медиумски извештаи дека луѓето биле под притисок и координарано носени во Скопје, што во најмала рака ја нарушува цврстината на тезата за „широка народна поддршка“ – термин кој подразбира доброволност, а не организирани листи, телефонски повици и наредби од штабот.

Покрај овие сериозни мани, можеби клучниот фелер е што на тврдењето за „народ“, кое, како што веќе рековме, е не докрај изанализирано и аргумнетирано, се лепи и таа т.н. „нервоза во СДСМ“,  која со ништо не е поткрепена и мириса на голем спин. Барем да имавме официјален став од опозицијата наведен таму некаде на крајот, колку „уста да се испере“. Дека токму ова е сегментот на кој некој дал сериозен акцент, зборуваат и употребените стилски „средства“ од типот коментари, обвинувања…

„Граѓаните јасно кажаа дека довербата ја даваат за проекти со кои ќе им се подобри животот, а со масовното присуство дадоа одговор и го срушија сценариото на Заев и наредбодавачите;“

 

„Ваквите лаги се само уште еден доказ во низата дека СДСМ нема научено дека довербта е важна кај народот. Дека со доверба кај народот се бара поддршка и дека токму граѓаните се тие кои одлучуваат. Една од главните причини поради кои СДСМ веќе девет години се во опозиција, е потценување на народот и несфаќањето дека луѓето одлучуваат на кој и во што ќе веруваат.“

Ако ова не е пристрасност, тогаш не знам што е…

Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти – член 14 од Кодескот на новинари.

А, за коментарите кои се пласираат како некаква си новина:

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот – член 13 од Кодексот на новинари.

Оттука, понудената содржајност ама баш ич не привлекува со квалитет. Главната одлика е агитпроповската нота и затоа ќе кажеме дека овојпат „навистина се случи, ама бербат-текст“.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

и да и не

официјални, анонимни

релевантни, нерелевантни

повеќе извори

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести